Кон изложбата „Движење“ на Марија Ќурчиева, Галерија 2, 25.6.2020
На 25.6.2020, во горното фоаје на Младинскиот културен центар беше отворена изложбата со наслов „Движење“, како прва самостојна изложба на Марија Ќурчиева, млад автор, родена 2002 година, моментално ученик во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, со примарни интереси насочени кон сликарството и портретната уметност, што можеше да се види преку осумнаесетте дела претставени пред публиката, главно портрети и автопортрети, работени во техника акрил на платно и неколку во комбинирана техника на картон.
Кога станува збор за портретното сликарство, неретко недостатоците може да се забележат уште во првиот момент кога гледачот ќе се соочи со самото дело, со портретираниот лик, како најдобар начин авторот директно да воспостави контакт со гледачот. Во делата што ја исполнуваа Галерија 2 од Младинскиот културен центар, иако беше видлива тенденцијата на младата Марија да ги долови психолошките моменти во зависност од амбиентот во кој одбрала да ги претстави, поради што и се разновидни и променливи во квалитетот, сепак не може да се зборува за некаква психологизација на портретираните индивидуи. Сликите се компонирани од фрагменти што го задржуваат извесниот наивизам во формата, како и фронталност во поставувањето, со ликови кај кои е видлива блага извештаченост во изразот. Комбинирајќи ги боите, иако авторката се трудела да постигне раздвиженост и ритам, преголемата статичност и отсуството на експресија несомнено се наметнува, давајќи впечаток на херметичност и безизразност. На моменти се забележува суптилно раздвижување на линијата и колоритот во третманот и обидот да се портретираат избраните индивудуи во надреалистички манир со нота на немир и тегобност.
Во поглед на техничкиот момент, не може да се негираат цртачките капацитети на авторката, што пак, во одредена мера може да се смета и за недостаток. Негувајќи солиден цртеж, Ќурчиева сето свое внимание како да го посветува на фигуративните моменти, изоставувајќи го третманот со колоритот и екпресивноста, која може да се долови на соодветен начин, особено кога се работи за психологизацијата кај портретираниот лик. Иако во предговорот од нејзиниот каталог наведено е дека: „Ќурчиева во првиот печат го портретира движењето на сопствената индивидуа, портретната емоција и дуалност“, сепак да се дојде до единство и целина од овие компоненти, потребни се години сериозно искуство и посветеност, за да дојде до моментот кога внатрешната екпресија ќе успее да ја претвори во една дефинирана форма, способна да се впушти во дијалог дури и немо посматрајќи го гледачот.
Земајќи предвид дека сѐ уште е на почетокот од својата кариера, делата од овој циклус не може да се каже дека се карактеризираат со посебен ликовен израз и индивидуалност во приодот во поглед на ликовните барања, кои сам по себе ги наметнува избраниот мотив, меѓутоа нема сомнение дека во поглед на техничката способност и цртачките можности, младата авторка го носи потенцијалот во себе. Прашање на време е како и дали тој ќе се развива понатаму.
Ангела Витановска, историчар на уметност
8 јули 2020