ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

Женски младински хор на фестивал во Крагуевац

И во услови на ограничувања и пречки за нормална работа, маестро Сашо Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ продолжија со успесите на меѓународна сцена. Имено, од 20-ти до 23-ти август, хорот учествуваше на меѓународниот хорски фестивал „Концепти“, кој секоја година се одржува во Крагуевац, Република Србија. Станува збор за фестивал на камерни хорови со високо поставени стандарди за избор на програма и ниво на изведба. Концертите на фестивалот се посетени од голем број диригенти, музички критичари, како и други профили музички професионалци од Србија.

Маестро Татарчевски за овој фестивал подготви програма со наслов „Од Б(рамс) до Б(ритн)“ опфаќајќи композиции за женски хор, вокални солисти и мали инструментални состави. Беа изведени композициите „Четири песни за женски хор“ Оп. 17 на Јоханес Брамс и “A Ceremony of Carols” Оп. 28 (Божиќни/Коледни песни) на Бенџамин Бритн.

Реакциите на публиката и стручните лица присутни на концертот беа едногласни и во суперлативи за концептот, чистината, квалитетот и музикалноста на настапот на маестро Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ во придружба на пијано и две хорни. Ова и не е чудно доколку се знае дека успешните претставувања на нашата култура надвор од македонските граници е константа во делувањето на Женскиот младински хор при МКЦ и претставува надоврзување на бројните меѓународни награди, признанија и позитивни критики.

Хорот не застанува тука и покрај неповолната ситуација во моментов. Маестро Татарчевски најавува изведба на истата програма на нашите сцени како и подготовка на нови и иновативни програми, кои во иднина ќе бидат презентирани на македонската публика.

Извадоци од концертот и атмосферата на истиот може да се видат на следниот линк: