Кон изложбата „Небо“ на Јана Јакимовска, Галерија МКЦ,
14-22.12.2020
14-22.12.2020
Изминатата недела, почнувајќи од 14-ти па сѐ до 22 декември 2020, во галерискиот простор при Младинскиот културен центар, беше отворена изложбата „НЕБО“ на Јана Јакимовска, каде што беа претставени вкупно 20 дела, работени во техника акрил на платно, со димензии што варираа, но кои главно се движеа помеѓу 100х120cм, 110х80см и неколку 90х70см, работени во временскиот интервал 2018-2020г.
Небото е визуелен есеј, документ на време кое со четката, како со перо, го бележеле бројни уметници, испишувајќи ги „речениците“ на белото платно… Потег по потег, како збор по збор, кој составува една реченица, која важи само за тој миг… И завршува. Не постои човек што барем еднаш во животот не воскликнал и не затреперил пред боите на небото, она лајт-шоу кое нѐ надвиснува, предизвикувајќи одново и одново неповторлива магија и занес, на моменти дури и целосно способно да нѐ одвои од реалноста, привремено да заборавиме кои сме, што сме, каде сме. Небото со своето синило, во својата филозофска, духовна, но и естетска форма како инспирација е присутно и е интегрален дел од творештвото на огромен број уметници, од периодот на европската нововековна уметност во епохата на ренесансата, и особено подоцна со појавата на пејзажното сликарство во времето на романтизмот, импресионизмот и постимпресионизмот, за што како уникатни и единствени визуелни репрезенти, парадигматично остануваат да сведочат делата на Коро, Констабл, Тарнер, Моне, Ван Гог и бројна плејада од редот на најреномираните европски и светски уметници, сите понесени од безграничноста, слободата, менливоста и мистичноста на бескрајното небесно пространство, леснината на облаците, трепетот на ѕвездите, светлите ноќи, седефот на месечината и жарот на сонцето… Целини на севкупност од недосегнатото и возвишеното.
Овој циклус дела на Јакимовска, поразличен од сите претходни со кои располага нејзиниот опус, каде што главниот акцент и појдовен инспиранс за авторката е токму небото со сиот негов колорит, со сета прозрачност на небесните пространства, толку инспиративни и единствени, историчарката на уметност Ана Франговска, во освртот кон изложбата со право ќе ги нарече „небесни пејзажи“. Со изненадувачки жива и сугестивна аналитичка опсервација, Јана Јакимовска нѐ воведува во далечните хоризонти на небесната синелина, претставувајќи ни го двојството меѓу природата, урбаната и руралната средина… И небото, под чиј кров сите се наоѓаме. Дводимензионалната површина на платното, Јакимовска го користи за да му го отвори на гладачот прозорецот кон бескрајната небесна површина во која се прелеваат мноштво бои, како таму да има некој друг, за нас непознат, имагинарен сликар, кој си поигрува со сите бои на палетата што му се на дофат, одново и одново импресионирајќи нѐ со секое изгрејсонце, пладне… Со секој сончев залез… Со секоја ноќ.
Јакимовска се препушта на леснината на сликарската четка, со потези што ја исполнуваат целата површина на платното, барајќи ги оние колористички созвучја, кои ќе ги изразат нејзината мисла и барање. Со суптилното потиснување, Јакимовска прави облаци во интеракција со пригушени сини небеса, кои сами по себе, зависно од видот (стратус, кумулус, кумулунимбус, цирокумулус…), се делумно фигуративни, делумно апстрактни, видливи, но и невидливи, збунувајќи го окото на гледачот, и со уредна палета на сребреникави тонови и магливи бело-сивкасти нијанси, ги добива, ги регистрира нивните движења и незгодни суптилности. Таа користи бои што делумно ги рефлектираат и делумно ги прекршуваат акутните агли на зајдисонцето или изгрејсонцето: периодот на транзиција помеѓу темнината и светлината. На некои слики, како во „Пред бурата“ (2020), „По бурата“ (2020) и „Три града едно небо (Охрид)“ (2019), тие се мешаат со огледалната површина на кристално чистата езерска вода, истовремено ставајќи акцент на бранот што се повлекува. По некоја фигура и внимателно избрана боја, ја соединува долната половина на сликата. Значителен дел од платната се насликани слоевито, со густи намази боја, со широки потези, кои видливо го даваат ефектот на трепет, но и пастуозност, како и такви сликани со послободни, импресионистички потези, интенциозно работени да се долови луминисценцијата и прозрачното треперење на сончевата, златна светлина, видливо во „Зајдисонце“ (2020), „Изгрејсонце 1 и 2“ (2020), но и треперливата светлина од секогаш „будната“ градска средина, која никогаш сосема не згаснува („Небото над Скопје (ноќе)“(2018), „Квечерина“ (2020). Иако во поглед на стилскиот третман и сликарската постапка, која авторката одбрала да ја искористи и да ја искомбинира во секое од своите дела, се забележуваа варијации од фотореализам („На пат (Македонија)“ и „На пат (Црна Гора)“, 2020) во комбинација или со чиста импресионистичка постапка, како и такви во кои видливо преовладуваше склоноста кон постекспресионизмот, помешана со на моменти, блага „романтичарска“ поетичност на зададената секвенца од случувањето, сепак нема сомнение дека преку тематскиот пристап и избор на мотиви авторката успеа да постигне визуелно, контемплативно единство, едно оддалечување од моментот кое авторката му го дава на гледачот.
Со сѐ поголемиот замав што го зема дигитализацијата и присутноста на новите медиуми, резултат на времето во кое живееме, се чини како уметниците во одредена мера да ги „подзабораваат“, да го губат допирот, релацијата со покласичните форми и медиуми на изразување во доменот на сликарството, скулптурата и цртежот. Но, Јана Јакимовска е авторка која и покрај тоа што се занимава со концептуална уметност, главно насочена кон дигитални и фотоманипулации, во овој нејзин најнов циклус дела, преку својата четка и сликарското платно нѐ однесе на едно „патување“ од Скопје преку Струмица и Охрид во светските гиганти Токио и Њујорк, за повторно да нѐ врати назад во Скопје, укажувајќи ни дека просторно и временски каде и да сме, тоа е она исто небо што истовремено е ОВДЕ и СЕГА, за сите исто и единствено, поради што и оваа изложба може да се сфати и како симбол за нашата, условно кажано – „просторна ограниченост“, но истовремено и… „бескрајна безграничност“.
Ангела Витановска, историчар на уметност
25 декември 2020