МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ДУАЛИТЕТ И ЕКСТРЕМА

Кон изложбата „Натура“ на Тамара Забазноска, Галерија МКЦ, 23.06.2020

“The Holocene has ended. The Garden of Eden is no more. We have changed the world so much that scientists say we are in a new geological age: the Anthropocene, the age of humans…
What we do now, and in the next few years, will profoundly affect the next few thousand years“
Sir David Attenborough

Во време кога состојбата со планетата Земја рапидно се менува, соочени со проблеми од глобален карактер, како драстични климатски промени и еколошки катастрофи, кои не само што од година во година зачестуваат, туку и сѐ повеќе се влошуваат, само по себе природнa доаѓа реакцијата на човекот да се насочи и да посака подлабоко да навлезе и да ја истражи сериозната проблематика од ваков тип, а од која зависи иднината на секоја единка што во моментов егзистира на планетата Земја.

Природата (лат. natura, грч. φύσις), оној материјален свет што нѐ опкружува, со сите појави, законитости и услови на постоење преку органскиот и неорганскиот свет, постојано комуницира со нас на начини суптилни и директни, мали и непогрешливи, синтеза од моменти и ситуации за кои иако не секогаш сме свесни, сепак постојано се присутни и се одвиваат насекаде околу нас. Токму и одовде, лесно може да се разбере интересот на авторката насочен кон „љубовта кон природата во сите нејзини манифестации, од најмалиот организам до црвениот гигант, кој лебди во Универзумот, како и Човекот и неговиот сензибилитет“, како што e и наведeно во предговорот од каталогот кој нѐ воведува во нејзината најнова изложба, одржана во Галеријата на Младинскиот културен центар, на 23.06.2020, а која публиката имаше можност да ја посети до 02.07.2020.

Тамара Забазноска е интердисциплинарен уметник, кој комбинирајќи разни медиуми, ги изразува своите примарни интереси насочени кон геометријата, математиката и релациите во просторот, создавајќи композициски решенија, кои во голема мера говорат за нејзината архитектонската позадина. Изложбата со наслов „Натура“, каде што пред публиката беа претставени вкупно 25 дела од опусот на авторката, сите работени во временски распон од последните неколку години (2014-2019), од кои се издвојува и циклусот составен од 12 архетипови поделени на три серии: Его, Душа и Личност и два триптиха, преку кои понуди еден нов визуелен пристап кон темата, успевајќи да ја преточи на еден уникатен начин, интерпретирана со модулации, со отвореност кон нови можности и во бесконечните сфери и безграничноста на еден простор, кој произлегува од уметниковата имагинација, но простраство што сепак е реално… Тука е и постои. Избраниот мотив: Човекот, природата и Вселената, ги посматра од друг агол, истовремено давајќи им друга димензија од која произлегуваат повеќе асоцијации и варијанти, презентирани на уникатен начин. Техничката изведба е на едно вистински солидно и завидно ниво, со внимателност и беспрекорна точност во поставувањето на клинците со различни димензии, на некои места надополнети со конец и стакло, кои одбира да ги користи, а кои како да „играат“ на површината добиена од црна акрилна боја нанесена на тврдото композитно дрво (компресиран медијапан), оформувајќи видливо квалитетна и несомнено макотрпно изработена текстура, која ги образува движењата на зададената површина во вид на благи полулакови, кругови, полукругови, триаголници, неправилни отворени и затворени линии. Аплицираните елементи уште повеќе го потенцираат тој контраст помеѓу материјалниот, предметниот карактер на составните елементи на сликата и апстрактниот мотив, оформувајќи една интересна композициска шема својствена за творештвото на авторката.

Овие творби, при кои уметниковиот израз достигнува силна трансформација, евидентна во овој циклус, во одредена мера може да се наречат и „експериментални“, одговарајќи на потребата што ја чувствува авторката да ја објасни филозофијата и теоретската вистина за нејзините дела, како реалност за себе. Формите иако навидум статични, сепак ја држат идејата за флуидност помешана со динамичност, каде што формите се статични, но оптегнати во едно барање рамнотежа, што го прави комплексниот проблем уште поделикатен. Композицијата им се покорува на геометриските принципи, каде што на прецизен, чист и математички пресметан начин ги вообличува разните фигуративни и нефигуративни барања на самите дела, настанати како одраз на желбата на авторката да навлезе во шемите на микро и макро светот на природата и човекот.

Забазноска преку нејзината последна изложба нѐ одведе на една прошетка од светот на електроните во атомското јадро и микробните еукариоти па сѐ до гигантските мегаструктури во Вселената, како процесот на раѓање на една Ѕвезда и Сончевиот Систем, дела со интенција избрани да ја потенцираат и компарираат врската меѓу микро и макро светот што нѐ опкружува и од кој несомнено зависиме, но и местото на човекот со сите негови архетипови во целиот овој систем.

Ангела Витановска, историчар на уметност
7 јули 2020