МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

„ПРЕОБРАЗБА НА ПОСТОЕЊЕТО“

Кон изложбата „Метаморфоза“ на Бојан Ковски, Галерија 2 МКЦ, 10-20. 12. 2021

Трансформација на себеси.
Преобразба.
Промена.
Почеток и крај.
Премин.

Метаморфозата, како психичка, така и физичка, е исклучително инспиративна за речиси секоја форма на уметност. Да се опише, да се долови и детално да се разработи оној трансформативен премин, онаа директна врска со биолошкото, со природата. Онаа деформација и двоење во и од реалниот свет. Инспирација во ваквата појава пронаоѓа и Бојан Ковски, третирајќи ги телата на своите модели како совршена подлога за трансформативниот процес, хиперболизирајќи го психичкото, физички менувајќи го идентитетот на избраниот модел до степен на непрепознатливост. Тоа се ликови што доаѓаат од некаков фантазмагоричен свет, во кој се чини метаморфозата доаѓа некако сосема природно, а самиот чин го изразува менталното двојство. Од ова гледиште лесно можеме да ја сфатиме метаморфозата како своевидна преобразба на постоењето.

Иако на сцената на македонската современа уметност боди-артот не е нешто особено популарен меѓу уметниците, на полето на светската уметност го буди интересот меѓу уметниците уште од 1960, кога новиот реализам станува ненадминлива потреба да се побегне од хегемонијата на апстрактното сликарство и пасивноста на постоењето, поврзани главно со обидот на Ив Клајн телото да го искористи како „жива четка“ (Антропометрии, 1960, термин измислен од Рестани). Овој млад автор, телото не го користи како жива четка, напротив, тој го користи како подлога, начин на интеракција, објект и инспирација за својата уметност. Преку четката, тој прави запис за психолошките, емотивните и битките со идентитетот на секој од одбраните модели. Телото е подлога и запис за една состојба. Како што самиот ќе каже: „Главната порака на оваа изложба е редефинирање на телото и претворање на човекот од својот лик во нешто што наликува на суштество од друга планета со боите што ги носат пеперутките“.

Преку ова Ковски интимно ја гради метаморфозата, притоа правејќи обид истовремено и да ја искаже поемата на минливоста… Или можеби само трага по неа. Слоевите боја што ги покриваа голите тела на одбраните модели, кои на изложбата гордо и исправено стоеја пред нас, преку различни вегатативни и апстрактни форми што се прелеваат по површината на кожата, се гледаше љуботпитниот и нескротлив дух на авторот, онаа потрага по затскриеното, но и естетски привлечното. Да го покрие телото, но и да ја раскаже неговата приказна. Да покрие и да открие. Да ја разубави кожата, лузните, белезите на постоењето. Во поглед на успешноста на изложбата, вреди да се каже дека младиот автор несомнено прави смел чекор во својата кариера, но, секако, не смее да се задржува и понатаму и да си дозволи да заглави во конформизмот на истото, туку да пронаоѓа начини и желба кон постојано менување и потрага по новини, кои би внеле свежина во неговата (веќе препознатлива) практика.

Ангела Витановска, историчар на уметност
24 декември 2021