МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

„ПРОСТОРНА ОТСУТНОСТ или ПРОСТОР НА ОТСУТНОСТ?“

Кон изложбата „Vanishing point“ на Александра Петрушевска-Ристовска, Галерија МКЦ, 6.12.- 14.12.2021

Александра Петрушевска-Ристовска, по нејзиното овогодишно претставување во Националната галерија на Р. С. Македонија (мултимедијален центар Мала станица), како надоврзување, само неколку месеци подоцна публиката имаше можност уште еднаш да дојде во допир со нејзиното препознатливо творештво, овојпат во рамки на декемвриската програма на МКЦ, како едно целосно заокружување на циклусот Простори на заборав (Spaces of oblivion)[1].

Во оваа изложба пак, насловена Vanishing point, преку слики работени во техника масло на платно, надополнети со неколку дела изведени со помош на дигитална илустрација и фотоманипулација, авторката како мотив одбрала да го разработи планетариумот во МКЦ, насликан од неколку препознатливи агли, како едно победоносно сеќавање на сите моменти кога сме имале можност да погледнеме кон бескрајот на небесната шир, кон ѕвездите, планетите, кон видикот што исчезнува на хоризонтот, кон Вселената. Авторката со мотивска сосредоточеност, доследно ја следи оваа тематика, притоа обидувајќи се да го пронајде оној теснец што самиот простор го преобликува во еден нов и конкретен, вистински постоечки свет. Уникатен и единствен. Простор во кој сме биле, а сепак за нас нов и непознат…

Има нешто посебно во просторните сегменти што Александра Петрушевска-Ристовска ни ги доближува со секој нов проект преку објективот на сопствените платна. Нешто таинствено. Време застанато и тишина што смирува. Празнина што потсетува на кревкоста на постоењето и минливоста на материјалното. Иако нејзините дела навидум делуваат на едноставни ентериери, со внимателно избрана перспектива каде што сегментите се поставени во јасен распоред, сепак, чувството за конкретност и јасност во изразот е она по што се одликува ликовниот јазик на Петрушевска-Ристовска. Ширината и празнината на просторноста, светлината, која различни елементи различно ја рефлектираат во просторот, и празнината што ја остава отсуството на човекот, на единствен симплифициран начин ги доловува оваа авторка. Тенденцијата за перфекционизам е видлива преку третманот на секој поединечен сегмент во овие платна, а изостреното чувство за колоритност се гледа преку широко употребена палета на чисти бои, кои авторката успева совршено добро да ги искомбинира. Соодветната употреба на топли и ладни тонови, кои ја даваат впечатливата контрасност преку кои авторката истовремено успева да ја постигне соодветната мера на луминизам, влијаат врз самиот амбиент на просторот и нашето доживување, па во одредена мера и нашите сеќавања врзани за истиот. Останувајќи верен на реалноста, просторот останува статичен и стабилен. Платното е објектив преку кој просторот го гледаме на еден поинаков начин, со доза на апстрактност како израз на сублимирана реалност. Колоритот во комбинација со изостреното, архитектонско чувство за просторот и објектот, даваат прецизно избрани решенија, единствени по начинот на обработка и технички препознатлива перфекција, изразена преку цврстиот и сигурен цртеж, изведен од раката на Ристовска, преку кој таа успева да ја изрази својата суптилност кон доживеаниот мотив, разработен преку чиста и прегледна ликовна синтакса, препуштајќи ни да размислуваме за минливата реалност, која секојдневно, бавно но сигурно, полека исчезнува пред и самите да бидеме свесни за тоа…

И одовде, доаѓаме до најважното прашање – ЗОШТО да се слика празнината? Отсутноста? Да се долови чистото естетско чувство што го носи, или нешто многу посуштествено? Во општество во кое психолошката пасивност, незаинтересираност и неангажираност стануваат секојдневие, ехото на отсутноста станува од ден во ден сѐ погласно. Физички и метафорички. Тоа е онаа празнина во духот, празнина во просторот. Убавина на (не)искористениот потенцијал. Александра Петрушевска-Ристовска во овој нејзин комплетен циклус дела (Vanishing point како дел од Spaces of oblivion), трага и по обете варијанти – да ја долови контемплативната моќ што празниот простор го буди кај индивидуата, но и да укаже дека човековата отсутност е погласна од молкот на кое било присуство.


[1] Изложбата за јавноста беше отворена во периодот од 06.05-01.06.2021, како дел од програмата на Националаната галерија на Република С. Македонија

Ангела Витановска, историчар на уметност
21 декември 2021