МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ОБЈЕКТОТ КАКО ФОРМА

Кон изложбата „Урбана архитектура во двојна експозиција“ на Виктор Поповски, Галерија 2 МКЦ,  04.06.2021-16.06.2021

Циклусот фотографии, кои изминатава недела публиката имаше можност да ги види во Галерија 2 во Младинскиот културен центар, всушност беа дел од втората самостојна изложба на Виктор Поповски, инаку отворена на 4-ти месецов. Оживеани преку неговиот објектив, претставуваа едно поинакво гледиште на архитектонската градба, или поточно кажано нејзина инверзија, како апстрахиран, превртен и рефлексно прекршен објект, сведен до геометризирана варијанта.

Архитектурата, со сите свои елементи, психолошка, социолошка и урбана димензија, контрасности од текстура, материјал, боја, однос старо-ново, високо-ниско, човек-градба, отсекогаш била инспиративна за окото на човекот, особено за творецот. Како фотографски хроничар, вљубеник во урбаната, модерна архитектура, го обликува градското јадро, насочувајќи го фокусот на гледачот на само еден сегмент од архитектонскиот објект, преку креативно естетско преобликување го реинтерпретира појавното, нудејќи ни ја можноста да видиме препознатливи градби од скопскиот урбан амбиент. Како дел од нив ги препознаваме зградата на Телеком, Соравиа, МКЦ, Нова Македонија, Мавровка, Музеј на Холокаустот и др., визуелно преобликувани со употреба на двојна експозиција, како што и авторот ја нарекол оваа изложба.

Фотографиите се одликуваат со точна геометриска прецизност и острина. Објектитте авторот успеал да ги сведе на симплифицирани искршени форми, редефинирани и преобликувани хибриди поставени во компактен сооднос, оформувајќи една сосема нова и поинаква, апстрактна целина. Иако несомнено делата имаат естетски квалитети, она што во одредена мера можеше да се смета како недостаток за поставката да биде целосно успешна, и која визуелно „пречеше“ на целината, а со тоа и на секое дело поединечно, беше неквалитетната хартија на која беа испечатени фотографиите, со намален квалитет и резолуција, кој влијaел на крајниот резултат, правејќи фотографиите да изгледаат повеќе на преобликувани архитектонски скици со намален колорит, отколку на квалитетно спакувани дела спремни да влезат во изложбениот простор. Но сепак, и покрај овој момент, визуелното единство од сегменти и варијации што потсетуваат на својот корен – архитектонската градба, која ја доловил објективот на Поповски, го привлекоа вниманието кај публиката, особено поради фактот што од препознатливиот архитектонски објект, авторот прави единство помеѓу илузијата, формата, материјата и… идејата, играјќи си со објективна стварност на нашата свест.
Ангела Витановска, историчар на уметност