ВЕСТИ

„Крацери“

Жанровски фестивал на кратки филмови

Филмските жанрови се заслужни не само за диверзитет и хибридизација на модерниот филм, туку тие се непресушна ризница за збогатување на филмската уметност со нови и уникатни филмски дела. Во изминатиот век, во светот се оформени стотици фестивали посветени исклучиво на жанровскиот филм, па затоа забележуваме потреба од приклучување на домашната филмска сцена на овие светски текови. 

Фестивалот за европски филм „СINEDAYS“ ја препозна потребата од промовирање на квалитетен жанровски филм во државата, па затоа жанровскиот филмски фестивал „Крацери“ стапи во соработка за прикажување на својата филмска селекција во „Младинскиот културен центар“, како составен дел од 21-вото издание на „СINEDAYS“, од 7-14 јули, 2022 година.   

Жанровскиот фестивал на кратки филмови „Крацери“ ќе ги промовира сите филмски жанрови, кои се дефицитарни на домашната филмска сцена. Тоа значи дека предимство на овој филмски фестивал ќе заземат жанровите: комедија, научна фантастика, трилер, хорор, ноар, вестерн, акционен, танц, експериментален и ангажиран филм. Проекциите ќе се одвиваат во вечерните часови и ќе бидат бесплатни за посетителите.

Целта на жанровскиот фестивал на кратки филмови „Крацери“ е промовирањето на жанровскиот филм, кој воопшто не е застапен на останатите филмски фестивали во нашата држава и нужна е дополнителна афирмација на жанровскиот филм, па затоа здружението за филм и филмска едукација „КРАЦЕРИ“ смета дека се потребни дополнителни заложби за експонирање на жанровскиот филм на домашниот аудиториум, кој ќе има уникатна можност да погледне исклучителни филмски остварувања, кои нема да има можност да ги погледне на останатите филмски фестивали.    

Здружението за филм и филмска едукација „КРАЦЕРИ“ е составено од професионални филмски критичари со децениско искуство и познавање на филмската уметност, кои гарантираат за квалитетот на селектираните филмови. Програмата со селектираните филмови ќе биде објавена наскоро.