Во периодот од 18.3. до 31.3.2022 година публиката имаше можност да ја погледне изложбата на дигитални дела Пукнатини/Трансформации на уметникот Благојче Наумоски, која редоследно e негова осумнаесетта самостојна изложба, организирана и поддржана од Младинскиот културен центар во Скопје.
Низ неговиот опус може да се забележи дека уметникот експериментира со мноштво разновидни техники и материјали, преку дела и инсталации, избалансирано поставени при што во сите тие разиграни компоненти најголемо присуство зазема геометријата, тематика со која уметникот се занимава години наназад.
Конкретно во оваа ситуација тој целосно го насочил своето внимание и визуелна мотивација кон дигиталната уметност, делата се изработени во дигитална техника, со умерено присуство на геометрија.
Функцијата на празното и полното во една целина, како и нивната трансформација е проблемот со кој се занимава уметникот, задлабочен во пукнатините и нивната трансформација, како и содржината на тие расцепи, кои будат еден истражувачки порив кај Благојче Наумоски преку кој нѐ води и нас како набљудувачи да се запрашаме и да ги осознаеме овие пукнатини со кои сме секојдневно опкружени како едно современо динамично општество.
Иако има многу прашања и дилеми околу дигиталната уметност, колку таа може да биде прифатена како уметност или не, и колку третирањето на техниките, знаењето и вредностите е споредливо со традиционалната уметност, сепак секогаш ќе стои цврстиот аргумент дека и дигиталната уметност ги бара и содржи во нејзиното практикување истите креативни техники, вештини, како и традиционалната. Сепак, копјето се прекршува во оваа глобална дебата околу тоа колку промената на медиумот или природата на дигиталниот медиум ги држи стабилни темелите на традиционалната уметност.
Идејната појдовна точка на авторот кон пукнатината, како содржина и визуелно естетско истражување е во насока на докажување на функционален ефект, односно резултат, кој е трага на некое време, авторска приказна и микрокосмос.
Различното толкување и комбинации од пукнатини преку идејното, естетското, визуелно и симболичкото авторско дејствување, овозможува транформација на содржините.
Во оваа серија на естетско изразување во корењата на техниките и методологијата на третирањето на вредностите можеме да лоцираме една ликовна генеза на влијанија и елементи од модерната и современата уметност во творештвото на Благојче Наумоски.
Освен влијанието на техниките и изразот на позитив и негатив, кој своето потекло го има во графиката, потпомогнато со геометрија во композициските остварувања исто толку блиска во духот на современиот пристап на уметничка продукција, која ја носи Енди Ворхол, може да се детектира како бледо влијание, меѓутоа и чесна аргументирана подлога.
Пукнатините се обидуваат да ни остават сведоштво за едно искршено време со искршен дух, кој се манифестира во секој аспект од битствувањето.
Исто така и во ликовно-апстракниот свет на Наумовски, урбаната димензија и целата симболика на различни атмосфери и визуелни сличности се мешаат со чувствата на изгубеноста, тагата, меѓутоа и на анксиозноста и хистеријата како неодминливо обележје заедно со брзината на информацијата од реалноста.
Напукнатите улици со својата присутност паралелно во урбаната димензија на нашето живеење преминуват и во приказот на делата афирмативно акцентирани со колоритот, како емоционална страна и геометријата како рационална.
Прогресот на творештвото од овој карактер треба да ги достигне своите врвови во обемноста на продуцирањето на еден современ израз затоа што не само времето во кое живееме, туку веќе и научното и естетско минато нѐ води кон тоа. Имено патот на трансформацијата и сето она што го носи таа за да ја постигне својата целовитост мора да помине одреден животен пат. Токму на тоа се алудира во акцентот на потребата од обемност на опусот како подлога и мост на елементите и содржините на трансформацијата во целата нејзина должина. Пукнатини/Трансформации сепак е одраз на свест за несовршеност, а со самото тоа и стремеж кон подобра урамнотеженост како одговор на потребата на времето во кое егзистираме.
Рената Симоновска, Историчар на уметноста