МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

Кон делата од циклусот „Модулар“ на Ненад Тонкин

Идејата за Модулар доаѓа од набљудување на градот и сосема спонтаната анализа на состојбата во него. При таа анализа Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата за естетика во јавниот простор, како и потребата од мултифункционални јавни простори кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот во кој живееме.

Принципот на модуларност е применет од практични причини: модуларните објекти можат да растат, да се намалуваат, да се трансформираат, а со тоа да го менуваат не само својот изглед, туку и изгледот на просторот во кој се наоѓаат. Исто така, играњето со модулите значи и менување на функциите на објектите според потребите и желбите: колку што модулите во својата моментална формација можат да ни понудат единствено визуелно доживување, тие едновремено можат да се престорат во објекти на кои може да се седи, качува, или пак да бидат засолниште за нашите бездомни четириножни сограѓани…можностите за трансформација се бескрајни.

Пред вас денес се скици, макети од картон кои нудат можни решенија за создавање на такви градски катчиња, каде е возможна интеракција на луѓето и животните со овие модуларни, скулптурално-архитектонски објекти. Овие макети сосема функционираат како легитимни скулптури со галериски формат наменети за ентериерно изложување, а нивните двојници за во екстериер се предвидени да бидат изработени од потрајни материјали, како и да бидат изведени во поголем размер.

Она што Тонкин намерно или ненамерно го прави при обмислувањето на модуларниот принцип на неговите објекти е поврзување со просторот во кој би ги поставил – не само од аспект на прилагодливост и ненаметливост во просторите кои им припаѓаат на сите, туку и со принципите на кои почива природата: растење, развивање, опаѓање, непрестајно менување. Или, ако би решиле да бидеме поетични, би можеле да речеме дека дека во сржта на овој циклус почива ДНК на човечкото – онаа нишка која полека ја губиме и на која е нужно да се навратиме пред да се доуништиме себе си и светот кој ни е потребен: нишката на будност, свесност за другиот, солидарноста и скромноста.

Јана Јакимовска

МКЦ