Тамада од Тбилиси, Грузија е новото име во програмата на ЗДРАВО МЛАДИ 2022.
Лаша Шапел е грузиски бегалец од Абхазија, кој пораснал во Тбилиси. По десет години свирење рокенрол, се открива во електронската музика. Преселбата во Рига му ги проширува видиците, дека всушност и може да живее во свет во кој може да формира и обликува сѐ по негов вкус. Во тој момент, работите стануваат кристално јасни, од правецот на градење на неговиот звук до деталите што му се важни за неговата музика. Животниот повик го носи во Берлин, каде што се соочува со острата конкуренција на локалната пулсирачка сцена, но сепак, неговиот уникатен звук го носи во најпознатите музички клубови.
Музиката на Лаша Шапел отсекогаш содржела елементи инспирирани од неговите грузиски корени, кои тој првично ги отфрлал и избегнувал. Со текот на времето овие елементи стануваат сѐ посилни, кулминирајќи во посебен проект наречен: Тамада. Спој меѓу световите на електронската музика и старата грузиска традиција. Тамада го зема своето име од „мајсторот за здравици и домаќинот на трпезата на секоја грузиска гозба“. Рака крената со пехар вино, приказни, песни и здравици. Кревањето на атмосферата на гозба е исто толку важно како и атмосферата што ја создава диџејот на подиумот.
Неговите стихови наликуваат на древно грузиски здравици, допирајќи актуелни општествени прашања и романтичните чувства. Тамада меша многу музички стилови, акустична, како и електронска и традиционална грузиска музика. Овој препознатлив нов стил го нарекува Deep Duqan. Тамада сè уште бара и експериментира – тековен процес, кој тешко дека ќе заврши.

- LIVEUROPE e првата паневропска иницијатива, која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти. LIVEUROPE е мрежа кофинансирана од програмата на Креативна Европа.