ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

МКЦ ОТЧЕТ 2021

Дојде и тоа време во годината во која го објавуваме сработеното за претходната.

Aма уморни сме од сѐ, па решивме ќе напишеме кратка песничка.

брзај брзај мкц
кон европскиот сон
те чека тетратка
и молив

Пандемијата некако заглави со исплатата на ратите, ама паметна, нема оставено број, па не можат да ја добијат од Стопанска банка. Сите потреби и сите искрени пориви и сите мисли од сите на светов се чини ни се скоцкани во една огромна потечена желба –  сѐ ова побрзо да заврши.

Ама изгледа нема. Сепак, во човековата еволутивна природа е постојано да се адаптира за да стане уште подобар човек. Сакаме да веруваме дека светот стана похуман, а уствари најверојатно само еволуираше нашата нетолеранција на лактоза.

Како и да е, следува мал осврт на настаните што ги имавме.

Почнавме доста скромно, со оглед на капацитетите што беа воспоставени како протоколи. Вo февруари имавме две независни театарски престави на репертоар, „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во продукција на Артопија, со свое јубилејно 85. издание (insert celebration emoji), потем и премиера на театарската претстава „Кожурец“, исто така во продукција на стожерот на независната театарска сцена, неуморните Артопија. Се случи и концерт на Јордан Костов квинтет во организација на издавачката куќа PMGJazz и премиерно издание на првиот мини-фестивал на CGI анимирани филмови SKOPJE FRAMES.

Март традиционално со ВЕЧЕРИ НА ЖЕНСКИ ПРАВА во организација на Универзитетот ЕСРА, Град Скопје и канцеларијата на UN Woman, концерт на Филип Букршлиев трио, повторно како дел настаните во организација на PMG Jazz, како и завршниот настан со онлајн-фестивал на театарските изведби од меѓународниот проект CHORUS во кој зазема учество и МКЦ со своја продукција, претставата ОРЕСТИЈА 1/4 во режија на Ивица Димитријевиќ.

Април беше резервиран за концерт на младиот пијанист Дино Имери и две изложби, „Помеѓу зборот и сонот“ на академската сликарка Наташа Андонова и групната изложба „Изложба“ на Ана Трајковска, Душан Стефановски, Ивана Секуловска и Јован Јосифовски.

Е сега маааај. Мај со своето прекрасно сонце и пролетно расположение напикано зад темните облаци на поројните дождовите, кои секогаш за инает врнат во мај кога не треба, а февруари можеш по кратки да се качуваш на Водно – па Грета Тунберг викала, епа ќе вика – ни донесе повеќе настани, малце да се вратиме во нормално темпо. „Земјотрес“ 9-то издание, еден од нашите најдраги фестивали на кој сме драги домаќини, во организација на независните музички издавачи, премиера на краткиот филм „Прашливи цвеќиња“ во режија на Мирослав Илиќ – не тој, еден друг исто кул дечко – потем две изложби со наслов „Носталгија“ на Иван Мегленов и „Интимно понирање“ на Трајче Чатмов. Имавме и промоција на првата стихозбирка на Ивана Јовановска. Во организација на Здружението на џез-музичари го одбележавме светскиот ден на џезот, имавме концерт на Културно Уметнички Работници и ха, концерт на Авелина, пак оваа „Да го поздравиш и да ми го бациш“ – сакаат да одат до стота изведба, а имавме и промоција на деби-албумот „Hello world“ на бендот Stoned Hedge во издание на Password Production.

Јуни веќе пукна топлото и пукнаа настаните, почнавме со изложба на фотографии „Урбана архитектура“ од Виктор Поповски, промоција на книгата поезија „Ќе фатит бран“ од Долорес Атанасова-Лори и „2 мин. и 40 реда“ од Александра Јуруковска. Вредно да се спомене овде е и големиот проект во кој МКЦ зема учество, а тоа е проектот на канцеларијата на USAID за борба против климатските промени, кој вклучуваше работилници, предавања, младински самит како и патувачко кино со проекции низ државата. Бевме домаќини и на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и нивното 9-то издание, а го одбележавме  и Record store day, денот на независните музички продавници, а за македонски амбасадор на денот беше Александар Петрушевски. Ја промовиравме и книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња” од Весна Дамчевска, „Денот на црвот“ од Симона Јованоска и „Видеологија“ со филмски рецензии на Златко Ѓелески. Богами сме се утепале од промовирање книги, ама со коронава луѓето веројатно решија место да зборат, да пишуваат. Имавме и премиера во паркот зад МКЦ на краткиот филм „Проблемот на Тина“ во режија на драгиот Радован Петровиќ, а заедно со канцеларијата на ЕУ организиравме и патувачко кино со наслов „Европско кино под отворено небо“ низ повеќе градови во државата.

Јули го одбележа 20-тото издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS со проекции насекаде низ Скопје. Се уби од врнење, а ние на прес-конференцијата делевме креми за сончање и сламарици, ама пак ни се најдоа во ноември. Се одржа и МКЦ за Скопје, настан со кој ја одбележуваме годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а имавме и премиера на театарската претстава „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева. И пак промоција на книга, „Meч од мечти“ од Диме Данов.

