МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

„ВКРСТЕНИ ВЛИЈАНИЈА“

Кон изложбата „Symbiotics“ на Филип и Ангел Коруновски, Галерија МКЦ, 23.11.- 3.12.2021

Во периодот од 23 ноември до 3 декември 2021 година, публиката имаше можност да ја погледне изложбата ,,Symbiotics“ на Филип и Ангел Коруновски, како нивни прв колаборативен проект, кој преку 40-те презентирани дела се обиде да ги долови заедничките согледби на авторите кон интегрирањето на принципите на апстрактното сликарство во сферата на денешните проблематики кон кои е насочена уметноста, како своевидна рефлексија на човекот и неговата улога во современото општество.

Апстрактната уметност, особено акционото сликарство, несомнено заслужуваат посебно внимание, и бездруго бараат посебен начин на интерпретација. Од самата појава на сцената на современата уметност, тие претставуваат начин на транспонирање на потсвесното. Кованицата за акционото сликарство (action painting), која ќе ја даде Харолд Розенберг во 1952 година како алтернатива на апстрактниот експресионизам, го дефинира како револуционерна природа на одлуката на уметникот да слика, да создаде евокативна, а не репродуктивна слика, и преку кое Розенберг ги елаборира идеите за сликарството како дејство, уметникот да „влезе“ целосно во платното, душевно и телесно, поврзувајќи ги со марксистичката теорија, егзистенцијалната филозофија и неговите размислувања околу оваа проблематика, со цел да го артикулира својот опис околу појавата на новото американско сликарство – да се претстави енергијата и движењето на видлив начин на платното. Ова е појдовната идеја од која се водат и двајцата автори – метафоричка, симболичка и пред сѐ гестикулативна комуникација преку движењата на нивните потези различно диктирани во секое од делата, кои кружеа низ целиот галериски простор, заокружувајќи ја ритмиката во главниот ,,диптих“, кој може да се смета за почеток и крај на целокупното движење што пулсираше во галерискиот простор.

Она што несомнено уште на прв поглед можеше да дојде до израз како заедничка карактеристика на претставените дела, е спонтаноста на изразот, динамичноста на потегот и механичкиот начин на обработка на цртежот, како и ритмиката добиена од различните тонови, кои во вид на мрежа се претураат низ површината на платната, како израз на уметниковиот темперамент. Автоматизмот во чинот на сликање, и тоа психичкиот автоматизам како органски нераскинливо сврзан со физичкиот автоматизам, доведуваа до тоа самиот гест и акцијата да претставуваат главна воочлива карактеристика околу која се развива главна идеја за овој проект. Меѓутоа, иако до одреден степен можеше да се каже дека делата беа во корелација со појдовната точка како резултат на која се појавува енформелот, а со тоа и акционото сликарство во текот на раните 50-ти години – кризата во уметноста изразена преку нејзината етичка, естетичка и пред сѐ општествена функција, која го изразува творечкиот дух и уметниковите размисли во насока на кризата во уметноста и присуството на уметникот во лавиринтот од препреки со кои уметникот се соочува во современото општество, сепак од делата не беше лесно да се разбере „дискусијата“ што уметниците ја водеа во насока на современата уметност, изразена преку принципите на акционото сликарство. Линиите и јасно определената насока на движење, испреплетувајќи се меѓусебно, работени со колористичка шема фиксирана главно за поладниот спектар бои, не може да се каже дека успешно ја соопштија главната порака, која имаат за цел да ја доловат, т.е. на кој начин делата можеа да се поврзат со размислувањата на авторите во насока на местото на апстрактана уметност преку личното, современо доживување на општеството?

– Несомнено недостигаше тоа единство и појаснување меѓу изведбата и идејата.

Ангела Витановска, историчар на уметност
10 декември 2021