МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ПЛАТНОТО КАКО ПРЕДИЗВИК

Кон изложбата „Од ѕид до платно“ на Дејан Давчевски,
Галерија МКЦ, 10-20.07.2021

На 10-ти месецов, во галерискиот простор на Младинскиот културен центар, беше отворена изложбата ,,Од ѕид до платно“ како прва самостојна изложба на младиот Дејан Давчевски, главно насочен кон графити-уметноста и урбаната сцена, кои силно се одразуваат во неговото досегашно творештво и кои, меѓу другото, се и главниот поттик при реализацијата на овој негов најнов проект.

Затвореноста, изолираноста и недостигот од физичка интеракција со која поради превенција од ширење на коронавирусот моравме да се соочиме сите, кај голем дел од популацијата доведоа до дезориентираност, конфузност, невротични епизоди и состојби на бес и паника, зголемувајќи ја општествената анксиозност и предизвикувајќи егзистенцијален дисбаланс, кој од ден на ден сè повеќе наголемуваше, доведувајќи го денешниот човек до степен на дискомфортност и страв од физичка интеракција. Во светот на уметноста, се покажа дека токму овие моменти, главно предизвикани од затвореноста на институциите, ги наведоа уметниците да размислуваат и да го преиспитуваат значењето на галерискиот простор од аспект на уметникот, но и од аспект на публиката, силно нагласувајќи ја потребата од физички достапна галерија, која почнувајќи од крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години, со првите перформанси и хепенинзи, уметниците континуирано се обидуваа да ја оттргнат од својата практика, т.е. да се оттргнат од стегите на институционалното и да го освојат јавниот простор, како начин на доближување и интегрирање на уметноста со публиката, што пак во голема мера ќе биде поттикнато од сложената општествено-политичка криза во западното општество ќе заостри кон крајот на 60-тите. Сето ова, дополнително ќе ја нагласи атмосферата на борба и потребата да се избега од наметнатата стварност, кои ќе бидат и првите чекори напоттик кон тн. герилска уметност, политичко сликарство и новите форми на дематеријализирана уметност.[1]

Сега, години подоцна, кога пандемијата нè затвори дома, уметникот се соочи  со „нова реалност“ и нов начин на нејзино преиспитување, а со тоа и копнеж, но и потреба да се врати на концептот на „ограниченоста“ на физичкиот, наспроти слободата и „безграничноста“ на виртуелниот сајбер-простор. Како графити-артист, потрагата по слободата е нешто што игра значајно место во творечката практика на Давчевски. Ограниченоста и рестрикциите во јавниот простор доведоа до повлекување и ограничување на слободата на авторите од урбаната сцена, поради што предизвикувачката ѕидна површина за кратко мораше да биде заменета со некоја друга форма на визуелно изразување. Давчевски се одлучи за платно.

Проектот „Од ѕид до платно“, ги изразува двегодишните искуства со кои се соочил младиот автор во време на корона-кризата, како на професионално, така и на приватно ниво. Како резултат на ова, делата од кои преовладуваа портретите, наспроти неколкуте фигуративни композиции, не може, а да не се разгледуваат низ призмата на сето она со кое се соочивме во текот на изминативе две години.

Преку употребената геометризација изведена од квадрати, триаголници, кругови и правоаголници, како основни геометриски форми, кои симплифицирано се користат во изведбата на графитот, забележуваме дека Давчевски истите сурово ги „крши“, обидувајќи се да изгради една мрежа од асоцијативно-симболични форми, надополнета со полукружни и испресечени линии, работени со голема концентрација, кои истовремено оддаваат некаква своевидна стабилност во поставеноста на елементите во композицијата. (,,Брз ум“, „Движење“, 2021). Овие дела, и портретите на кои намерно се изоставени автентичните, индивидуални белези на портретираните индивидуи, авторот прави спој помеѓу фигуративното и нефигуративното, познатото и непознатото. Тоа се портрети на човек што сака да избега од себе, од кризата, од општеството, од смртта… Од бездната во која целиот свет пропадна и… Пропаѓаше изминативе две години. Тоа се портрети што силно го одразуваат психолошкиот немир, фрустрацијата, разочараноста и потиснатоста на нашите чуства на нетрпение, паника, страв и тага, кои цврсто се држеа за нас, но и непокорливоста на надежта што се обидуваше да се избори. Тоа се композициски шеми каде што преку конкретен распоред на формите, кои се остри, тврди, проникливи („Нетрпение“, „Мисла“, „Фрустрација“, сите работени 2021), преку внимателно одбран колорит од нијанси на плаво, окер, портокалови и црвеникави нијанси, секавично се појавуваат и исчезнуваат од неутралната позадина од која дури момент подоцна од првото соочување со делото, испливува човекот како една силуета… Како сенка од некое минато време, од некоја друга, за нас веќе подзаборавена реалност. Токму овие моменти најдобро го претставуваат акцентот на кој авторот го поставува својот интерес во прикажаното – реминисценција на психичката побуна изразена преку чувствата на човекот. Тоа се портрети на нашата внатрешна борба, портрети на ревносност на човекот-борец, кој не дозволува да потклекне и да ѝ се предаде на немоќта, која проникливо го јаде општеството.

Експериментирајќи со тонските и валерски особености на бојата и техниката (акрил, спреј), барајќи нови соодноси и вредности во целината, преку вртлогот бои и форми што не мируваат, постојано моќни, движечки, динамично преплетувајќи се, Давчевски ја покажува човековата конфузност и немир, немир од она што ќе следи, немир од она што било и што ќе биде. Стагнацијата и револтот, декаденцијата и падот, но и прогресоткој следи. Промената што се очекува и настапува по секое уништување. Динамичноста на колоритот и формата, дополнително го нагласува футуристичкиот момент во делата, но ваквата грижливост да се постигне техничка перфекција со јасен распоред и грижливо довршување на сите претставени елементи може да биде и ризична за еден млад автор, бидејќи овој момент може да доведе и до своевидна извештаченост на претставеното, која е способна да ја спречи секоја трага што ќе ја акцентира или која барем би носела некаква идеја да го изрази интегралниот момент кај секое од делата…


[1] Л. Трифуновиќ, Сликарски правци на XX век, Скопје, ИЛИ-ИЛИ, 2009, стр. 179

Ангела Витановска, историчар на уметност
21 јули 2021