ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

КОТЕВСКА, СТЕФАНОВ И ГЕОРГИЕВ ЧЛЕНОВИ НА АМЕРИКАНСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈА

Американската академија за филмска уметност и наука ги покани за членство македонските режисери Тамара Котевска и Љубо Стефанов, автори на документарецот „Медена земја“, и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев. „Медена земја“ испиша историја како прв македонски филм кој годинава имаше две номинации за Оскар, за најдобар странски филм и за најдобар документарец. „Медена земја“ е и прв документарец во историјата на Оскарите што има номинации во обете категории.
Сите тројца се поканети во категоријата за документарен филм, Котевска и Стефанов во категоријата режисери, а Георгиев и во монтажа.

Академијата испратила покани до 819 уметници кои дале значаен придонес во филмската уметност. Во генерацијата 2020, 45 отсто од членовите се жени, 36 отсто се претставници на етничките заедници, и 49 проценти се странски членови од 68 земји.
Има 75 номинирани за Оскар, од кои 15 се победници. Членови ќе станат само тие кои ќе ги прифатат поканите.

„Академијата е пресреќна да им посака добредојде на овие истакнати патници во филмската уметност. Ние секогаш сме ценеле исклучителни таленти кои ја рефлектираат богатата разновидност на нашата светска филмска заедница“, изјави претседедателот на Академијата Дејвид Рубин.

Церемонијата на свеченото доделување на Оскарите е закажана за 25 април 2021 во Лос Анџелес. Поместена е за два месеца подоцна од вообичаениот термин, поради пандемијата на коронавирусот.

Б. НЕСТОРОСКА

*Текстот е преземен од Сакам да кажам

МКЦ