„Изложба“ – Ана Трајковска, Душан Стефановски, Јован Јосифовски, Ивана Секулоска
Галерија МКЦ, 14.4. – 4.5.2021
Галерија МКЦ, 14.4. – 4.5.2021
Да се прошират границите…
Да се даде значење повеќе.
За едни, современата графика сѐ уште се наоѓа на периферијата од глобалниот уметнички пејзаж. За други пак, таа го зазема централното место во сопствениот уметнички дискурс, независно од начинот на кој ќе биде интерпретирана.
До 4.5.2021, публиката имаше можност да ја погледне „Изложба“ како прва од овогодишниот репертоар на Младинскиот културен центар, на која учество зедоа четворица млади графичари: Ана Трајковска, Душан Стефановски, Јован Јосифовски и Ивана Секулоска. Иако насловот што го носеше е прилично едноставен – „Изложба“, сепак идејниот концепт, кој претставува примарна референца од која доаѓа и поттикот за реализација на оваа изложба, е многу покомплексен. Во констелација со современите тенденции во визуелните практики, карактеризирајќи посебен индивидуален приод во сопствените уметникови барања, овие млади автори графиката ја интерпретираат на еден нов и сопствен, неконвенционален начин, давајќи ѝ современ третман. Нивните дела се израз на тенденцијата графиката да се најде во експанзивно поле, во судир со визуелните ефекти, начини и третмани, кои може да ги претрпи, а кои сепак, не се карактеристични за графичкиот медиум.
Всушност, на полето на графиката, работите започнаа да се менуваат од втората половина на XX век, со воведувањето на поп-артот како движење, со примарен акцент на дејноста на уметници како Енди Ворхол и Роберт Раушенберг, кои веќе во текот на 60-тите години на минатиот век, активно започнаа со експериментирање и истражување на потенцијалот на графичкиот медиум. Тековното производство го достигна својот прелиминарен врв во 70-тите во форма на графичарски работилници и галерии исклучиво наменети за презентирање на графичките достигнувања како и формирање оддели на уметничките академии, каде што ќе се практицира исклучиво оваа дисциплина, што ќе биде од клучно значење за графиката полека да започне да го зазема истиот статус во водите на уметноста, како и сликарството и скулптурата. Од 90-тите па наваму, интересот кон графиката меѓу уметниците, забележува значителен пораст, што постепено со текот на времето доведе и до свртување на овој интерес кон нови и поиновативни решенија, кои му даваа поголема слобода на уметникот и оттргнување од стегите на традиционалните техники на печатење. Од денешна перспектива, нашето разбирање за современото графичко творештво е мета на постојано преиспитување, главно поради постојаниот „преплет“ на медиумите, и замената на традиционалните техники со нови креативни пристапи. Следствено на ова, границите на графиката започнаа сѐ повеќе да се менуваат, еволуираат, а со тоа и да се предмет на постојано истражување и реинтерпретирање. Одовде, можеби сега е совршениот момент да се запрашаме, што всушност денес претставува графиката? Дали таа е сведена на графички дизајн и потчинета од новите медиуми, или сепак, сѐ уште функционира традиционалниот графички медиум? Што всушност претставува современата графичарска уметност, и можеме ли воопшто да предвидиме во кој правец би продолжил нејзиниот развој?
Графиката како експанзивно поле, чија практика започнува интензивно да се развива кон крајот на 90-тите години на XX век, поттикната од современите уметнички случувања, првенствено започнува да се развива со интенција графиката повторно да го добие заслуженото место меѓу останатите визуелни практики на полето на современата уметност, но од друга страна и како процес што природно ќе се роди како своевидна рефлексија и реакција на примената на најновите медиуми во сферата на визуелното. Трансформацијата и експанзијата на графиката како медиум од почетокот на XX век, претставува директна рефлексија на експанзијата на новите медиуми и технологии, кои доведоа до редефинирање на самиот концепт на графичкиот мултимедиум, што претставуваше и главен поттик уметниците постепено да започнат сѐ повеќе да се пренасочуваат на нови и сѐ поиновативни начини на печатење, користејќи ги традиционалните методи примарно како појдовен концепт во создавањето на самото дело. Концептот на „експанзивно поле“, особено во денешно време, стана клучна референца во рамките на дискусиите во современата уметност. Како кованица на Розалинд Краус за нејзиниот есеј „Sculpture in the Expanded Field“, концептот на „проширено поле“, сѐ уште се употребува во бројни примери, но не секогаш се однесува на оваа, првично зададена кованица од страна на Краус. Нејзиниот есеј беше обид за организирање разновидни продукции од скулпторско творештво, кои беа несвојствени една за друга, без можност да се поврзат нивните навидум неспојливи трансформации, што всушност поттикна голем број уметници, критичари, историчари на уметноста и педагози да ги пренасочат своите размислувања во оваа насока. Есејот на Краус имаше значајно влијание кога првпат се појави токму поради напорот за мапирање на тековните трансформации во уметничките практики, придржувајќи се кон модернистичката медиумска специфичност во оние на постмодерното мноштво; главно во текот на 90-тите години на минатиот век кога разликите меѓу медиумите и дисциплините стануваа сѐ повеќе и повеќе нејасни.
