Кон изложбата ,,Purgatory“ на Бурџу Мусли, Галерија МКЦ, 31.8.2020
„Purgatory“ беше насловот на изложбата на Бурџу Мусли, отворена на 31.8.2020 во Галеријата 2 при Младинскиот културен центар, каде што беа презентирани вкупно дваесет дела од нејзиното рецентно творештво, континуирано создавани во текот на 2020 година и пет од 2019 година.
Бурџу Мусли е авторка од најмладата генерација уметници, апсолвенти/дипломци на Факултетот за ликовни уметности од Скопје, која полека го гради својот пат во водите на уметноста. Доколку се разгледа нејзиното досегашно творештво, и повеќе од евидентно е дека нејзините дела, во голема мера се одраз на длабоки психолошки доживувања, со обилство на сензибилитет за алегорија, алузија и ангажирана метафора, поттикната не само од сферата на нејзиното лично, интимистичкото, туку и од турбулентните социолошки превирања, инкорпорирани длабоко во нејзината свест.
Со дигиталните колажи, Бурџу гради посебни, нови светови, сцени во кои необичното го надополнува обичното, терајќи нѐ да размислиме на сегашното. Нејзиното грижливо око и поглед воочуваат, но и вообличуваат предмети и минуциозни фрагменти, транспонирајќи ги како делови, вадејќи ги од еден, давајќи им друг контекст, едно поинакво, ново значење. Преку илузионистичките сегменти што ги користи, преобликувајќи и контекстуално „реконтекстуализирајќи“ ја површината, просторот на дејствието, нѐ вовлекува во лавиринтите на себеспознавањето, употребувајќи метафори, како персонификации на радоста, болката, затапеноста на секојдневието, но и на надежта, страдањето и очајот. Варирани и преобликувани во времето и просторот, нѐ носат во еден нов, надреален свет, со желба да ја сугерираат неодминливоста на возвишеното и мистифицираното.
Преку делата на Бурџу, нурнуваме во длабочината на (зат)скриеното, каде што во ист момент се преплетуваат толку различни интерпретации, толку идеи, толку концепти, ситуации од секојдневниот живот и од имагинацијата, кои авторката, барајќи секогаш нов и алтернативен начин, дополнително ги анализира, разработува и потоа… Трансформира. Преку нејзините дигитални (фото) колажи, на еден симпатичен начин сака да предизвика иронија на една човечка вообразеност, директно поттикнувајќи ја фантазијата и мисловниот процес кај гледачот, со карикатуралните ликови, илузионистичко-текстуални моменти, стрелки, патокази, воведувајќи нѐ во вртлогот на нејзините мисли, идеи, желби, барања, спомени и очекувања, кои се во постојан судир и ги поттикнуваат нашите, со интенција да „прочистат“, да се „исчистат сите негативни размислувања и притисоци од различни аспекти на животот, да се почувствуваат слободата и повторното раѓање на една мотивација за понатаму“, како што наведува авторката. Актот на презентирање го изразува револтот против монотоноста на урбаната средина, со изразити тенденции да се наруши и да се претвори во амбиент-израз на човековите потреби и барања, но и да се направи инверзија и разградување на реалитетот, а со тоа и на идентитетот на субјектите како дел од него.
Оваа изложба е со наслов „Purgatory“, како место и начин на прочистување, начин на чистење на сето она што се лепи за нас, нѐ гуши, нѐ измачува и обзема… Овие колажи се чистилиште на Бурџу, на сето она со кое се соочува, се бори, насочени и кон сето она што ја поттикнува да реагира постојано. Дрско, а сепак смирено и дискретно. Тие се огледало на прикажување, покажување, докажување, но и доживување. Огледало на една индивидуална, а сепак колективна состојба.
Ангела Витановска, историчар на уметност
10 септември 2020