47-то издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ во 2022 година ќе се одржи во периодот од 10 до 19 ноември.
Будно следејќи ги активностите на домашната театарска сцена, претставени преку несомнено големите заложби за истрајност, континуирано и иновативно делување, но и креативна пркост и оригиналност, пред сѐ на независната театарска сцена, програмскиот колегиум на МКЦ како организатор на МОТ, одлучи да организира посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата продукција да воспостави и награда.
Наградата ќе се доделува на најдобрата продукција во целост во период меѓу две фестивалски изданија, а ќе биде изразена преку копродукциско учество на МОТ во следното фестивалско издание со своите техничко-логистички и кадровски потенцијали и 3000 евра директно финансиско учество.
Покрај главната награда, доколку се појави потреба, на фестивалското жири ќе му биде оставена можност по сопствено убедување да додели и друго специјално признание или награда.
Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ, а жирито ќе биде составено од меѓународна комисија.
Наградата се доделува исклучиво за домашни продукции и мнозински домашни копродукции, а предност при селекцијата ќе биде ставена на продукции што доаѓаат од млади автори, оригинални, неконвеционални и иновативни продукции.
Ги повикуваме и охрабруваме домашните автори, трупи и продукции да се пријават за учество на 47. МОТ 2022 година, најдоцна до 19 октомври, пополнувајќи ја кусата веб-форма преку овој линк:
Во име на моќта на театарот!
МКЦ / МОТ тим