МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ЛИЧНИОТ СТАВ ОД ПОИНАКВА ПЕРСПЕКТИВА

Кон изложбата „Носталгија“ на Иван Мегленов,
Галерија МКЦ | 5.5. – 18.5.2021

,,Носталгија“ беше изложбата што публиката имаше можност да ја погледне од 5-ти па сѐ до 18 мај, 2021, како прва самостојна изложба на Иван Мегленов, дипломиран графичар од најмладата генерација, примарно заинтересиран за графичкиот дизајн, дигиталниот колаж и техниките во дигиталната графичка практика, кои може да се постигнат со употреба на дигитални алатки и ефекти.

Сите ние, нераскинливо сме сврзани со нашите спомени, сеќавањата, кои се неминовен дел од животот на секој поединец. Сеќавањата од вчера, сеќавањата од пред една недела, од пред една година, сеќавањата од студентските и средношколските години, сеќавањата од нашето детство. Оние моменти што поминале, а кои засекогаш ќе останат врежани длaбоко во нас. И ќе се случи понекогаш, само еден предмет, една боја, една миризба, ќе нѐ наврати години наназад, носејќи нѐ онаму каде што одамна не сме биле…

Иван Мегленов, покрај дигиталните колажи на кои работеше изминатиов период, позитивно изненади со оваа негова комплетно нова, досега ниту еднаш објавена серија дела, што е за пофалба, особено во време кога уметниковото присуство постојано е дел од социјалниот медиум, условен од константниот притисок, кој мрежата следбеници сама по себе го бара и го задава како притисок врз самиот уметник, паралелно условено и од индивидуалната желба (и потреба) за негова константна промоција. Мегленов спремајќи ја оваа своја изложба, за среќа, ниту еднаш не потпадна под ова „искушение“, и „криејќи“ ги своите дела, со употреба на разни визуелни елементи како отворени виндоус-прозорци, веб-табови, ЦД и флопи-дискови, отворени папки и фолдери, касети, симболи од игри, алатки и уреди од раните 2000-ти, преку серијата графики изведени во техника сериграфија со претходна дигитална обработка, нацртани најпрво во Адоуб илустратор, и подоцна преработени во фотошоп, се обиде да ни ја презентира носталгијата во себе. Негова, сопствена и наша, колективна. Носталгијата по детството, по мирот, сонот, фантазијата, носталгијата по времето пред. Носталгијата по она што некогаш сме биле и што денес сме.

Имено, изложбата чијшто првичен концепт започнал да се развива уште од минатата година, започнал значително да се менува по случајот „Јавна соба“, што дополнително влијаело врз менување на расположението кај авторот, поради што и во делата се забележува провлекувањето на суптилни пораки во оваа насока, како: „Kill all misogynists“ (Dispensable, 2021, инаку прво дело од серијата), „U OK?“ (Memories, 2021), „Respect woman you piece of shit!“ (Fuck tradition, 2021), што дава една поинаква димензија на оваа изложба, особено ако се земе предвид колку само вербалната и психичката злоупотреба кон жените е зголемена со доаѓањето на ерата на дигитализацијата. Ова пак, до некаде доведе до една општа конфузност во претставеното и пораката што делата имаа за цел да ја пренесат. Од една страна, дел од делата беа искористени за преку нив авторот да го искаже сопствениот став и револт за настанатата ситуација, поврзувајќи ги сите употребени елементи како елементи од детството на една индивидуа, како интегрален дел од оформувањето на една личност, но на моменти, оваа идеја – ЈАСНО да се искаже носталгијата, потрагата по она невино, безгрижно, неповратно минато, во случајот детството и чистотата кај поединецот, некако се губеше во мноштвото претставени сегменти. Ваквата преголемата натрупаност, во комбинација со монохромноста, како и употребата на пораките поврзани со мизогинијата, на моменти го одвлекуваше вниманието од првично зададениот коцепт, а токму ваквата комбинација и „мешање“ неколку различни мотиви, понекогаш за авторот знае да биде исклучително проблематична, поради што и бара исклучителна претпазливост. Технички пак, употребувајќи дигитална поинтилистичка постапка, во делата се забележува умереност и баланс помеѓу светло-темно, иако можеби на моменти видлив беше недостатокот на поинакво постигната текстура со што целата композиција би делувала побогато и би дала различен третман на претставениот материјал.

Сепак, земајќи предвид дека се работи за прво официјално претставување пред јавноста за младиот автор, а особено самиот факт што се работи за серија дела, кои се целосно различни од сите негови претходни, ,,Носталгија“ во одредена мера го постигна својот ефект, како едно суптилно чекорење низ светот изграден од размислувањата, желбите, ставовите и… Сеќавањата на младиот автор, во кој гледачот имаше привилегија да присуствува и одново да ги доживува и оживува со него.

Ангела Витановска,
историчар на уметност