МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

ЧЕКОР НАПРЕД СО ПОГЛЕД НАНАЗАД

Кон изложбата „Релапс“ на Иван Ивановски, Галерија МКЦ, 3-13.11.2020

Relapse

/rɪˈlaps/

  • to return to a previous bad condition or a worse way of life after making an improvement; a deterioration in someone’s state of health after a temporary improvement.

 

Oд 3 до 13 ноември, публиката имаше можност да ја погледне изложбата „Релапс“ на Иван Ивановски, целина што се состоеше од неколку серии цртежи во различни формати, работени во техника акварел, дрвени боици, акрил и пенкало на хартија.

Ликовната содржина што ја испрезентира Ивановски во оваа негова последна изложба, покрај ангажираната мисла и идејна порака, суптилно стави акцент на актуелнита социо-општествена проблематика, изолацијата и осаменоста на човекот, оној расцеп што од ден во ден, од година во година, сѐ повеќе се зголемува и продлабочува меѓу луѓето. Навидум „документарниот“ карактер на овој негов циклус дела, како што наведува кураторот Владимир Јанчевски, „ја обработува позицијата и дезориентацијата на човекот во урбаната средина, при неговите обиди да се разбере времето во постисториската сегашност“.* Самиот термин „релапс“ (анг. relapse), инаку термин што главно се користи во медицината, авторот неслучајно одбира да го искористи како наслов на оваа своја изложба, токму во овие околности што ги живееме, како навраќање на едно минато-идно (подобро) време, за кое секој следен ден копнееме, а кое некако секој следен ден колку ни е поблиску, истовремено и толку ни е подалечно.

Цртежите на Ивановски, беа јасно поделени, секој сегмент со своја функција во општиот склоп на делото, како исечоци од неговата и колективната свест, преточувајќи ги, „всадувајќи“ ги во свеста на гледачот, како една комплетна ментална слика, која понатаму може да се разградува и одново да се преобликува во илјадници сегменти. Уметникот зема дел од секојдневниот животен амбиент, кој му служи како референца за одредена секвенца или ситуација во сликите. Дел од нив прикажуваат фиксираност на одредено човечко присуство, дел од едно определено време, како документ на постоењето… Тој игра со цртежот, го започнува, оставајќи го концептот да се шири и надоврзува, така што самите цртежи ги остава да комуницираат меѓусебно, но и со гледачот. Во фигурите што сака да ги нагласи, линиите се издолжени, полни и континуирани. Начинот на кој се претставени неговите фигури, во вид на бледи, разлеани дамки на листот хартија, бледи сенки на човековото постоење, некогашно-сегашно-идно, кои се тука. Присутни се во моментот што авторот одбрал да го претстави, но истовремено нивната состојба е флуидна, менлива, непостојана, што можеби на најдобар начин ја одразува „тешкотијата на леснотијата во постоењето“ на човекот. Да се биде уште една бледа копија, уште една сенка на постоењето…

Одредени ситуации пак, се изведени со грчевито остар потез, кој ритмички се менува, други се изведени со меки, благи и лазурни потези. Контурата на фигурите ја користи за дистанцирање од позадината, а спротивноста на светло-темните партии и топло-студената гама и ведриот колорит, го создава неопходниот ритам. Во зависност од карактерот и содржината, ја варира нивната димензија, насока и форма. Поголемите формати, како што ќе каже авторот, „зборуваат за некоја општествена сага“, за разлика од помалите, кои повеќе алудираат во индивидуалитетот и суштинското разбирање на опстојувањето на човекот во денешното време. На ова се надоврзува и циклусот „Образец б16“, кој директно задира во сржта на бирократизмот, капитализмот и неговите механизми, автократизмот и aпсурдот на глобализацијата, иронично потенцирајќи го тривијалитетот и сервилноста на современиот човек во капиталистичкото општество, посматрајќи го и трансформирајќи го мотивот од повеќе различни агли, деформирајќи го и давајќи му повеќе асоцијации и варијации на зададената тема.

Дел од делата можеа да се доживеат и како симбол на една просторна ограниченост. Сегментите поставени еден до друг се надополнуваа и надоврзуваа едни на други, кои на моменти можеби кај гледачот предизвикуваа доза на конфузност во доживувањето и разбирањето на зададената тема. Тој го користи цртежот како техника преку која ги изразува своите идеи, иако можеби на моменти гледачот не добива некоја прецизност во поглед на мотивот, кој авторот одбрал да го третира, туку како подготовка или почетна идеја на нешто што допрва треба да се дооформи, дозаврши…

Ивановски е уметник што сака слобода во изразувањето. Тој потполно ѝ се препушта на случајноста. Во време кога дигиталните технологии и новите медиуми земаат сѐ поголем замав со постојаното редефинирање на предметот на уметноста и опфатот на нејзините граници, Иван Ивановски заинтригиран од „отсутната присутност“ на денешниот човек, користејќи ги потрадиционалните медиуми, „играјќи“ и експериментирајќи со цртежот и бојата, ги насочува своите интереси кон скриените асоцијативни форми на подзаборавениот идентитет на човекот и неговото место во современото општество, терајќи нѐ да се запрашаме: „Ќе се вратиме ли некогаш онаму каде што бевме?“

– Одговорот е и повеќе од јасен.

Ангела Витановска, историчар на уметност
18 ноември 2020

* В. Јанчевски, Кон изложбата „Релапс“, ноември 2020

МКЦ