Liveurope - МКЦ

Sitzpinker на ЗДРАВО МЛАДИ

Фуриозната четворка Sitzpinker е петтиот артист на ЗДРАВО МЛАДИ 12!

Бендот доаѓа од Белград, составен од Дуња Мијачиќ (вокали), Данило Илиќ (гитара), Павле Трифуновиќ (гитара, бас) и Андреј Младеновиќ (тапани). Нивното дебитантско EP насловено „Подло поштовање“ е издадено 2018 година, со кое почнува нивното усмерено освојување на поранешните ју-републики. Како еден од бендовите изникнати од колективот Хали Гали, имаат настапувано на голем дел од нивните фестивали, а во 2019 со синглот „Метаноја“, станаа дел од нивната влијателна компилација заедно со останатите бендови од сцената како Визељ, Kоикои, Газорпазорп, Шајзербитерлемон, Прото тип.

Во меѓувреме бројат стотици настапи низ Србија, меѓу кои и фестивалите Арсенал и BeerFest. Со познатите синглови „Да ли“, „Судан“ и „Мустанг“, Sitzpinker го најавуваат и нивниот албум како соработка со Поп депресија/Кишобран, полека трасирајќи ја својата сонична иднина. Сите три сингла многу бргу прераснаа во регионални хитови, а еуфоричните видеа дополнително ги „подгреаја“ очекувањата од нивните фанови. Музиката на Sitzpinker е звукот на Новиот Белград: цврст гаражен инди-рок со доза на shoegaze и психоделија. Како најголеми фанови, наскоро го очекуваме и конечно нивниот албум, најавен за втората половина на 2022.

Медиумите велат: Запамтете го бендов.
Критичарите велат: се чуствува дека бендот успешно го прави тоа што го сака, со постојано нагласување на слободата на избор. Вие имате совршен избор.


  • LIVEUROPE e првата паневропска иницијатива, која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти. LIVEUROPE е мрежа кофинансирана од програмата на Креативна Европа.