ВЕСТИ

МКЦ отчет 2020

Отсекогаш ни било тешко да започнеме текст во кој треба сами на себе да сме си уредници и да одлучиме што да издвоиме за изминатата година, а што не. Овој пат е многу лесно, од почеток знаеме која тема нема да ја спомнуваме – ќе се задржиме единствено на убавите настани, случки, појави и вкусни нервози што ја одбележаа нашата 2020 година, а на кои сме особено горди.
И уште една забелешка од авторите: за нас, 2020 уште не пристигнала и не е достојно прославена, така што ќе ја дуплираме следната година, тоа е од нас.
Додека уште со пенкало пишувавме 2020 2020 2020 и колку чудно ни изгледаше тоа 20 20 напишано еднододруго, по зимскиот распуст, започнавме со настани, традиционално понесени од желбата да се дотрошат набиените калории од периодот на лежење дома.


Јануари. Прв настан за 2020 беше РОДЕНДЕН-от, со кој секоја година, како роденден на МКЦ, честиме бесплатна целовечерна програма. На музичкиот репертоар ги погледнавме DOGS IN KAVALA (GR), PORTO MORTO (HR) и LOCAL BLUE (MK). Со свој диџеј-сет во Ап(о)теката на МКЦ нѐ почести и Бојан Чакра, додека вечерта ја затворивме женски, со три диџеј-сета на Теа Шалдева, Ивана Драгшиќ и Виолета Качакова. Вечерта имавме и предавања во нашиот единствен непреболен Планетариум, изложба на Марина Убавкова во Галерија, а успеавме и да промовираме нов галериски простор во МКЦ во горното фоаје на Фросина, кој го отворивме со изложбата „Мали хумани иновации“ на студентите од Машинскиот факултет. Во Фросина имавме промоција на книгата „Македонска сага“ со филмски рецензии на Сунчица Уневска, додека по неа следеше настап на Импров група со наслов – НАСТАП. Се случи и детска работилница „Играј со светлината“ со Доротеј Нешовски, Нина Максимова и Дени Стојанов, која помина со огромна, огромна посетеност и успех.
Ете така убаво и надежно, поитавме кон освојувањето на 2020 година.
Истиот месец, угостивме концерт на најновата италијанска бонбониера NEW CANDYS, на кои локална придружба им беа LOCAL BLUE, во организација на новата промотерска организација ROTKO books & music, а во меѓувреме се случија и неколку промоции на книги, балетски претстави, театарски претстави од редовниот репертоар на МКЦ, како и една редовна дератизација.


А во февруари – ЗЕМЈОТРЕС. 1.2.2020. Река млади луѓе спуштени накај МКЦ итаат да го видат својот омилен нов бенд, да се фатат за рака додека сѐ уште е легално, или да се фатат за квака можеби, сега и тоа е нелегално. Убава должност е да се најават сите изведувачи што настапија на овој прекрасен настан на кој МКЦ е широкоград домаќин, додека главниот товар паѓа на независните музички издавачки куќи, кои активно, упорно и инаетливо роварат во Македонија. Вечерта настапија артисти со својата најнова свежа музичка понуда и тоа: BarumBarum, Blackstate, Conspiracy, Culture Development, Дактили, Драги Иванов, DS Collective, Filch, Флукс, Galatheia, Last Expedition, Мирко Попов, MvrSvr Production, PMG Kolektiv, Robotek, Сашко Костов, Sethstat, Shock Troopers, Svetlost, Видиновски, Voltaire Mani Al Hakim и Zulu 3.4. Прекрасно разденување.
Следеше и концерт на Minstrel’s gallery и Filch во Денсинг сала, а вечерта и премиера на документарниот филм „Професорот“ во режија на Јордан Дуков во Фросина, спектакуларна, но малку позната приказна за универзалниот уметнички и хуманистички подвиг на еден локален херој, Илија Џаџев, музичар, виртуоз, писател, професор по географија и човек што одржал повеќе од 6.000 концерти низ светот.
На 8 февруари се случи и концертна промоција на ЦРНИЛА REMIX (на винил)! Гостуваа Зад аголот, Dj Oky Doky, Kup De Gras и Double G од Скопски грув.
Бидејќи меѓународниот успех на нашата држава многу ни значи, на сите полиња, од фудбал до најголемо велигденско јајце, така и успехот на „Медена земја“ и самата номинација за две престижни награди на Оскарите ни предизвика невидена еуфорија. Со тоа, решивме да организираме и групно гледање на Оскарите, со пренос во живо на повеќе места низ МКЦ, на кој пречекавме многу луѓе, организиравме и настап на Фолтин, кои ја работеа музиката за филмот, а испивме и по некоја медена ракија. За водителите на вечерта, посебен поздрав.
Месецот го заокруживме со концерти на Фолтин, Hardfaced, Кристијан Волчев и Баклава, имавме промоции на книги и литературни случувања, но овој пат немавме потреба од редовна дератизација.


