Кон изложбата „Подароци“ на Марко Илиевски, Галерија МКЦ
Претходната среда, на 23.12.2020, беше отворена последната изложба за оваа година, изложбата „Подароци“ на Марко Илиевски, дипломиран графичар, кој своите интереси подоцна ги пренасочува кон модниот дизајн, почнувајќи од 2016 кога ќе започне да работи како асистент во модното студио „Драма“, за веќе од септември следната година да ја заокружи својата академска наобразба и да започне со магистерски студии по моден дизајн на Интернационалната модна академија во Париз, IFA (International Fashion Academy).
Фолклорот како ризница на верувањата, обичаите, уметничките творби од најразличен карактер, е непресушен извор на инспирација, тематски и мотивски сфери, кои се бескрајни, каде што е зачувано огромно богатство од минатото на нашиот народ, традицијата и обичаите практикувани во сферата на секојдневниот живот, но и траги од претхристијаските верувања, претхристијанската религија и митологија, од „колено на колено“ пренесувани на потомците, еден вид подзаборавени реликвијари, симбиоза на интимистичкото, суптилното и длабоко потиснато сеќавање, со моќна алузија, симболика и реминисценција на нешто што поминало, а сѐ уште е тука и присутно како неразделив дел од колективното битие на еден народ. Обредите и обичаите, како и традицијата воопшто, се препознатливи, се повторуваат со поголеми или помали варијации, коишто се должат и на општествените промени.
Жената е вечно инспиративна нишка за креативно и творечко создавање, која во сферата на митолошко-фолклористичкиот аспект може да се разгледа од безброј различни перспективи, како единка што влијае на редот и благостојбата во домот и заедницата, и од денешен аспект, бројни се уметниците што си го поставуваат прашањето за улогата на жената во контекст на создавањето на современата уметничка продукција. Еден од нив е и Марко Илиевски, кој преку неговиот најнов проект, уште во воведниот дел од предговорот во каталогот, како основа и појдовна точка за негова реализацијата, самиот го наведува следново: „Двете главни идеи, кои се основа на проектот, се интерпретирање историја, традиција, култура и фолклор на модерен начин, соодветен за жената денес, како и подлабоко навлегување во еден од најголемите проблеми во модната индустрија, а и светот во целина, а тоа е рационалното, економично и свесно производство на услуги и добра“.
Во време на хиперпродуктивност и масивна потрошувачка, која од ден во ден предизвикува сѐ поголеми и покатастрофални еколошки последици, разбирливо е и потребно да се размислува во насока на реупотреба, рециклирање, рационалност и економичност, што е и главната цел кон која Илиевски започнува да се насочува уште од првата негова капсулна колекција, насловена „Остатоци“, започната веднаш по неговото враќање во Скопје и завршувањето на магистерските студии во Париз, по која ќе следи изработката и на „Подароци“, како негова втора официјална колекција (сезона пролет/лето 2020), на која посветено ќе работи сѐ до октомври 2020. Преку поставката, која ја сочинуваа инсталации и објекти: кошули, фустани, скутници, бовчи, ковчези, завеси и рачно плетени и ткаени чаршави за маси, подарени, „дарувани“ од неговата и на неговата мајка, поставени на ниво на естетизирани реликвии, кои генерираат чувства на спојување кон исконското, битовото, традицијата, споменот и сеќавањето на едно одамна изминато и завршено време, како рефлексија на современото живеење, современата мода, создавајќи едно визуелно единство каде што главната цел на авторот не е само да ја оживее традицијата, фолклорот и разните видови занаети потребни за подготовка на секој од објектите, туку да поттикне кон создавање преку рециклирање и реупотреба на веќе постоечкото. Марко Илиевски во неговата последна изложба, навлезе во малку подзаборавени моменти од традиционалното минато и обичаи практикувани години и векови наназад, со која дијалогот и пораките што го упатуваат, едновремено, ги доживуваме и егзистенцијалното, но воедно, ја насетуваме и патината на носталгичното навраќање, која го доловува времето сегашно и времето изминато.
Конкретно за начинот на изработката, третманот на ткаенините и подготовката на целата колекција, како некој што не е моден критичар, не би можела подетално да навлезам во однос на тој аспект. Но генерално, од аспект на визуелната концепција на галерискиот простор и начинот на кој изложбата беше презентирана пред јавноста, може да се потенцира дека недостаток во целокупниот концепт на авторот е тоа што поставката беше малку конфузна за гледачот, т.е. во поглед на идејата што авторот имаше намера да искаже, таа не беше сосема јасно (просторно) дефинирана. Иако колекцијата беше претставена, сепак за гледачот ќе беше многу појасно доколку изложбата ги содржеше и самите скици од дизајните, или пак, можеби неколку фотографии од моделите, кои ќе ја надополнеа, заокружеа и прецизно ќе ја дефинираа целата поставка, бидејќи иако изложбата беше со намера да ја претстави втората колекција од творештвото на авторот, освен во текстот и фотографиите во каталогот, тоа речиси во ниту еден друг сегмент од изложбата не беше јасно и прецизно нагласено. Поставката во одредена мера претставува и сегмент од еден изолиран, некогашен, дамнешен свет, искуство, но внатрешни емоции и содржини, тенденциозно наместен склоп од предмети, со интенција да се претстави контемплативност дури на ниво на духовност. Одовде, изложбата „Подароци“ на Марко Илиевски може истовремено да се сфати и како еден вид носталгија како поттик и рекреирање на иднината, необичен простор на чувства, кој од галеријата нѐ води во една сосема друга димензија, во едно сосема друго време…
Ангела Витановска,
дипл. историчар на уметноста 30 декември 2020