МКЦ Рецензија

ПРВИ ЧЕКОРИ КОН ГОЛЕМИ ОСТВАРУВАЊА

Кон изложбата на Олимпија Стојчевска Камчева
Галерија 2, 12-22.5.2022

На 12-ти месецов, во Галерија 2 во Младинскиот културен центар беше отворена првата самостојна изложба на младата Олимпија Стојчевска – Камчева, преку која имавме можност да „ѕирнеме“ во нејзините мисли, желби, идеи и фантазии за еден свет отиснат на површините од нејзините платна.

Секогаш е предизвик да се анализира една изложба, но кога станува збор за прв самостоен проект на млад автор, предизвикот, а со тоа и самата одговорност што ја носи задачата сама по себе, станува уште потешка, уште поодговорна, но и попредизвикувачка. Ваквата анализа бара многу поголема отвореност и пред сé обид да се разбере интенцата на авторот, неговите размислувања, претензии, па дури и стравови и несигурности, кои начинот на интерпретирање и експериментирање понекогаш, особено кога се работи за почетоците на кое било творештво, сам по себе може да ги донесе, што е сосема природно и разбирливо, особено ако ја земеме предвид и возраста на авторката во конкретниов пример. Одовде, пред да се каже што било друго, не може а да не се нагласи дека се работи за авторка која е сѐ уште во средношколските води, или со други зборови кажано на самиот почеток, на прагот од својата ликовна надградба, факт кој бездруго мора да се земе предвид.

Во изборот дела што Стојчевска – Камчева одбра да ни ги испрезентира, имавме можност да видиме сплет од имагинативните нишки, кои ја обземале и ја обземаат нејзината свест во изминатиов период. Младата Олимпија, која е на самиот почеток од својата кариера и сѐ уште во активно истражување и потрага по ликовната практика што ќе ѝ „легне“ на нејзиниот сензибилитет, кој сѐ уште се гради и дури во годините што следат, уште повеќе ќе се надоградува. Лично сметам дека би било сосема неправедно доколку извршиме каква било споредба на нејзиното скромно творештво со творештвото на кој и да е уметник, било тоа да е на локално или светско ниво, поради самиот факт што нејзиниот стил сѐ уште не е целосно оформен. Факт е дека влијанија има, и ќе има. Така, на моменти брзите и остри движења, како и примената на дрипинг-методот со нејзината четка, дебелите намази боја, јасноста и неразбирливоста потсетуваат на апстрактниот екпресионизам од доцните 50-ти години, без никакво настојување и потрага по севкупно единство во целината. Младата авторка како да остава сѐ да се гради само по себе како последица на моментот, на движењето, на енергијата, која е поттикната и го поттикнува целиот процес. Рамнините, на некои места беа исполнети со светли, интензивни, но и придушени бои, со видливи, претходно нанесени слоеви, кои упатуваат на обид за добро избалансирана хармонија и чувство на „присутност“ во апстрактните полиња. Во други дела пак, таа „колажно“ ја гради композицијата, правејќи суптилен микс од објективното и субјективното, конкретното и апстрактното, вметнувајќи фигуративни елементи со експресионистички манир. Во поглед на квалитетот на делата и техниката на изработка, како и кај секој друг автор, така и кај неа, природно е да има варијации од едно до друго дело. Видливо беше дека не секое платно е работено со ист интензитет, ист жар и иста енергија, како и прецизност од технички аспект, но сепак не може, а да не се спомене и потенцијалот со кој зрачеа дел од  нејзините дела, што остава простор да верувам дека постои можност нејзиниот талент сериозно да се развива во иднина.

Без оглед на сѐ, за крај, можеме само да заклучиме дека желбата за истражување и експериментирање е и повеќе од присутна кај младата авторка, но дали и колку таа ќе се развива понатаму, ни преостанува да видиме во времето што допрва доаѓа.

Ангела Витановска, историчар на уметност
28 мај 2022