Март го проследија неколку концерти, промоции на книги, Филмскиот дебатен клуб продолжи со својата дејност и еден супернастан, повеќе замислен како иницијатива со наслов „Овде е добро“, на кој настапија повеќе домашни и меѓународни артисти како Artan Lili (SRB), Pluto’s Doubts (MK), Muhamed Ibrahimi (MK), MvrSvr (MK) и Blackstate (MK).

А потоа – штама. Драмска пауза. Hold button. Halten sie bitte an.

Секако, на почетокот напоменавме дека нема да пишуваме за тоа и со големо задоволство повторно ќе ја избегнеме темата. И не, ние не ја снимивме We are the children на zoom со гудачки оркестар и хор.
Ама ние не сме научени да седиме.


Така, во периодот април и мај реализиравме за нас еден многу значаен и драг проект, КУЛТУРА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА, кој подразбираше настапи на артисти на отворени јавни простори за време на полицискиот час, наменети за културно анимирање на граѓаните низ Скопје, кои можеа да ги следат од удобноста на своите балкони или преку лајв-стримовите на истите. На овие настани сме особено горди бидејќи дел од локалните институции на Град Скопје направија нешто за локалната културна сцена – од една страна уметниците да бидат ангажирани во кризно време, а од друга страна, да се понуди убава содржина за пролетните денови, кои се чинеше траат предолго.
Исто така, мај беше за нас значаен бидејќи за прв пат МКЦ оствари многу тесна програмска соработка со еден од најдобрите регионални културни центри – Кино Шишка од Љубљана, со кои реализиравме десетина концерти тематски наречени „Cross Štream“ концерти, во кои во една вечер се јавува МКЦ со стрим-концерт во живо од кино Фросина, а потоа истата вечер, Шишка ни враќа со бенд од кај нив. Во таа програма, МКЦ се претстави со концертите на Svetlost & Odron Ritual Orchestra, Црнила Ремикс, YÖU, RIB, Druggy & SAM, My Tear, Blackstate и повеќе од достојно ги одбрани боите на нашата музичка сцена.


Јуни, јули и август. Конечно лето. Откако „темата за која нема да зборуваме“ дозволи да се организираат и јавни настани на отворено, но со намален капацитет и под строги услови, се пуштивме во акција. Најпрвин организиравме неколку филмски проекции на отворено со наслов КИНО НА ТРЕВА, организиравме и електроакустичен концерт на одличната пијанистка Дуња Иванова, имавме и доста промоции на книги, а бевме и домаќини на првото издание на најновиот џез музички фестивал КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ во организација на новата дискографска куќа PMG JAZZ од Скопје, на кој како за прво издание, временските услови не му беа наклонети. КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ има за цел да пронајде, создаде, сними и издаде, како и да промовира квалитетна македонска џез, етно и crossover-музика, што е ново и особено значајно за новиот бран на домашни џез-музичари.
Во истиот период го реализиравме и за нас значајниот МКЦ ЗА СКОПЈЕ, настан со кој ја одбележуваме годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на нам познат начин, со бројни музички настани и придружни активности. Тука ги погледнавме настапите на 21 ВЕК, ПЕРИЈА и колективот ЕнДваТри, имавме изложба на фотографии од Скопје под кураторство на Иво Јанковски, настапија и Импров група – НАСТАП и ја промовиравме книгата „СКОПЈЕ: Изгубените чевли на градот“ од авторот Иван Шопов.
Во текот на овој период, бевме домаќини на првото издание на фестивалот на анимиран филм FLIPBOOK FILM FESTIVAL, кој помина со огромен интерес, обезбедивме простор за нашите долгогодишни соработнички од Тиитинк за нивното осмо издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО и за прв пат, целосно ги угостивме нашите пријатели од фестивалот на креативен документарен филм МАКЕДОКС, кој ни ги осветли топлите летни вечери во паркот зад МКЦ. Се случи и Танц фест со интернационални гости, исто во паркот зад МКЦ.
На крај на август, и црешката и шлагот на тортата и омилениот хајп меѓу настаните и сѐ, сѐ, нашиот ЗДРАВО МЛАДИ со неговото јубилејно десетто издание и одлична, одлична атмосфера. Докажавме дека знаеме да играме и со маски во кругови и квадрати и коцки од ограда, а низ морето од емоции нѐ поведоа Efterklang (DK), Funk Shui (MK), PMG Кollective (MK), Lalalar (TR), краткиот музички поздрав на Lepi Xhoni и жешкиот потпис на резидент диџејот DJ Fitz за крајот на убиствената вечер.


