Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж на својата редовна 161. сесија која се одржа од 7 до 11 декември годинава финансиски подржа 17 меѓународни филмски копродукциски проекти.
Во листата подржани проекти на последната сесија во 2020 година е и филмот „Тело“, копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Македонија во режија на Петра Селишкар, селекторка на Фестивалот МакДокс. Македонскиот копродуцент „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран но продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.

Еуримаж во 2020 година финансиски подржа четири филмски проекти во кои свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно поддршка добија проектите „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, „Зад стоговите сено“, кој е прва копродукција меѓу Грција, Македонија (Сектор филм од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје и на последнава сесија долгометражниот документарен проект „Тело“, словенечко-хрватско-македонска копродукција, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.