УБАВИ НЕШТА, ВЕСТИ

Лидија Димковска наградена во Словенија

На меѓународниот поетски фестивал „Лириконфест“, кој во ограничено издание се одржа изминатите денови во Велење, Словенија, на Лидија Димковска ѝ беше доделена највисоката фестивалска награда „Чаша на бесмртноста – Велењица“ за врвен поетски опус во изминатата деценија.

Во образложението на жирито се нагласува дека Лидија Димковска со својата поезија гради мостови меѓу повеќе култури и народи, а нејзините песни се проникнати со општествена критика и со конкретно поставени прашања за миграциите, бирократизацијата, националната алчност, емотивното страдање и заборавената историја. Жирито истакнува дека во изминатата деценија со нејзините врвни поетски збирки „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“ објавени на словенечки во препев од македонски на Алеш Мустар, Лидија Димковска докажа дека го заслужува називот словенечка поетеса.

Во 15-годишното постоење на наградата Лидија Димковска е првиот добитник кој живее во Словенија, но не пишува на словенечки јазик.

На свеченото доделување Димковска истакна дека наградата му ја посветува на словенечкиот поет Антон Ашкерц според чија поема „Чаша на бесмртноста“ и се нарекува наградата.

Во Македонија објавува за издавачката куќа Или-Или од Скопје.

*Текстот е преземен од www.mkd.mk

МКЦ