Сакајќи да ги искористиме долгите денови и убавите временски услови, септември го напнавме со настани на отворено и тоа: фестивал на детска книжевност „УБАВА ПРИКАЗНА“, изложба на Ертунч Сали, музички фестивал „ДОБРА ИДЕЈА“, промоција на книга на Фросина Пармаковска, дел од настаните за БЕЛА НОЌ. Бевме домаќини и на премиерата на виртуелна театарската претстава „ИДНИНАТА Е ПРИВАТНА“, во режија на Милош Андоновски.
Кон крајот на месецот, го освоивме и Скопје со 18-тото издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS, на три главни фестивалски локации: Градски парк, МКЦ парк и парк Ибни Пајко, како и дисперзирана програма низ скопските населби каде што порано постоеле кина: Маџари, Влае, Дом на градежници, Стара чаршија (кино Напредок), Кисела вода (КВК). Отворивме во Градски парк со македонскиот филм „СТЕЛА“ во режија на Стојан Вујичиќ, а за крај, CINEDAYS го затворивме со спектакуларна проекција на филмот „ХОМО“ во режија на Игор Иванов, на кровот на ГТЦ со повеќе од 500 присутни гости, на дистанца, секако. Истата вечер и голем концерт на Здружението на џез-музичари придружувани од гудачки оркестар и диригентот Емин Џијан со концерт на отворено. Ете и тоа успеавме.


Октомври, продолживме со серија настани, бевме домаќини на ЕХО Фестивал на планински филм и онлајн-настани во рамките на Skopje Vinyl Convention, а организиравме и концерти на Дактили и Александар Велики. Во октомври на нозе ја дочекавме и премиерата на театарската претстава „КОЖУРЕЦ“ во режија на Билјана Радиноска во продукција на Артопија и бевме домаќини на Skopje Drum Talks.


Ноември го отворивме со изложба на Иван Ивановски насловена „РЕЛАПС“, по што следеа одличните концерти на Transhunter и Ambroz, како и концертна промоција на новиот албум од тетовскиот реге-состав Conquering Lion. Ноември за прв пат го вдоми и нашиот најстар и најдраг фестивал, овојпат со своето 45-то јубилејно издание – меѓународниот театарски фестивал МОТ во кој се изнагледавме чуда. Успеавме и покрај сѐ да извадиме и театарска премиера, претставата УНИВЕРЗАЛНА ВО ПЛАМЕН во режија и по концепт на Филип Јовановски и Кристина Леловац, потоа со ексклузивни изведби специјално за фестивалот стримани за домашната и светската публика претставите на одличните ODC Ensamble, ZeKaEm, Lokomotiva, НУ Театар Гостивар, Wonderland театар, АртМедиа и Наташа Поплавска, Пресврт, Артопија, а во живо ги погледнавме претставите на Театар „Ј. Хаџи Константинов – Џинот“ Велес и пријателите Ателје 212 од Белград. Секако, тука се и Slovensko Mladinsko Gledališče, срцето на МОТ. Фестивалот го гледаа повеќе од 3000 луѓе, публика од целиот свет. Чуваме извештаи за секој случај.
Особено важно да се потенцира е и годишната работа на нашиот Детски креативен центар, кој дури и во пандемиски услови, успеа да ја реализира својата програма и тоа: проектите Растеме во стимулативна средина и Запознавање на моето наследство за дечиња со предизвик во развојот, Пишуваме, цртаме, патуваме со серија креативни работилници, работилници за ликовна и применета уметност, обуки за наставници за работа со деца со потреби, обуки за примена на арт-терапија во инклузивни градинки и многу други. ДКЦ е љубовта на МКЦ.


А сега, декември. Пред некој ден концерт на ИСКРА, а како ќе го завршиме, којзнае.
Се шалиме. Знаеме како и за некој ден ќе откриеме, спремаме убаво сочно пакетче за крајот на 2020.
Како за година во која бевме оневозможени да работиме под полн капацитет, сметаме дека сепак и доста сработивме. Важно е дека не се предадовме и успеавме да ги адаптираме нашите активности согласно условите што нужно се наметнаа. Нека дојде кој сака.

Бидејќи љубиме бројки, еве вака: За 2020 имаме 125 посебни настани, 17 манифестации и фестивали во чии рамки имавме 264 настани/содржини. Вкупно 389. Публика, над 25.000 посетители. Не-ве-ро-јат-но ама вистинито.


За темата за која нема да зборуваме, се надеваме дека скоро ќе ја снема, во непознат правец. А за 2021, едвај чекаме.

Благодарност од срце на сите вработени и невработени во МКЦ, благодарност до надворешните соработници, кои имаа трпение за сите процедури на една ЈУ и особено благодарност на 2020 што нѐ направи посилни и нѐ научи како правилно да киваме.

Срдечен поздрав и СНГ,
Тимот на МКЦ