Август. Море од топлотни бранови, исцедени контејнери, електрични тротинети, салмонела од бајати мајонези, воздух што е полесно да го пакуваш, отколку дишеш. Граници затворени, ладиме нозе со црево и имаме: настан „Роман на годината“ во организација на фондацијата Славко Јаневски, дел од проекциите од фестивалот Македокс, нашиот најдраг фестивал, ама и феноменален концерт на светскиот пијанист Љубомир Мелник во изгорената шалтер-сала на Поштата во Скопје. Наклонетост на ѕвездите – checked. При крај на август, фестивалот со кој го славиме нашето среќно постоење – 11-то издание на ЗДРАВО МЛАДИ. Настапија: Lufthansa, Blackstate, KoiKoi, Belgrado, Murman Tsuladze, Iskra, Peki Pele, Shortparis, Hercules and love affair, DJ Fitz. Со Sure Shotz имавме и Skopje Shake, тресевме екстремитети.

Дојде и септември, изложба на Бранкица Јордановска со наслов „Маска или преобразба на изопаченото“, Скопски поетски фестивал,  металски фестивал Revival Festival во организација на Terrorvoid promotions, прво стендап-шоу во МКЦ со Влад Илиќ на Skopje Comedy, премиера на независната театарска престава „Дневна доза мазохизам“ на Лука Кортина и Пресврт продукција, концерт на Seine, „Добра идеја“ музички фестивал, промоција на „До небото и назад“  на Ана Јовковска, премиера на „Северен пол“ на Марија Апчевска, филмот кој за влакно ќе освоеше Златна палма на Кан да не беше хороскопот ретрограден. Имавме и концерт на Rush To Relax, хостиравме и дел од програмата на Бела ноќ со 11-тото издание на ПМГ Рекордингс фестивал, бевме домаќини и на новиот театарски фестивал на независни продукции Strum und drang, а доживеавме и премиера на преставата „Вистинскиот запад“ во режија на Борис Василески.

Септември го одбележа за нас и еден од најважните настани во историјата на МКЦ, посетата на претседателката на Европската унија, комесарката Ursula von der Layen, која е првпат во државата и каде на друго место, ако не – во МКЦ.

Ама ние во март веќе претходно влеговме во ЕУ, со влегувањето на МКЦ во најголемата европска мрежа на концертни сали LIVEUROPE.

Октомври ја најави есента во нашите животи со есенското паѓање на лисјата и првото парче испечена тиква, бидејќи… Што друго.

Сепак, продолживме одлучно. Се случи и 5-тото издание на Скопје винил конвенција во организација на Funky Fresh, фестивалот Џифони, „Крај Вардарот Џез“ во организација на PMGJazz, две-три, пет-шест промоции на книги, бевме домаќини и на дел од програмата на Скопскиот џез-фестивал, имавме и премиера на претставата „Модиљани“ во режија на Сибел Абдиу и Пик продукција. Сега сфаќаме дека сме имале и еден куп театарски премиери, веј ту го.

Ноември, значи уште еден месец и декември. Имавме премиера на „Пандорината кутија“ во продукција на Медиа Артес, а организиравме и мал фин музички викенд-настан насловен како „Музички блок“ на кој настапија 21Век, Nemanja, Roza, Kalata, 3Ject, Odron Ritual Orchestra со што ги вративме концертите во нашата сала вечна младост 25 Мај. Имавме и многу фин настан „50 години анимиран филм во МК“ со одлична публикација и проекции на првите македонски анимирани филмови. И пак Артопија, овој пат со премиера на „Мајсторот за спомени“ во режија на Јане Спасиќ, очигледно дека сакаат да добијат златен фундус награда за најупорна театарска група. Тука е и првата заедничка изложба на Филип и Ангел Коруновски со наслов “Symbiotics”, во која беа претставени 40 дела работени во комбинирани сликарски и цртачки техники. Да не заборавиме и повторно промоции на книги.

А сега, време е за 46. МОТ, со амбициозна програма во живо, ништо онлајн, само публика во сала и аплаузи. И уште поамбициозна програма од 26 престави во месец дена фестивал – знаеме и слави што пократко траат.

Бевме домаќини и на ПИН музичката конференција во организација на Пасворд продукција, на која продефилираа одлични нови музички артисти од земјата и Европа, беа одржани и повеќе панел-дискусии, битни за новите движења во музичката сцена, а во кои МКЦ го промовираше Scenergies европскиот проект во кој е партнер.

Дојде и декември, па така отворивме и изложба со наслов Vanishing point од Александра Петрушевска, имавме одличен камбек-концерт на Foolish  Green, изложба со боди-арт на уметникот Бојан Ковски, а бевме и домаќини на Европската филмска недела во организација на Europe House. Некако природно дојде да ја затвориме годината со 3 музички настани: концертот на Свемирко, концертот на Марија Каева, Фантом, Тодор Караколев и DJ Magija и сега за некој ден GTA журка во Скопје.

Да ја истакнеме и годишната работа на нашиот драг Детски креативен центар со: повеќе од 50 ликовни изложби, 18 работилници со Град Скопје на тема „Децата низ ликовната и примената уметност“, 14 работилници како дел од проектот „Играме во стимулативна средина“, работилници за дечиња со потреби насловени како „Арт терапија“ во кои децата и нивните родители го запознаваа културното богатство во музеите во Скопје, Едукација на наставници за работа со деца со потреби од Скопје и државата и Драмското студио и нивниот проект „Кога ќе пораснам“!

Ете така, се изнапишувавме. Искрено се надеваме дека најпребаруваниот збор во речник следната година ќе биде ПРОВОД, а ние ветуваме дека ќе го најдеме единственото УСБ што пасува на Vivax-системчето во бифе со нормална музика.

Ве сакаме и се гледаме во следната, за 50 ГОДИНИ МКЦ!
Андијамо