ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

„СЕВЕРЕН ПОЛ“ НА АПЧЕВСКА ВО ТРКА ЗА ЗЛАТНАТА ПАЛМА ВО КАН

Краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска е номиниран за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал.

„Северен пол“ е меѓу десетте селектирани од вкупно 3.739 прегледани краткометражни филмови од страна на фестивалот.

Финалните десет остварувања се во трка за освојување на престижната награда за краток филм, а победникот ќе биде објавен на свеченото затворање на фестивалот на 17 јули.

„Северен пол“ е приказна за 16-годишна девојка која се обидува да пронајде каде припаѓа. Главните улоги ги играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, а тон снимател Игор Поповски.

Филмот се снимаше на локации во Скопје и Македонска Каменица при крајот на јануари годинава и според ковид-19 протоколи.

Од снимањето на „Северен пол“. (Фото: Агенција за филм)

Остварувањето е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков од „Кино око“, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ од „Сервиа Филм“. Финансиски е поддржан од Агенцијата за филм и Српскиот филмски центар, а проектот беше еден од двата наградени филмови на програмата European Short Pitch – Nisi Masa, 2019.

74-тото издание на Kанскиот филмски фестивал, годинава ќе се одржи од 6 до 17 јули.

*Текстот е преземен од vecer.press

МКЦ