МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

„ПРКОС БЕЗ ПРКОСЕЊЕ?“

Кон изложбата „Паралелен универзум“ на колектив ‘Пркос’, Галерија МКЦ, 24.12.2021 – 10.01.2022

Како последна изложба со која ќе се заокружи оваа 2021 година и со која бездруго и ќе започне следната 2022 година, има(в)ме можност да ја погледнеме групната изложба на колективот ‘Пркос’, која всушност претставуваше една комплетна симбиоза од различни мисли, идеи и ставови претставени преку делата на десеттемина учесници, членови на ‘Пркос’ и тоа: Ангела Стојковска, Стефан Танков, Софи Лазовска, Бетсабеа Верник, Александар Арсовски, Јасна Николовска, Бисера Гиновска, Теодор Јуруковски, Маја Плачковска и Стевица Ѓорѓевски, а која всушност се случи по повод одбележување една година од моментот на оформувањето на овој колектив.

Изложбата беше составена од дела работени во различни (експериментални) техники, и тоа од масло на платно во комбинација со фотографија и дигитален колаж (Бетсабеа Верник, Креација преку фотографија и сликарство), до дигитално сликарство (Теодор Јуруковски, Хранење; Екстерни мисли) и дигитална илустрација (Јасна Николовска, Birthing Place), но и дигитална илустрација надополнета со анимација (Стевица Ѓорѓевски, Размислување), како и графички дизајн (Бисера Гиновска, Во паралелен универзум). Фотографијата и експериментирањето со фотографскиот медиум, исто така се покажа како исклучително интересно за неколкумина од авторите, меѓу кои и Софи Лазоска и Александар Арсовски, кој употребил и фотоманипулација во изведбата на Neon world, додека пак Ангела Стојковска и Маја Плачковска употребуваат нетипични материјали како ленено платно и конци во реализацијата на нивните дела, како една „надоградба“ на форографското јадро. Делата, сите создавани во текот на 2021 година, навистина претставуваа едно мноштво на различни стилови, пристапи и начини на работа, еден комплетен судир на различни сфаќања и интерпретирање на идејата за паралелен универзум и неговото значење за секој од авторите. Индивидуално, но и колективно. Дали тој се наоѓа во нашата свест и совест, или пак можеби тоа е она повикување кон преземање некаква активност да се ослободиме од претходните, штетни состојби? Суеверие, допир со веќе одминатите моменти? Транспонирање на нашите мисли во физичкиот, просторен (паралелен) универзум или егоистичноста и деструктивизмот што ги носи креативноста? Сите овие прашања, авторите се обидуваат да ги доловат визуелно во своите дела. Но, прашањето е, дали тоа го направија успешно? Можеше ли гледачот преку претставените дела да допре до паралелните универзуми на секој од авторите?

Со оглед на тоа што се работи за групна изложба со претходно зададена тема, би било неблагодарно да се каже дека изложбата, т.е. колективот не ја постигнал својата цел. Сепак тоа се дела во кои секој од авторите има свој индивидуален пристап и начин на претставување на своите размислувања на оваа тема, поради што и може да се издвојат само поединечни карактеристики на делата што биле повпечатливи за публиката.

Бисера Гиновска преку серија сегменти на кои се испишани нејзините „случајни“, навидум апсурдни мисли, нѐ внесува во еден паралелен (личен) универзум, оставајќи го отворено прашањето „Што би било ако овие фрази не се само фрази или апсурдни мисли, туку мисли што може да доведат до (себе)промена?“ (сл. 1).

Бисера Гиновска, Во паралелен универзум (сегмент), графички дизајн, 2021

Стефан Танков преку дигитална илустрација на МЕПСО во Bring back the future, се обидува, потенцирајќи ја сегашната состојба, да се наврати на едно минато време, со желба тоа да стане идно – враќање на модернистичкото културно наследство во својата оригинална состојба. Бетсабеа Верник, сконцентрирана само на техничкиот момент, се обидува да го пронајде заедничкиот јазик помеѓу фотографијата и сликарството, но гледачите го немаа тоа чувство дека сепак делото треба да претставува некаков истражувачки процес. Теодор Јуруковски, Јасна Николовска и Стевица Ѓорѓевски со помош на дигитален пристап и анимација кај Ѓорѓевски), го истражуваат менталниот процес и душевната болка на поединецот, било да се преку деструктивните (егоистични) мисли што доаѓаат од нас самите, или пак ни се наметнати од општеството. Во овие дела, несомнено можеше да се забележи влијание од јапонската аниме-естетика, што водеше до одредена доза на извештаченост во пристапот на секој од споменатите автори. Интересен пристап се забележува кај Ангела Стојковска, која од фотографијата прави објект во светлосна рамка, додека пак Маја Плачковска комбинира конци врз фотографското јадро, со цел да искаже две „ситуации“ на паралелен универзум. Софи Лазоска во La selva blu или Сината шума, посочува кон таинственоста на шумата, но без некоја особеност во изразот или изработката.  Комбинација помеѓу фотографија и фотоманипулација користи и Александар Арсовски во Neon world, кој преку триптихот се обидува на гледачот да му овозможи да „ѕирне“ во една футуристичка димензија, но сепак видливо недостига автентичност во делото и пристапот на авторот.

Оваа изложба на ‘Пркос’, беше интересен обид да се соберат различни размислувања, ставови и практики, и напор тие да бидат групирани заедно и произнесени како една целина. Меѓутоа, изложбата не даде никаков впечаток дека ‘Пркос’, како колектив, вистински му пркосат на времето и општеството.

Недостигаше пркосење во пркосот…

Ангела Витановска, историчар на уметност
28 декември 2021