МКЦ Рецензија

ВИЗУЕЛНОТО ГОВОРИ

Кон изложбата „Портрет и личност“ на Марина Убавкова, отворена во Галерија МКЦ на 18.01.2020г.

 

Младинскиот културен центар, како и изминатите, така и оваа година, осми пат по ред новата сезона традиционално ја започна со својата роденденска програма, која годинава беше одржана на 18.1.2020г. и која, и оваа, како и изминатите години беше навистина богата и од разновиден карактер. Во рамките на овој настан, беше отворена и изложбата „Портрет и личност“ на Марина Убавкова.

Портретот, како визуелен документ што сведочи за постоењето на една личност, иако бил запоставен и истиснуван во одделни периоди, особено со афирмацијата и ширењето на апстрактната уметност во 50-те години на минатиот век, отсекогаш бил и ќе биде присутен во историјата на уметноста. Почнувајќи од Древниот Египет, па сѐ до ден-денес претставувал и ќе претставува постојана инспиративна нишка за уметникот, така што неговиот развиток иако зависи од општествените и особено уметничките и стилски тенденции на времето, носи и свои специфични белези поттикнати од актуелните уметнички движења, но секогаш во контекст на индивидуалниот уметнички развиток. Квалитетно изработен, може особено да придонесе за афирмација на еден уметник, но истовремено ако не биде соодветно истретиран, може сосема да го разоткрие непознавањето и неумешноста на авторот.

Насловот на изложбата, самиот по себе укажува на нераскинливата врска помеѓу портретот, како визуелен документ-рефлексија на ликот на една индивидуа, и личноста, сѐ она што ја чини таа индивидуа, нејзиниот карактер, т.е. психолошкиот момент во насликаното. Во контекст на ова, Михаил Ренџов во неговиот сонет посветен кон оваа изложба, во првите два стиха, многу добро доловува како би требало да го сфатиме портретното сликарство во уметноста:

„На сите им го дари твојот лик
А со ликот и твојата душа“.

Велиме, способноста за психологизација на портретираниот лик е еден од клучните индикатори за квалитетот на еден портретист, а меѓу другото, и дали би можеле да го наречеме портретист воопшто. Во оваа продукција дела, како речиси и да нема, или пак не се видливи никакви претензии за подлабоко навлегување во карактерот на личноста. Се чини дека на моменти многу повеќе до израз доаѓа тенденцијата за украсот, особено во облеката и косата на портретираната индивидуа, отколку нејзиниот карактер, кој кај повеќето речиси и целосно е изоставен. Платната ги исполнуваат фугури, со безизразни лица, навидум поставени во еден нем сооднос со самата своја вкочанетост, облеани со едно извештачено, нереално светло,  ликови, кои како тапо да гледаат во посетителот. Посебно внимание заслужуваат нејзините портрети на деца, во кои и покрај обидот на авторката да ги прикаже што е можно пореалистично, сепак не оставаат впечаток на радост, убавина, детска наивност и невиност, туку напротив, со премногу нагласениот вештачки ,, сјај” во очите, не само што погледот е неприродно акцентиран и нагласен, туку со ова авторката несомнено ја одзема игривоста и трепетот во љубопитните и немирни детски очи.

Факт е дека Убавкова, како дипломиран сликар, заинтересирана за портретот, би требало веќе да го има сфатено и навлезено во процесот на постигнување психологизација во портретот, кој понекогаш може да биде постигнат и преку динамиката во разните валерски односи на боите, кои може да го доловат непредвидливото и воопштеното преку говорот и значењето на самата боја. Меѓутоа, таа како да се труди што повеќе да го ,,исконструира” избраниот лик, притоа обрнувајќи им внимание само на формата и убавиот изглед, така што со тоа нејзино настојување да бидат ,, допадливи”, не успева подлабоко да нѐ заинтересира за насликаниот мотив, кој не е ниту среќно одбран, ниту со поголема инвентивност претставен, а кога на сѐ ова ќе се додаде и пластичниот, непродлабочен третман со бојата, се добива резултат рамен на чист аматеризам. Композицијата, боите, потезите и анатомијата на фигурите, сето тоа доведува до монотоност, не правејќи ја целината композиционо интересна и поинвентивна.

Стилски гледано, ако воопшто можеме да говориме за некаков стил, продукцијата на Убавкова несомнено создавана првенствено од комерцијални потреби, би можела да се смести во некаков модифициран академски реализам, или аматерски хиперреализам, така што уште на прв поглед видливо е дека авторката не се соживува со самите дела и самиот чин на сликање, поради што и е изоставен психолошкиот момент кај портретираните личности, што впрочем поставува еден вид на бариера помеѓу гледачот, од една страна, и делото, од друга, доведувајќи ги портретираните индивидуи до момент на нивна целосна отсутност од делото. Истовремено, не може да се оттргнеме од впечатокот дека со користењето предмети и фрагменти од непосредна околина не значи дека ќе биде постигнат посакуваниот ефект на тактилно доловена реалност, туку напротив, само се создава впечаток на некаква монотона и неприродна атмосфера.

Желбата да се прикажат и поскромните ликовни достигнувања, дава можност не само за евидентирање, туку и за обид да се согледа она што го карактеризира актуелниот миг на ликовното создавањe, да се почувствува духовната клима и интересирањето на младите творци за одредени појави и движења во современата уметност. Иако забележуваме дека ова се дела во кои е вложен доста труд и трпеливост, факт е дека недостига емотивната нишка при сликањето на овие портрети, она што  им дава ,, душа“ на портретираните ликови, што без сомнение е клучен елемент во сликањето не само на еден портрет,туку во изработката на било кое дело, воопшто. Тоа се дела во кои е неспорна педантноста, но сепак не задоволуваат еден комплексен ликовен критериум, т.е. не го задоволуваат оној дел на уметноста кој најмногу придонесува за непосредниот контакт и конверзација со гледачот, а тоа е емоцијата, топлата порака што се проткајува помеѓу уметникот и гледачот со посредство на делото, кое самото треба да ,, проговори”.

Ангела Витановска, историчар на уметност
22 јануари 2020г.