ВЕСТИ

Заврши 19. издание на фестивалот „CINEDAYS“

Цело Скопје стана кино-простор

Со премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов, под отворено небо на покривот на ГТЦ, и со концертот на Здружението на џез-музичари и гудачки оркестар во парк МКЦ, на 24 септември беше затворен 19-тиот Меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“.

Одлична организација на 19. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје. Веќе станува очигледно дека за тимот од Младинскиот културен центар колку се потешки условите за организација на фестивалот, вложуваат толку повеќе ентузијазам и имаат нови креативни идеи за реализација.

Овој пат филмските проекции се одвиваа на девет локации на отворено, речиси низ цело Скопје. Со мото „Филм на секое платно“ од 18 до 24 септември на програмата беа околу 40 филма што се прикажуваа на филмски платна поставени во Градскиот парк, парк Ибни Пајко, парк МКЦ, на терасата во Дом за култура „Кочо Рацин“, додека поп-ап киното беше поставено во парк Кисела Вода и пред некогашните градски кина „Влае“, „Маџари“ и „Напредок“.

Деветтата локација, покрив ГТЦ, ексклузивно беше искористена за премиерата на македонскиот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов. Организаторите објавија дека на филмските проекции имало околу пет илјади посетители. Последната вечер на кровот на ГТЦ беше присутен целиот државен врв, вклучително и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Пред премиерата на филмот беше најавена и кандидатурата на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година и беше побарана поддршка од претседателот Пендаровски за уредување на покривот на ГТЦ како нова културна локација. Градоначалникот на Скопје, Шилегов, потенцираше дека коронавирусот сите нѐ натера да излеземе од киносалите и да гледаме филмови на отворено, а фестивалот „Синедејс“ тоа го направи на најубав начин со реоткривање на кино-просторите низ градот.

Фантастично дополнување на муабетите за локациите низ Скопје беше филмот „Хомо“ на Игор Иванов, чиј главен продуцент е „Скопје филм студио“. Станува збор за современ и урбан филм, целосно снимен на локации и улици низ Скопје. Преплетените приказни што ни ги доловуваат главните ликови се однесуваат на обични луѓе што ги носат прангите на економската зависност, но и пороците на современото општество, а во филмот насловени како човек што работи, што обожува, што игра, што се смее, што заработува и човек што љуби.

Жанровски филмот е драма со моменти на црна комедија, а сите приказни се поврзани со љубов. Наскоро филмот ќе почне да се прикажува на кинорепертоарот и тогаш ќе имаме дополнителен мотив да му се навратиме.

За наградите на 19. „Синедејс“ одлучуваше комисијата во состав Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следните награди: во официјалната селекција наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули; во ЈИЕ програмата наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја доби филмот „Оаза“ во режија на Иван Икиќ, а Специјално признание во истата програма доби филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ. На фестивалот се одржаа и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.

Тони Димков

*Текстот е преземен од Слободен печат

МКЦ