МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

НЕНАМЕТЛИВА СЕПРИСУТНОСТ

Кон изложбата „Просторот во мене, јас – насекаде“ на Марија Трајаноска, Галерија МКЦ,  08-18.10.2021

Марија Трајаноска, во периодот од 8-18 октомври, го имаше своето последно и најново претставување пред публиката, презентирајќи го најновиот циклус дела, на кој ќе му го даде насловот „Просторот во мене, јас – насекаде“.

Преку 29-те дела во мал формат, од кои се состоеше оваа изложба, Трајаноска направи спој помеѓу фигуративното и апстрактното, употребувајќи акварел и восочен акрил на хартија. Тоа се дела во кои фигура на жена, препознатлива единствено преку контурите на нејзиното голо тело, е присутна речиси секогаш, во истата положба, најчесто со двете раце поставени на градите, без разлика дали е во позадина, централно, во левиот  или десниот просторен агол од делото, опкружена од просторниот „хаос“ од бои, кои бездруго претставуваат и метафора на херметизмот на внатрешното, душевно доживување, кое се јавува во свесното и потсвесното на младата авторка, а кое таа делумно ѝ го нуди на публиката.

Тоа се композиции, во кои просторот е надополнет со една сосема мала фигура, која делува некако блиску, но истовремено и толку далечно од нас, но во никој случај незабележливо и незначајно. Иако згрчена и сосема мала, таа е моќна, доминантна во просторот. Таа е таинствена, неизвесна… Јасна. Фигуративното изразување во овие дела, повеќе може да се сфати како начин на метафоричко размислување, каде што во темниот колорит, кој доминира во целиот циклус, фигурата претставува собир, белег преку кој доаѓа до израз анатомскиот и сликовит исказ на изобличеното и изопаченото, кое преовладува во светот наоколу, присутно во просторот „во“ и „вон“ нас, деструкцијата наспроти креацијата, спокојот наспроти неспокојот, кој го носиме во себе. Темнината наспроти светлината и светлината наспроти темнината, кои постојано атакуваат една над друга, воспоставувајќи го природниот баланс на нештата. Со остри потези нанесени со восочен акрил врз акварелната површина, Трајаноска остро ги потенцира емоциите што просторот, случувањата, луѓето, сите дразби, ги предизвикуваат во неа. Емоции што се присутни во секој од нас. И легитимни.

Од технички аспект, може да се забележи дека делата се работени со големо внимание и прецизност, особено во делот на фигуративното изразување, типично за младата авторка, која го владее не само цртачкиот, туку и сликарскиот третман. Она што е видливо, е дека на моменти сѐ уште се обидува да се оддалечи од академизмот и поуките стекнати во текот на студентските денови, кои и не беа така одамна, применувајќи ги оние што се корисни за нејзината уметничка креативност. Не губејќи ја врската со светот околу себе, симболично, Трајаноска дава призор кон сопствениот, длабоко скриен простор, каков несомнено сите ние носиме во себе. Секоја боја, секој тон, секоја линија е носител на различно значење за просторот во неа и нејзиното сеприсуство. Делата од овој циклус може да се доживеат како една заокружена целина во која секвенционално можеме да видиме сегменти од авторката.
Една различна Марија. Марија која е тука, и ваму и таму. Насекаде…

Ангела Витановска,
историчар на уметност  21 октомври 2021