Кон изложбата „Трансфигурации“ на Ана Трајковска, Галерија 2 МКЦ
„Ако возвишеното во уметничкото дело е она што не може да се искаже со традиционалните средства, она што бара нов јазик и нови форми, нови медиуми, тогаш постмодерното уметничко дело е севкупното различие на страната на фигуративното, и делумно од страна на дискурзивното“. – Лиотар
Текст, знак, симбол.
Новитет, промени.
Екперимент.
Графика во простор.
Како претпоследна изложба од овогодишниот репертоар на Младинскиот културен центар, публиката имаше (и ќе има) можност да ја види изложбата на Ана Трајковска, насловена „Трансфигурации“, како една од изложбите со кои завршува 2020 и започнува 2021 година.
Ана Трајковска е млада и надежна авторка, дипломирана 2018 година, на отсек Графика, при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски, каде што и моментално е на магистерски студии. Насочувањето кон графиката како нејзина примарна определба, започнува уште од времето на средношколските денови во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, период од кога и ќе започне со првите експериментирања со повеќе комбинирани техники, линорез, бакропис, сува игла, монотипија, акватинта, за подоцна да премине во покомплицирани истражувања со хартија и висок печат. Од февруари 2019 година започнуваат нејзините посериозни, а слободно може да се каже и посмели чекори, кога од ден во ден, од месец во месец, слободно се препушта и со огромна, несогорлива желба, храбро се препушта и со сета смелост што може да ја има еден млад автор, го прифаќа секој следен предизвик, кој техниката и однапред зададената цел може да ја има. Фигуративниот пристап присутен во нејзиниот опус до завршувањето на академските студии, од 2019 година постепено го пренасочува кон сѐ послободните и поапстрактни форми на изразување. Најпрвин започнува со третман кој вклучува ленено платно и конец, експериментирајќи со површината и текстурата, релјефноста и отисокот, кој може да го зададе конецот преку кој ќе го постигне графичкиот третман, за само неколку месеци подоцна да се пренасочи кон ефектите на луминозност, светло-темно и рефлексии, преку неколку инсталации што ќе ги изведе, за во овој циклус исклучиво да се насочи кон изведба и постигнување ефект на „графика во простор“, т.е. различни компартименти, изведени со примена на само една линолеумска матрица, која репетитивно се повторува изведено во различни медиуми, со употреба на транспарентна желатинска фолија, гипс и акрил, концепт што го има започнато од април 2020.
Со самиот влез во галеријата, пред гледачот се отвора широка панорама од искршени парчиња, графички по идејата, но релјефни по изразот и третманот. Ана Трајковска во проектот „Трансфигурации“, главната идеја која се обидува да ја постигне е всушност да направи спој помеѓу графика, сликарство, вајарство, сето спакувано во една, единствена просторна инсталација поставена на осумте панели, со вкупна должина од 16 метри, надополнета со четирите проѕирни желатински фолии, висечки исполнувајќи го централниот дел од галеријата, како и ролната опкружена со многуте гипсени парчиња, поставени на подот во средишниот дел од галеријата, јадро од кое се расчленуваат повеќе фрагменти, оформувајќи еден изблик од концентрирани, неправилни форми, богати со линеарна ритмика, како инсертиран фрагмент од динамичен просторен, однапред обмислен концепциски аранжман. Монохромните гипсени парчиња се сведени на ниво на помали фрагменти, чијашто површина е исполнета со комплексна структура налик на мрежа, еден вид лавиринт од форми, симболи и знаци, патеки што се вкрстуваат во различни насоки, хоризонтално и вертикално преплетувајќи се, а со употреба на црвената, жолтата, плавата и белата, и преку играта на сенките постигнува контрасност, но и ритмичност, додека од друга страна загасените земјени бои сугерираат на визуелни, „графичко-релјефни артефакти“, за кои Конча Пирковска, во предговорот кон изложбата, ќе каже: „со активирањето на досетливата графичко-сликарска методолошка постапка, со различната колористичка интервенција, Трајковска не само што ќе ја потенцира релјефната епидерма на композициите, туку ќе ја реализира и нивната интердисциплинарна, интермедијална концепција“. Впрочем, оваа инсталација е нејзин доказ дека кога желбата, идејата и волјата кај авторот е присутна, сѐ друго може да се постигне и оствари, дури и да се изработи цела инсталација од само едно клише, нејзината главна идејна цел и концепција на која авторката непрестано работи безмалку една година. Во поглед на примарниот мотив што го користи како главен инспиративен момент, појдовна точка во овој нејзин циклус се петроглифите присутни низ територијата на Северна и Јужна Америка, како и делумно артефактите поврзани со цивилизацијата на Маите, Ацтеките и другите древни народи, со бројни симболи и знаци, кои ги транспонира во своите дела, оформувајќи еден лавиринт, кој во случајот на Трајковска зборува за личната и авторска автономија. Целата композициска целина со сите составни компоненти беа најнепосредно и најдиректно поврзани, а контактот со творбите е директен, исполнет со јасна идејност во постапката, која бара не само студиозност и трпеливост, туку и прецизност и посветеност, и со која Трајковска ја постигнува главната идеја и цел што си ја има зададено: да го окупира галерискиот простор со само една матрица, со само едно единствено клише, изведувајќи цела една графичка инсталација, сосема рачно, без употреба на преса и никаква друга печатарска машина, со тоа целосно „преминувајќи“ го прагот на класичното графичко претставување.
Техниката за Трајковска станува примарна и најважна затоа што од неа зависи појдовниот концепт на самото дело, но токму таа преголема преокупираност на Трајковска единствено со техничкиот дел, доведува до еден вид регрес во нејзиното творештво, особено ако се земе предвид дека неколкуте претходни нејзини, прилично рецентни претставувања го вклучуваа истото клише, иако крајната форма е претставена во различен медиум. Ова мора да се нагласи како исклучително опасен момент за еден млад автор, чекорење по границата на комфор-зоната, што во многу примери се покажува како исклучително штетно, и во кое, многу често знаат да навлезат дури и зрели, веќе реномирани и етаблирани автори.
Без оглед на овој мал недостаток, Трајковска е еден од ретките млади автори кај нас, која се обидува на графиката и графичкиот третман да му даде една друга, нова, поинаква димензија. Нејзината определба кон графиката е јасно дефинирана, која во текот на последниве две години доживеа едно ослободување кое со секој следен чекор доживува сѐ поголема зрелост. Оваа изложба само ги рефлектира промените што ги има претрпено нејзиното создавање, нејзиниот јазик, циклус по циклус, колокативни трансформации на сегментите и фигурите…
Нејзините „трансфигурации“.
Ангела Витановска,
дипл. историчар на уметноста
31 декември 2020