МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ПОМЕЃУ ДВЕ КРАЈНОСТИ

Кон изложбата „Ерос и Танатос“ на Весна Ничевска, Галерија МКЦ, 10.07.2020

Инверзијата и контрадикторноста отсекогаш била интригантна за уметниците. Да се претстави онаа синтеза помеѓу два контрасти, да се навлезе подлабоко и суштински да се разработат и упростат двете форми, двете спротивставени содржини…

Во текот на изминатата недела, почнувајќи од 10.07.2020, во галерискиот простор на Младинскиот културен центар беа поставени околу 40-тина цртежи и скици на авторката Весна Ничевска, како дел од нејзината најнова самостојна изложба, работени во различни техники, од кои доминираа оние во техника туш и акварел на хартија. Делата присутни на оваа изложба,  според зборовите на авторката, ја визуелизираат нејзината „страст кон животот, љубовта, нејзината борба кон умртвувањето на сетилата, против сѐ она што нѐ прави роботизирани, апатични суштества (…) нејзината борба против смртта е љубовта и сексуалноста“, поради што одлучила изложбата да ја наслови „Ерос и Танатос“.

Како тема, врската помеѓу Еросот и Танатосот може да понуди широк дијапазон на варијации, поради што е и толку популарна на полето на уметноста наназад низ вековите. Се поставува прашањето дали Ничевска успеала да ја долови или барем да ја начне оваа тема, која ја одбрала како централен мотив во својата изложба?

Еросот и Танатосот, волјата за живот наспроти инстинктот на смртта, ги претставуваат основните, суштински белези на постоењето вродени во секој од нас, или како што наведува Фројд: „внатрешна потреба за исполнeтост и надворешна неопходна одредница за самоодржување“. [1] Врската помеѓу Еросот, богот на љубовта и Танатосот, богот на смртта, се проткајува во митската свест на човекот како еден космогониско-есхатолошки супстрат, еквивалент на космосот и хаосот, животот и смртта, прашања за човековата егзистенција, оние онтолошки ентитети на апсолутното битие. Теоретски последното големо повикување за овие суштински сили на постоењето го даде Фројд преку неговите тези за темелното значење на сексуалноста и смртта, каде што ги опишува како основни начела на постоењето и тоа Еросот, како животен нагон, наспроти Танатосот, како нагон за смрт, несвесното бегство од болката, присутен на различни начини кај секоја индивидуа, чие присуство во голема мера е условено од повеќе различни фактори, како резултат на единственото искуство на поединецот.[2] Фројд ја применува хипотезата за нагонот на смртта во многу негови дела, обидувајќи се да дојде до решението за дали тој се појавува како независен, или е зависно поврзан со други нагони, како оние поврзани со животот или сексуалноста?

Страдањето, трагиката и суровоста на животот, оние ненадејни падови може да доведат до апсурдно спречување на креативното, кое пак во својата суштина е поврзано со надминување, кршење и оттурнување на границите, Ничевска ги гледа преку неконтролираниот Ерос наспроти Танатосот, преку привлечната сила и моќ што ја имаат врз луѓето. Но, дали таа ги отвора овие прашања? Дали задира во суштинските теми на создавањето, а со тоа и на постоењето? Дали нагонот за живот во контекст на креативноста, директно судирајќи се со нагонот на смртта, како апатија, дисоцијација или уништување, може да се види во делата на Ничевска?

Прегледувајќи ги делата, одново и одново, би згрешила ако кажам дека успеав да го добијам посакуваниот одговор.

Композициски, на начинот како што беа аранжирани, во комбинација со техничката изведба и недостигот од автентичност, Еросот и Танатосот кај Ничевска повеќе делуваа на (пре)раскажување на сексуалниот чин помеѓу две индивидуи, отколку што ја доловуваат главната идеја, а нагласената експлицитност, видливо присутна секаде, на моменти се чинеше пренагласена, па дури и сосема непотребна. Фигуративно гледано, квалитетот варираше, од скици и цртежи со поголема посветеност во изведбата, каде што беше видливо дека посигурно го владее материјалот и ја контролира формата, но на моменти таа сигурност како да се губеше, отворајќи нови прашања.

Еротиката, како изразена интуиција, чувство или страст, е најдолго присутна и со најбогати варијации во севкупната ликовна уметност.[3] Ретроспективно гледано, враќајќи се наназад низ историјата на уметноста, ќе се заклучи дека нема уметник и епоха што не бил вовлечен во неодоливите простори на еротските содржини, кои варираат од невина сензуалност и деликатно навестена еротика, до перверзни визии, во кои еротското се претопува во порнографско. Токму ова се случува и во делата на Ничевска, која обземена од опсесивната фурија на еротската страст, го акцентира исклучиво еротскиот момент и сексуалниот нагон, без да се разработи аспектот на Танатосот, нагонот на смртта, без кој не може Еросот, што може да се смета за недостаток. Претставувајќи го исклучиво чистото „еротско“, и покрај обидот да се работи на оваа тема, авторката можеби не успеа во целост да го долови нејзиното суштинско значење.

Ангела Витановска, историчар на уметност
22 јули 2020

[1] S. Freud, Beyond the pleasure principle, Standard ed., 1920, pp. 18-64

[2] M. Kli, Eros and Thanatos: A Nondualistic Interpretation: The Dynamic of Drives in Personal and Civilizational Development, Psychoanalytic Review, Vol. 105, 2018, pp.67-89

[3] Види повеќе: С. А. Димитрова, ARS EROTICA, Ликовна уметност бр.10-11, Скопје 1985, стр. 107-125