Кон изложбата „Caution: X.G.O.T.A.G.O!“ на Анкица Митровска, Галерија МКЦ, 2-12.10.2020
Потонати во една состојба на осаменост, несигурност и страв, чувство на безнадежност и апатија, безизлезност помешана со општа затапеност, летаргичност и раздразливост, дополнително интензивирана, периодов и поради пандемијата на коронавирусот, уште повеќе ја потенцира кризата на нашето време, она тивко зло во кое тонеме: бесчувствителноста на модерното ропство, прекаријатот и социјалниот апартхејд, постепеното исчезнување на себството, отуѓување од другите, но и од нас самите…
Во периодот од 2.10. до 12.10.2020 во галерискиот простор на Младинскиот културен центар, публиката имаше можност да ја проследи изложбата „Caution: X.G.O.T.A.G.O! (exclusive grounds of the angsty gullible observers)“ на Анкица Митровска, како шеста и последна од циклусот тематски изложби на кои авторката им го задава овој наслов, преку која презентира едно целовито дело создавано со напор и идеја да поттикне размислување и критика кај гледачот кон социјалната и психолошката состојба на поединецот во современото општество. Сугестивно и алегориски, Анкица Митровска преку оваа нејзина изложба, ја акцентира контроверзноста на нашата реалност, манипулацијата со единката и нејзината ранливост, злоупотребата од политичките гиганти и нивните идеологии, паразитски мултиплицирани во сите сфери на живеење во глобалното општeство, било тоа да е преку контролираните медиуми или некои други начини и средства за контрола, како и мониторингот, присутен насекаде, она константно набљудување, следење, онаа постојана контрола и репресија на индивидуализмот и приватноста на луѓето во современото општество, истовремено и како главен поттик за нарушување на менталното здравје на луѓето, состојба што истовремено доведува и до зголемена општествена анксиозност, невроза, зголемена психотичност, па дури и депресија.
Сеприсутноста на мониторингот и константното „набљудување“ на луѓето од сите агли како главна тема, која Митровска ја обработува во „Caution: X.G.O.T.A.G.O! (exclusive grounds of the angsty gullible observers)“, беа евидентни уште од првиот моментот кога гледачот ќе зачекори низ оваа инсталација, Ѕидните површини, а со тоа и целокупниот простор, до најситен детал беше аранжиран, согласно идејниот концепт и замисла на авторката, но со јасна интенција – да создаде свет на директна опсервација од многубројните деформирани, изобличени креатури, птици, кои авторката ги нарекува The Hub-irds, управувани од страна на Центрите (The Hubs), кои лево и десно, од секој агол будно демнеа. Постојаната изложеност на опсервација од „другиот/другите“, дури и преку експонираноста во социјалните медиуми каде што самите свесно се впуштаме, метафорички е вообличена и преку ликот на Тие (Тhey), како и Грдите (The ugly) – хуманоидни мутанти, имагинарни ликови, кои се наоѓаат во постојана трансформација, принудувајќи нѐ да се запрашаме и колку самите се имаме трансформирано живеејќи во ова ново време, дали постепено и самите се претвораме во мутирани верзии на себе? Мутанти на она што некогаш сме биле, трансформирани од животот што сме го „изживеале“…
Композиционо и тематски, наративната инсталација, која кружеше низ галерискиот простор, во вид на сцена исполнета со најразлични хуманоидни креатури од имагинацијата на авторката, изработени во вид на хартиени банери, фигури што обземаат со својата експресивност и драматичност, технички постигната со употреба на јаглен како примарен цртачки медиум, кој авторката не случајно одбира да го користи, особено поради перформативните квалитети и флексибилноста во изработката што ја дозволува овој материјал. Целата поставка даваше некаков метафизички немир, распоред во кој се крие енигмата на комплицираното, „исконструирано“ егзистирање на човекот. Додека се движи низ поставката, гледачот е „набљудуван“ и „набљудува“, тој е „испитуван“, но и се „преиспитува“. Овие хипертрофирани суштества со деформирани тела, поставени пред нас како на сцена, како да се доволни сами на себе, „егзистираат“ во еден надреален амбиент, дел од еден отуѓен сон на своето постоење. Тоа се фигури поставени во еден нем сооднос со самата своја ,„функција“ и вкочанетост, ликови што на некој начин може да се сфатат и како соочување лице в лице со негативниот набој и поигрувањето со идентитетите, како наше секојдневие.
Во творештвото на Анкица Митровска се одразуваат повеќе моменти што ги откриваат специфичностите на условите и времето во кое живее и работи. Оваа изложба, истовремено ја открива и нејзината способност да навлезе и психолошки да заплови во длабочините на човековата психа, а со својата гротескност како да го нагласуваат внатрешниот немир на човекот, вознемиреноста на поединецот или колективот, но и трансформациите при отпорот или прифаќањето на општествените промени, есенцијалноста и егзистенцијалноста на неговото битие, сиот негов немир, сите стравови и тегоби што ги носи и со кои се соочува во денешното, современо општество, онаа современост што полека, бавно, но сигурно нѐ гуши, нѐ обзема, нѐ уништува… Толку моќна, способна да го убие човечкото во нас и целото битие на нашето постоење, претворајќи нѐ во монструозни, хуманоидни „чудовишта“, за што можеби најдобро сведочea и четирите политички ликови: Untitled (Who are They?), Untitled (A.M.), Untitled (B.O.) и Untitled (N.G.), чиј идентитет, беше разобличен и доведен до степен на непрепознатливост до чиста карикатуралност, а околу нив безгласно „маршираа“ војниците (SOLD-jers), набљудувани од Стражарите (The Guards), кои тивко го следат секој наш чекор, додека Паднатите (The Fallen), сведочат за целокупната фрагилност на битието… На секој од овие ликови-актери-субјекти, може да се гледа и како на сведоштво за една посебна, издвоена, индивидуална психолошка состојба, која ја доживуваме, или сме ја доживеале…
Режирајќи ја оваа изложба, авторката преку главните актери на дејствието, истовремено успева да оствари директна комуникација со гледачот, терајќи нѐ и да се запрашаме дали некогаш ќе успееме да стигнеме до фиктивната оаза на мирот, преку активно разрешување на сопствениот немир? Она што можеби е највознемирувачко, а истовремено и толку блиску, е што овие ликови не ни се туѓи. Не можат да бидат. Тие се тука, и присутни.
Во секој од нас.
За секој од нас.
Околу секој од нас.
Ангела Витановска, историчар на уметност
15 октомври 2020