ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

Новинарот Тони Димков добитник на наградата 13 Ноември

Тони Димков новинар и уредник на Културен печат е еден од добитниците на овогодинешната Награда „13 Ноември“ на Град Скопје, од областа на публицистиката. Наградата, како што велат од Градот ја добива за професионалната посветеност и публикување на настаните од уметничкиот и културниот живот во Скопје.

Од областа на образованието и воспитанието наградата ја доби Сервите Фида, учителка по албански јазик.

Од областа на културата наградата ја добија Љубомир Чадиковски, поранешен директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје и Никола Ангеловски, артист, режисер, преведувач, сценарист и комедиограф.

Од областа на науката наградата 13 Ноември ја доби Петар Намичев, архитект, професот на Универзитетот Гоце Делчев.

Од областа на уметноста наградата ја доби Диме Поповски, естраден уметник.

Од областа на хуманитарната активност наградата ја добија Андријана Серафимовска, Тео Тасев, Теодора Трајковска, Филип Димишковски и Бојан Ристовски, деца волонтери кои им помагаат на децата заболени од малигни болести на Хемато-онколошкото одделение при Клиниката за детски болести – Скопје.

Од областа на здравствената заштита наградата ја доби тимот на доктори кои ја извршија првата трансплантација на срце во Македонија. Проф.д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Зравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски.

Од областа на здравствената заштита награда доби и д-р ЖАРКО КАРАЏОВСКИ за заслуги во здравството.

Од областа на спортот наградата ја доби алпинистката Илина Арсова за искачување на 7-те највисоки врвови на 7 континенти.

Наградата 13 Ноември ја доби и Друштвото на ликовните уметници на Македонија за 75 години заокружена творечка и континуирана работна целина.

Награда добија и неколку ученици и студенти, Матеј Милосиевски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, Ангела Петровска, ученичка во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Ведрана Петрова, ученичка во СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот. Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

*Текстот е преземен од Слободен печат

МКЦ