45. МОТ 2020, ВЕСТИ, УБАВИ НЕШТА

Интервју со Билјана Радиноска

Билјана Радиноска, режисерка на „Кожурец“: Во театарот има простор да се мантра на раната

Претставата „Кожурец“ на театарот „Артопија“ во режија на Билјана Радиноска е денеска на фестивалската програма на 45. Млад отворен театар, која ќе биде прикажана онлајн од 19.30 часот

Претставата „Кожурец“ е работена според вистинска приказна и го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешните механизми на сексуалната злоупотреба на децата. На програмата на 45. МОТ претставата може да се види онлајн на 2 декември. Разговараме со режисерката на „Кожурец“, Билјана Радиноска.

 

Претставата ја подготувавте во период на кризата со ковид-19, како течеше целиот процес? Колку сè ова ги менува театарските процеси на работа?

Претставата почнавме да ја подготвуваме во јануари и процесот беше организиран бездруго на истражувачки фрагменти, екипата е национално-интернационална, така што културата на онлајн работење некако беше неизбежна. Меѓутоа со пандемијата нашите планови добија други значења. Со почетокот на пандемијата во февруари се чини како да се крена еден тепих под кој долго беа заспале социјалните и економски механизми во културата, особено во независниот сектор. Одеднаш, цели генерации, разни видови на професии, популарно наречени фриленсери, кои немаа безбедносна институционална мрежа да го ублажи падот, се најдоа во исклучително вознемирувачка реалност, сведочејќи ја пандемијата како колективно и индивидуално искуство, јавно и интимно. Во еден момент појасно од порано се насликаа разликите меѓу вработени и невработени, здравствено осигурени и неосигурани итн. и тоа доведува до преиспитување и согледување на позициите во театарот и во процесот, и како истите се и социјално и економски одредени. Сметам дека состојбите на согледување и процесирање сè уште траат, морфираат заедно со пандемијата, така што сметам дека допрва ќе се артикулира низ праксата што и како ова ги менува тековите на работа во театарот.

За да можам да се лоцирам во неизвесноста од пандемијата ја земав истата како контекст, па така процесот беше информиран од контексот: сите тие Зум разговори директно ја структуираа документаристичката драматуршка практика и воедно отворија извесни потенцијалности во актерската игра. Постоеше генерално струење на љубопитство во екипата, за експериментирање со театарскиот јазик во онлајн и театарскиот простор. Сцените во претставата, некаде во своето ехо, ги имаат логиките на онлајн присуството/отсуството.

 

Приказната на „Кожурец“ е за сексуалната злоупотреба на децата, како да се позборува за тоа, а да не се крие во кожурец?

Во пишувањето на тексот со Верица Недеска, се стремевме да се логираме во меѓу просторот на кажувањето и некажувањето, односно да погледнеме кон премолченото сеќавање од детството и наоѓањето на местото на траумата . Отвара дијалог во некој аспект со филозофијата на Дона Харавеј: Останување со невојлата.

На прашањето ваше, повеќе е да се прифати и онаа која се крие и онаа која прозборува. Икуството со злоупотреба ја поделува личноста на она која била пред и потоа, после таа поделба некогаш човек сака да се состави себеси одново во молк, поминувајќи здодевно време со родителите, пријателите, знаете љубов, поддршка, како процес на фотосинтеза, за да може да стане и да каже било-што, макар и здраво. Или, пак, нешто сосема друго, да шета и да не се прибира дома. Кај секого реакцијата е различна и времето кое е потребно. Мислам дека секој најдобро си ја знае својата планина на грбот, дали сака да ја покаже или да ја крие, дали сака да ја носи или остави, дали сака да го подели товарот со некого, а воедно мислам дека е ужасно да се поминува процесот сам, дека е убаво да се разговара со некој, дали педагог, дали психолог, пријател, да се пее, да се црта, да излезе од тебе. Гледате, единствено во театарот има простор за вакви контрадикции и да се мантра на раната. Механизмите на внатрешните драматургии се исклучително кревки и бевме внимателни со процесот на репрезентација: каде што беше и центарот на нашата истражувачка работа. Воедно постоеше и една потреба, како кога сакаш да тропнеш на маса (ако ја гледате претставата го има тоа тропање) дека може и жени да зборуваат во свое име, дека не мора постојано средновечни белобради мажи, екс-ју естетики да го дефинираат женското тело на сцена/екран, да се вежба инклузивна феминистичка пракса, каде онаа која зборува е исто прифатена како онаа која молчи. Има и пркос, се разбира, бидејќи театарот е некаков чуден хибрид на панк и џез, изгледа.

 

Како ја прилагодивте претставата за онлајн прикажување, колку тоа влијае на темата?

Веќе во оваа фаза од претставата, по премиерата, за одржувањето на уметничкиот квалитет се грижи продукцијата, во овој случај „Артопија“. Така што и за мене ќе биде возбудливо како гледач да ја гледам претставата од дома преку лаптоп. Можам вака да се впуштам во различни фантазии, бидејќи се потпирам на Симона Спировска, Кристина Леловац, Душица Настова, Наташа Петровиќ кои ќе играат за неколу камери, имајќи го емотивното памтење на полни сали. Се потпирам на колегата Јане Спасиќ, кој ќе биде режија на стримот и Филип Николовски, кој ќе гледа сè да оди како што треба. Познавајќи ја оваа авантуристичка банда со љубопитство ја чекам вечерашната изведба.
   

 – интервју: Јасмина Кантарџиева, фото: Ирена Мила –

*Текстот е преземен од slobodenpecat.mk

 

МКЦ