МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

„ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА ПОБУНА“

Кон изложбата „Ефлувиум“ на Срѓан Миќиќ, Галерија МКЦ, 16-22.12.2021

Како што полека изминуваат последните денови од 2021, така и Младинскиот културен центар полека го заокружува својот овогодишен репертоар од сферата на визуелната уметност. Претпоследно претставување за оваа година имаше уметникот Срѓан Миќиќ со изложбата ,,Ефлувиум“, која за јавноста беше отворена до 22.12.2021.

Оваа изложба сама по себе отвора неограничено поле од можности и начини преку кои може да се интерпретира, и тоа не само метафорички, туку и во буквална смисла на зборот. Ефлувиум, како што појаснува самиот автор, е „смрдлива, отровна реа што испарува и се шири, болест на современиот ритам и генерациска незрелост“[1], додека пак Горанчо Ѓорѓиевски, како куратор, во предговорот кон изложбата ќе каже:„Всушност се работи за депонии од превртена манипулативна, искомерцијализирана цивилизациска свест, која доживува егзистенцијален распад во тн. период на неолиберализација.“[2] Овие размислувања, Миќиќ визуелно ги претстави низ неговата серија графики, слики и објекти, преку кои неминовно се обиде да ни ја претстави „заглавеноста“ на современиот човек во хаосот на глобализацијата и прекумерниот консумеризам, кршењето на човековиот дух, експлоатацијата на неговото битие, психичкото и физичко исцрпување, заглавеноста во механизмите на капиталистичкиот мултиверзум. Темните сфери на човековото колективно лудило. Загаденост на човековиот дух, мисла и постоење. И… Желба за побуна.

Фигурите во неговите графики како да се наоѓаат во еден херметички затворен свет, оддалечени од вистинската реалност и вистинското значење на нештата во овој „пластичен“ свет, каде што извештачената мисла, идеја и практика паразитира во современото општество. Како основен белег останува деликатноста во композициската изведба на секој графички лист, изведен во техника линорез. Тоа се композиции каде што во еден совршено избалансиран однос, дејствието непрекинато тече и се надоврзува едно на друго. Воздржаноста во композицијата беше речиси неприметна, изведена со чисти линии и едноставни форми, просторно распоредени низ целата површина. Поделени на сегменти, едниот дел го дообјаснува и наративно посочува кон другиот. Формата, која е упростена и минималистички сведена на својата основа (квадрат), добива антропоморфни карактеристики преку фацијалните белези на карикатурално портретираните индивидуи (Матуранти, линорез, 2021). Збиеноста на фигурите, истовремено ја претставува масата изгубени и дезориентирани индивидуи во толпата, оддалеченоста, осаменоста, поради што и иронично, авторот на една од графиките ѝ го дава насловот Интеракција на толпата (2021), со идеја да го потенцира токму спротивното – не станува збор за никаква интеракција меѓу присутните, туку за меѓусебно избегнување. Тоа се лица во кои авторот успешно успеал да долови длабочина и острина во погледот, чувство на огорченост, замисленост, гнев, љубомора. Апатија. Неприметно, тие го „набљудуваат“ гледачот од гужвата (99 Келии, линорез, 2021), како само еден мал сегмент, дел од масата луѓе, само една алка во синџирот на егзистенцијалната апатија во кое човештвото неизбежно пропаѓа…

Тој урбанистички хаос, гужва и загаденост, Миќиќ дополнително го дообјаснува и преку серијата апстрактни слики, кои беа застапени на изложбата, како целосна спротивност на серијата графики и објекти што доминираа во просторот. Работени во техника акрил на платно, во црно-бели (Фрагменти од градот, 2021), црвеникави и плави тонови (Драма на изгрејсонце, 2021), како и потопли, црвеникаво-жолтеникави тонови (Фрагменти од градот, 2021), работени со едноставни потези, кои се испрекршуваат и судираат едни со други, правејќи мрежа на површината на платното, иако суптилно и навидум неприметно, но сите некако како да посведочуваат за сивилото и општиот распад на градот. Реализација и просторна деконструкција на времето во кое живееме…


[1] Појаснување од страна на авторот за „Ефлувиум“
[2] Горанчо Ѓорѓиевски, „Ефлувиум“, каталог за изложбата, МКЦ, Скопје, стр. 4


Ангела Витановска, историчар на уметност
26 декември 2021