МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

КРЕВКОСТА НА ДЕТСКОТО

Кон изложбата ,,Детска фантазија“ на Ненад Тонкин, Галерија МКЦ, 18.06.-09.07.2021

Да ги затвориме очите и да се обидеме да се вратиме години и години наназад, во светот што беше само наш, светот во кој можевме да имаме сѐ што ќе посакаме, она далечно време во кое некако сѐ беше возможно и… Достижно. Светот во кој само неколку линии беа потребни да оживеат и најстрашен ѕвер, тигарот и лавот можеа да ни бидат верни другари, а птиците можеа да нѐ однесат насекаде…

Фантазијата, иманентна на човековата природа, е нераскинлив дел од нашето битие уште од првите моменти откако стануваме свесни за себе и за самото наше постоење. Оркестрирани под водство на Ненад Тонкин, визуелен уметник и сценограф, суштествата од имагинацијата на деца од четири и петгодишна возраст, кои се јавуваат како коавтори на оваа изложба, на 18 јуни ,,оживеаја“ раздвижени низ галерискиот простор на Младинскиот културен центар, како сегмент од некоја сцена на детската фантазија. Се борат, разговараат, се натпреваруваат… Тие се овде, ваму, таму, насекаде! И во таа бурна мешаница, во тој жив разговор, во тој момент на судир помеѓу сите овие ликови од детската имагинација, сме ние гледачите, затекнати од протагонистите што нѐ повикуваат, нѐ мамат, нѐ засмеваат. Таму сме, набљудуваме, и во своите мисли како и самите да посакуваме барем за миг да сме дел од тој свет. Иако почетоците за разбирање и анализирање на важноста на детската уметност беа втемелени уште кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век од страна на Жан Жак Русо, Јохан Х. Песталоци, Џон Раскин и Херберт Спенсер, сепак првите посериозни чекори кон истражување на имагинацијата на детето во визуелната практика, а со тоа и самиот термин, „детска уметност“, ќе биде воспоставен од страна на Франц Цишек во 1890-тите, кој е и првиот што ќе ја согледа детската уметност од естетски аспект, верификувајќи го детскиот цртеж како „скапоцен документ“.[1] Имено, уметноста на секое дете го рефлектира нивото на самосвест и степенот до кој тоа е интегрирано со својата околина. Терминот „детска уметност“ во сферата на современата ликовна уметност, се однесува не само на остварувањата изработени од детската рака, туку и на оние дела што вклучуваат претстави со деца, но истовремено и во конотација со илустрациите наменети за деца.

Честопати, творештвото на повеќе автори низ историјата на уметноста покажало дека уметноста не секогаш е заснована, а ниту треба да е, на свесни естетски одлуки, анализи и практики. Откривањето на естетскиот квалитет на неквалификуваниот визуелен израз од страна на децата, во повеќе наврати се поврзува со естетиката на модернизмот, поради што и токму идеите за модернизмот и промените на естетските стандарди во раниот XX век, беа првиот поттик што доведе до тенденција за посериозно проучување на детската уметност. Плуралноста на значењето во уметноста се сфаќа како зависна од гледачот, контекстот, времето и просторот и е дополнително комплицирана од неостварливата дефиниција за уметноста што опфаќа широк дијапазон на дела создадени од традиционални и нетрадиционални материјали и практики. Естетичкиот дискурс отвора прашања во врска со природата на делата што ги создаваат децата и како тие можат да се читаат и толкуваат како отворени, тековни дијалози.[2] Преминот од формалните уметнички квалитети во пошироко предвидените идеи за репрезентација, донесе видливост кај детските уметнички продукции во однос на формата, содржината и производните вредности на детската работа.[3] Во естетските искуства од животот на децата, материјалноста на уметноста се открива како нешто што не само што го проширува значењето, туку станува и дел од самото тоа значење.

Во единствената, креативна визија на детето, Тонкин го пронаоѓа и детето во себе, суптилно обидувајќи се да го одржи балансот помеѓу рационалното, замисленото и измисленото. Во темата и мотивот, кои авторот одбрал да ги искористи, навидум сѐ е дозволено. Тоа се сегменти од наивниот и кревок свет на детската фантазија, преполн со калеидоскоп од бои, игри на фигури и форми, во кои конкретното, нам познатото, во свеста на детето се претвора во мрежа асоцијативни форми што авторот ни ги доближи употребувајќи основни геометриски форми, кои детската рака ги нацртала, во глава, рака, нога, око, нос, уста. (Не)случајноста со која е поведена детската рака, ја одредува композицијата на авторот и во оваа разиграност од бои и форми, естетското воопшто не е важно, бидејќи во детската фантазија сѐ е совршено такво какво што е. Најпосле, овие скулптури во никој случај не смеат да се сфатат како случајни и иреални, базирани на степен на неодреденост. Напротив. Како што покажува и митската свест на архаичниот човек, ништо не е случајно и ништо не е базирано на произволност во светот и во свеста на детето. Иако свесниот дел не е доволно моќен да ги покрива и контролира креативните дејности на потсвеста и нејзиното симболичко изразување, митската свест исто како и свеста на секое дете, не се служи со апстрактни поими, туку ги заменува со конкретни, симплифицирани верзии на истите.[4]

Скулптурите на Ненад Тонкин, оживеани преку низа интервенции во различни вајарски техники, колажирања изведени со рециклиран картон, дрво и железо, покажаа дека лесно може да се изгради еден имагинарен и толку кревок свет. Близок, а далечен. Познат, а непознат. Тие ни ги доближија доживувањата на децата, и за момент… само за момент, ни ја дадоа привилегијата да бидеме дел од нив и да се потсетиме на некогашниот, заборавен, а сепак постоечки и нераскинлив дел од себе.

Ангела Витановска, историчар на уметност
9 јули 2021


[1] D. D. Kelly, Uncovering the History of Children’s Drawing and Art, Greenwood Publishing Group, 2004, pp. 82-3
[2]  К. Е. Sunday, ,,Relational Making: Re/imagining- Theories of Child Art“, Studies in Art Education: A Journal of Issues and Research, Vol. 56, No.3, 2015, p.229
[3] Ibid. p.231
[4] Н. Чаусидис, Митските слики на Јужните Словени, Мисла, Скопје 1994, стр. 40-46