Кон изложбата „Пресоздавање“ на Јулија Манојловска,
Галерија МКЦ, 26.7.2021 – 10.8.2021
По секое разурнување следи обнова.
По секоја обнова, следи нејзино преобликување, пресоздавање…
Последниот реализиран проект на Јулија Манојловска, кој во изминатиов период имавме можност да го видиме, претставува симултано надоврзување на двата нејзини претходно реализирани проекти („Објекти“ 2017, „Секвенци“ 2019), во кој го разработува односот на предметот со просторот, истражување на неговиот внатрешен потенцијал и негово поврзување со објективната и субјективната стварност, а токму кршливоста и фрагилноста на изведбата беа главен поттик датумот на отворање да се поклопи со датумот на кој беше одбележана 58-годишнината од катастрофалниот 26 јули 1963. Насловен „Пресоздавање“, проектот го претставува интересот на младата авторка за разните облици што може да ги добие линијата, формата, бојата, обликот и материјата, преку кои се обидува да долови едно пресоздавање и преобликување на визуелната површина, исполнета со елементи што лебдат во просторот, оформувајќи една транспарентна целина како сепарација од ограниченоста на галерискиот простор.
Изложбата се состоеше од една единечна просторна инсталација, составена од транспарентен плексиглас во комбинација со плексиглас во боја, жица и рибарски конец, која го исполнуваше централниот дел од галерискиот простор во вид на деликатно „исцртана“ мрежа, која го ограничуваше видливото поле на гледачот, а преку која на неконвенционален начин младата авторка се обиде да ја пренесе, да ја преслика и пресоздаде замислената апстрактна целина во просторната димензија. Доколку го „прелистаме“ и за неколку години се навратиме наназад низ творештвото на Манојловска, лесно можеме да го забележиме тој премин од објективното конкретно, кон субјективното потсвесно, каде што материјалното, предметното изразено преку јасно нагласената елипсовидна форма на објектот и доминантноста на основните бои (,„Објекти“, 2017), постепено кон 2019 го навестува своето „ослободување“ од формата и испитување на динамиката, која може да ја понудат елементите поставени во меѓусебен сооднос боја-светлина-движење, за на крај да му се посвети речиси целосно на просторот и односот: сенка-волумен-рефлексија. Така, преку интересна конфигурација од ленти, успева да ја претстави динамиката, но и слободата и ритмиката на самиот потег, кој станува тактилен, суптилно повикувајќи го допирот на реципиентот, кој претпазливо останува да набљудува, потчинувајќи се на неговата фрагилност…
Манојловска, лебдечкиот елемент го употребува да ја разбранува и поттикне перцепцијата на гледачот, со тоа отворајќи простор за анализа и преиспитување на претставеното. Тој е фиксен, но допрен од галериската светлина како да сака да побегне, да се префрли од едно на друго место во заплетканата мрежа, која истовремено говори и за слободата, но и за конфликтот и заплетканоста на авторската автономија, за победата на сопствената индивидуалност, која уметникот ја остварува како резултат на констатниот судир со различни генерации, различни услови, различни приказни, во постојаната потрага по нешто ново и поинвентивно од претходно создаденото. Да се открие, да се измени, да се создаде и пресоздаде. Реизградба на веќе изграденото. Старото над новото, новото над старото. И така постојано, во круг, бесконечно. Минатото ја затскрива иднината, иднината чекори над минатото, додека сегашноста со секој момент, мирно и незабележливо, само одминува.
Концепциски гледано, целината претставува просторно „сечење“ и „разорување“ на видливата рамнина. Централниот дел од галеријата авторката го претвора во просторно платно, подлога на која слика, употребувајќи ја тродимензионалноста на предметот, опипливоста на материјалот и текстурата на објектот, кој се губи и одново се појавува во овој простор, поради што и авторката ќе каже: „Променливото во изложбата го освојува централниот дел на галеријата и сè друго што завршува во допир со ѕид или стакло е во постостојан дијалог со надворешниот простор“.[1] Далечината на воспоставениот соодносот помеѓу објектите придонесува тие да бидат притиснати и потиснати од просторот, а со тоа колку повеќе реципиентот го насочува окото на деталите, толку повеќе тие се зголемуваат и се појавуваат во неговиот видик, така што галериската празнина полека исчезнува, се губи, додека светлината дава дополнителна драматичност на средиштето каде што се гледа таа воздржаност во композициското редење на елементите. Тоа е тој просторен трик, кој Манојловска го користи, со тоа привлекувајќи го нашето внимание, будно да го следиме односот што го градат сите составни елементи во нејзината инсталација.
Преку својата креативна визија, авторката поаѓајќи од јадрото на основниот елемент, го разделува и преобликува барајќи го потенцијалот на неговата внатрешна енергија, анализирајќи како таа ќе биде пренесена во просторот, во целината и врз самиот гледач. Тоа е дело што е видливо соголено до основната составна структура, во кое јасно се експонирани ликовните елементи, како главни компоненти што го градат корпусот изведен со привидна едноставност. Линијата го добива својот тродимензионален облик и се поврзува, „бега“ кон надворешниот простор, но и покрај тоа, добиваме чувство како сѐ да си е на свое место, и ништо не е случајно.
Привиден хаос во беспрекорен ред.
Ангела Витановска,
историчар на уметност
11 август 2021
[1] Јулија Манојловска во интервју со Ангела Витановска, 9.8.2021