ВЕСТИ

„Како крајот и да не е сосема блиску“ го отвори 46. МОТ

„Како крајот и да не е сосема блиску“ – екперименталната претстава без актери на Битеф театар од Србија, а во режија на Никола Зависиќ вечерва во МНТ го отвори 46. Млад отворен театар (МОТ) кој годинава ќе се одржи во целосно физичко издание и во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември.

Претставата е инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Публиката, составена од пет луѓе, може да доживее виртуелно патување низ можните нови светови околу и во нас самите. Низ интерактивна игра на моменталното заедништво, кое се воспоставува во микроструктурата на театарскиот чин, на публиката ѝ се дава можност истовремено да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање. Користејќи ја виртуелната реалност, аудиовизуелните инсталации и текстот, односно гласот што повикува на учество, овој чин станува повик на барем и мала, незабележлива лична револуција…
Претставата во рамки на фестивалот ќе има уште неколку изведби.

Ова е првата од 25 претстави кои ќе бидат изведени во живо во рамки на годинешниов МОТ. „Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46. МОТ и тоа во два блока, првиот посветен на меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и вториот на домашната независна продукција“, истакна деновиве Русе Арсов, директор на МКЦ најавувајќи го фестивалот.

  • Целиот текст и фотогалерија на vecer.press