Проширеното поле, всушност генерира проблематизирања од множество спротивставености. На полето на современата македонска ликовна сцена, и покрај тоа што од почетокот на 90-тите години ги забележуваме првите посериозни обиди кај нас на графиката да ѝ се даде една поинаква димензија, сепак и ден-денес мал е бројот на уметници-графичари, кои своето творештво го оттргаат од „стегите“ на традиционалното и имаат смелост да започнат нешто поинакво, со интенција да постигнат некаков ефект, кој истовремено би поттикнал и идни истражувања. Првичната зададена цел, која требаше да ја постигне овој проект, беше да му се овозможи на обичниот гледач, но и на уметникот-графичар пред сѐ, една поширока перспектива на целиот дијапазон техники и медиуми со кои графиката може да се интегрира и многуте постоечки начини преку кои може да се интерпретира. Токму со ваква намера се зароди и главниот поттик кај Трајковска, да се презентира творештвото на четворица графичари што активно творат периодов, и од кои секој насочувајќи се кон различен тематски и технички пристап, на неконвенционален, нетрадиционален начин ја користат графиката (и графичкото) во создавање свои дела, секое автентично на свој начин. Поттикнати од многуте можности што графиката е способна да ги понуди, а од друга страна сакајќи да „испровоцираат“ и други графичари, особено од најмладата генерација, Стефановски, Секулоска, Јосифовски и Трајковска, преку својот ангажман, се трудат да го прошират сопственото истражувачко поле, како и самиот момент на интегрирање на графичката практика, гледајќи од различни перспективи и секој имплементирајќи ја на свој начин и со свое толкување во сопственото творештво. Така Јосифовски графичкиот третман и ефектот на печатениот медиум го доловува преку внимателно одбраните и колажно структурирани елементи, саркастично комуницирајќи со нас, со тоа истовремено и критикувајќи го општеството во кое самите живееме. Трајковска преку двете скулптури (Linocut moon и Linocut aesthetic) ги искористува, ги рециклира и ги реупотребува остатоците од линорезот, од нив правејќи скулптура со епоксидна смола, покажувајќи дека и ова е дел од графички материјал што може да биде употребен. Стефановски ја комбинира печатарската боја со спреј (Bitting on a bullet and sitting in my underwear, 2021) и сериграфија (Композиција 88), a лентите од касети ги користи за создавање цртеж (No one is invincible. Everyone is immortal), додека пак Секулоска, инспирирана од модата, докажува дека тулот во графиката може да биде искористен и како дело, вадејќи висок отисок како краен печат.
Нема сомнение дека новитетот е секогаш пожелен и добредојден, особено кога станува збор за поамбициозни потези, кои се со јасна замисла – да ги урнат веќе постоечките граници, што го потенцира разгорениот творечки дух, дури и во овие вонредни околности, во кои веќе живееме повеќе од една година. Меѓутоа, она што може да се смета за мал недостаток кај оваа изложба, е повторливоста кај дел од презентираните дела, што во одредена мера, малку ги „засени“ и го намали впечатокот на оние дела што беа создадени исклучиво за оваа изложба, што од друга страна пак, ако се земе предвид моментот дека сепак се работи за изложба каде што главната идеја беше да се презентираат различните начини на кои може да му се пристапи и да се интерпретира графичкиот медиум, овој недостаток може да се смета за ирелевантен.
На крај, важно е да се напомене дека сите овие автори се сѐ уште во развој и сѐ уште на почетокот на својот истражувачки ангажман, и активно експериментирајќи, трудејќи се да го пронајдат својот автентичен печат, може да се надеваме дека во иднина ќе остават свој белег на сцената на македонската современа уметност.
Ангела Витановска,
историчар на уметност
5 мај 2021