Претставниците од КП се состанаа со претставници на Главниот координативен кризен штаб. На состанокот беше презентиран и дискутиран предлог-протоколот за организација на јавни настани во услови на Ковид-19, внимателно изработен од страна на членовте на КП.
На иницијатива на министрите од Главниот координативен кризен штаб, неделава ќе оствариме средба со претставници на Комисијата за заразни болести, на која предлог-протоколот ќе биде образложен пред стручни лица и ќе се утврдат конкретни мерки и временски рокови за реактивирање на нашата работа.
Согледувајќи ја потребата од повторно вклучување на капацитетите за продукција и реализација на јавни настани од областа на културата и земајќи ги предвид околностите и мерките за заштита преземени од надлежните институции, Здружението на културни промотери – КП ги разгледа можностите за реактивација на дејноста и дојде до неколку предлог-решенија.
Со цел да се спречат неорганизираните собири во јавност и да се намали притисокот за изработка на протоколи и креирање нови форми на работа, кој во овој период паѓа врз грбот на Комисијата за здравство и другите надлежни институции, Здружението на културни промотери – КП, реши да ги здружи своите интелектуални и искуствени капацитети, со цел да понуди одредени предлози и решенија што ќе го олеснат и поедностават процесот на подобрување на состојбата во овој сектор.
По веќе објавениот протокол за јавни собири изработен од страна на Светската здравствена организација, изработивме прилагоден предлог-протокол за одржување настани во нашата држава. Доставен е до надлежните институции од кои се очекува брза реакција и одговор, со цел усогласување на ставовите и предложување на протоколот на владина седница.
Предлог-протоколот ги дефинира сите протоколарни параметри по кои би се воделе организаторите на настани, како и мерките за претпазливост и заштита, кои би биле преземени при реализација на настаните.
Би сакале да нагласиме дека оваа иницијатива е поттикната и креирана во согласност со позитивните искуства од соседните земји, како и позитивните искуства од нашите соработници од европските земји, кои веќе започнаа со реализација на настани.
Земајќи го предвид фактот дека оваа дејност, преку вработувања, директно инволвира илјадници луѓе во Македонија, а индиректно засега стотици илјади луѓе, сметаме дека е неопходно да се донесат одредени нормативи по кои овој сектор ќе продолжи да функционира во следниот период.
Како директни креатори на културните содржини и јавни настани пред публика, имаме силна желба директно да се вклучиме и да помогнеме во процесот на справување со кризата и нормализирање на состојбата, а за таа цел нудиме одговори и решенија.
Членови на здружението се:
ЗДРАВО МЛАДИ
Avalon Produkcija
Skopje Calling
Ohrid Calling
Skopje Jazz Festival
OFFest
Password Production
Д Фестивал
Таксират Фестивал
Podium
Sun Production
PMG Recordings
Овде е добро
Земјотрес
Funky Fresh
Skopje Vinyl Convention
Pragma Production
Sure Shotz
МКЦ Шизи