МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

(ИН)ТОЛЕРАНЦИЈАТА НА ТОЛЕРИРАНОТО

Кон изложбата ,,25-тата слика“ на Ертунч Сали, Галерија МКЦ, 9.9.2020

…Да се слушне – неслушнатото,
… Да се види – невиденото,
…Да се проговори за – незбореното“.

 

На 9 септември 2020 година со почеток од 20:00 часот, во Галеријата при МКЦ беше отворена изложбата со наслов „25-тата слика“ на Ертунч Сали, каде што селективно беа прикажани серија слики, цртежи и графики, работени во текот на изминатите две години инспирирни од актуелните политички и социо-општествени случувања, идолопоклонството кон конзумеризмот и излишното, себичноста, извештаченоста и лакомоста на човекот во модерното општество, онаа површност и заслепеност, која од година во година, се чини сé повеќе и повеќе се влошува, но и сé повеќе се толерира, незапирливо апсорбирајќи го индивидуалитетот, доведувајќи го до степен на негација и отфрлање. Користејќи го концептот за 25-тата слика, во кинематографијата познат како „забранета“, Ертунч Сали преку неговата изложба начнува еден од суштинските, коренити проблеми на современото општество, манипулацијата со масите, по која веригно се надоврзуваат сите останати проблеми со кои е оптоварен и „пати“ денешниов човек, оној „brain washing“, кој медиумите го „сервираат“ и на кој безмалку сме изложени постојано, а кој доведува до потиснување и подредување на интелектуалните способности на обичниот поединец, со примарна цел да се создаде послушен и некритички потрошувач, носител на профит и потенцијален пазар, извор на ресурси или следбеник на владејачките идеологии.

Секојдневните вести и реклами емитувани преку мас-медиумите, се постојана инспирација од која се градат сите сегменти во овие дела, лагите што се проектираат врз консументот, прикажани на асоцијативен и метафорички јазик, со бројни знаци и симболи, ознаки, исечоци, карикатурално претставени ликови од светската и наша политичка сцена, преку кои го отвора прашањето за покорноста на денешниот човек, особено кога станува збор за корумпираните и изопачени вредности, предизвикани од монструозноста на глобалниот неолиберален капитализам, она чудовиште чии главни експоненти се конзервативните социјални елементи и претставници на капиталистичкиот систем, а кое од ден во ден сé повеќе доведува до осиромашување и поробување на цели популации, зголемувајќи ја екстремната нееднаквост. Неговите дела отсечно и бескомпромисно, директно поттикнуваат, провоцираат и проблематизираат. Тие истовремно може да се сфатат и како глорификација на занесот, разобличување на разочарувањето, силно потенцирано од миговите на луцидноста на системот. Независно од медиумот којшто одбира да го користи, извлекувајќи карактеристични детали, „колажно“ внесувајќи ги и соединувајќи ги со целината, исечоци врз кои прави интервенции со цел да ја долови посакуваната и однапред одредена содржина, буквите и зборовите се мешаат и „поклопуваат“ со точките, линиите, цртежите, обоените полиња и симболите, суптилно провоцирајќи го гледачот, поттикнувајќи го да размисли за сопствената (ин)толеранција. Така, преку карикатурално и фотоизманипулирани ликови, кои ни мамат потсмев, авторот можеби отвора едно сосема друго, подлабоко прашање: „ДАЛИ и КОЛКУ всушност, ТИЕ ни се потсмеваат НАМ?!“

Ертунч Сали преку своето творештво зазема свој став и однос, кој преку различни моменти успева да го (ре)интерпретира и (ре)интегрира во секое дело поединечно, создавајќи солидна целина заснова на објективниот однос. Употребувајќи ангажирана метафора, неговата уметност е уметност на побуната и бунтот, на незадоволството од востановениот поредок и систем, од вредносните критериуми на општествената хиерархија, како и на животот, баналните ситуации во него и бесмисленоста и апсурдизмот на постоењето и опстојувањето во денешното општество. Неговите дела може да се сфатат како сатиричка острица, која допира длабоко до сржта на современите, актуелни проблеми на денешниов човек, поттикнати од капитализмот, конзумеризмот и сé што оди со нив.

Ангела Витановска, историчар на уметност
18 септември 2020

МКЦ