МКЦ Рецензија

Пресек на едно време…

По повод 50 години основањето на МКЦ (1972-2022)

Да се бележи ликовниот живот во земјава, неговиот континуитет и развој, и со години посветено да се афирмира творештвото на бројни автори, претставува навистина тешка и одговорна задача. Со текот на годините, бројни изложби и културни настани поминале низ просториите на Младинскиот културен центар. Едни, анализирајќи ги аномалиите во културата, политиката и општествената стварност, други пак понесени од сите модификации кои животот со целата своја разнообразност ги нуди, тивко го бележат секој шум, секој звук, секоја боја на опкружувањето проткаена низ моменти на радост, среќа и тага на едно постоење, но сите на свој начин испишувајќи ја приказната на сопственото време.

            Со својата посветена дејност и силна ангажираност, преку огромниот фонд на настани, случувања, изложби и бројни други активности кои ќе остават неизбришлив траг во сеќавањата на повеќе генерации, МКЦ одигрува клучно влијание врз развојот на современата македонската ликовна сцена, онаква каква што ја познаваме денес. Земајќи го ова предвид, воопшто не е за занемарување бројот на уметници чии имиња се појавуваат во хронологијата на оваа институција, и поради што, во следниве неколку пасуси, направен е само еден краток пресек, сублимат на посветениот ангажман на еден тим, кој понекогаш индиректно, а многу почесто директно влијаел врз професионалниот пат на цела плејада уметници, денес влезени во антолошките записи на современата македонска уметност.

По низата промени и турбуленции кои континуирано ќе се случуваат во текот на 60-те години од минатиот век, особено на територијата на Скопје, кој по 1963г. буквално ќе се претвори во едно масивно градилиште, 70-те години ќе донесат нов бран свежина во речиси сите сектори на свежонастанатата државна формација. Изградбата на пост-земјотресно Скопје вклучува голем број објекти кои во годините што ќе следат, ќе бидат од централно значење за развојот на нашата национална култура и уметност (МСУ- 1964, МАНУ- 1967, НУБ- 1971 итн.), меѓу кои ќе биде и изградбата на ,,Дом на млади 25 Мај“, име кое и ден-денес звучно одѕвонува, особено меѓу постарите генерации. Основан во 1972 година, постепено со текот на времето ќе се претвори во еден центар за развој и ширење на прогресивните идеи во уметноста и развивање на автономијата на уметникот, постигнувајќи ја својата основна задача и цел- промоција и зачувување на културата, уметноста и научните достигнувања на младите.

Слично како и во западната уметност, и кај нас сите неформални видови од 80-тите и порано во 70-тите, со текот на времето влегуваат (слободно или агресивно) во традиционалните институции, а ,,Домот на млади-25 Мај“ ќе биде меѓу првите кои ќе им излезе во пресрет на уметниците. Почетокот на 70-тите ќе биде периодот кога ќе започнат да се прават првите посмели чекори кои ќе го обележат почетокот на една нова фаза во македонската современа уметност. Имено, македонската култура, во овој период, ја потресуваат нови, некогаш прикриени, а некогаш драстично изразени конфликти на релацијата општество-уметност.[1] Елементите од ликовната уметност и темпоралните уметности во текот на 20 век ce вкрстуваат и дозволуваат присуство на несликарски и нескулпторски материјали како и учество на неуметнички практики, особено по 70-те години, овозможувајќи нов вид на комуникација со уметничкиот предмет, публиката и разбирањето на одреден амбиент. „Новата уметничка практика“ подразбира користење на разновидни материјали (најчесто трошни), но и вкрстување на различни постапки, како и различни медиуми. Така, меѓу првите кои ќе ги отворат вратите на ,,Домот на млади- 25 Мај“ уште во раните 70-ти ќе бидат: Анета Светиева (1973), Мице Јанкулоски (1975), Драган Верговски, Ѓоко Цветковиќ, Симон Шемов, Никола Фиданоски, Александар Кондев (1976), Жарко Јакимовски, Вело Ташовски, Слободан Филовски, Димитар Манев, Илија Аризанов (1976), Божидар Дамјановски, Александар Цветковиќ (1979), како и меѓународните уметници Весна Вински (1974), Мирослав Шутеј (1976) и др.

Нови имиња и нови стилски насоки ќе ја обележат ликовната сцена од 80-тите години, кога ликовната уметност се враќа кон самата себе во облик на постмодернизам, како мрежа на разнородни, индивидуални придонеси, што ќе доведе до појава на одредени форми поттикнати од француската нова фигурација, неоконцептуализмот, италијанската трансавангарда, неоекспресионизмот. Со примена на неконвенционален приод и сиромашен материјал како влијание од уметноста на арте повера, во овие години уметниците бараат начин да го демистифицираат галерискиот простор и неговата околина, со цел да испровоцираат учество кај публиката, како би ce намалила разликата во релацијата на уметник- уметничко дело- публика, и критика-општество.[2] Инспирирани од тековните случувања, меѓу првите кои самостојни излагања ќе остварат во оваа деценија ќе биде Перица Георгиев- Пепси (1980)[3], со неговата прва самостојна изложба. Поттикнати од новиот сензибилитет и уметничкиот, културолошкиот и егзистенцијалниот либертинизам и радикализам, младите македонски уметници прават реконцептуали на уметничкиот субјект, преку новите авангардни движења и форми на изразување во уметноста како хепенинг и перформанс, амбиентална уметност, видео-арт, лендарт. Сите овие појави ќе бидат сублимирани во неколкудневната изложбата Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија, курирана од Владимир Величковски, во која учество ќе земат Симон Шемов, Никола Фиданоски, Искра Грабул, Ристо Мијакоски, Глигор Стефанов, Симон Узуновски, Кирил Јосифов, Драган Петковиќ, Слободан Филовски, Петар Мазев, Златко Хаџи Пецов и Томо Шијак, од кои секој на свој начин, преку различни активности, било тоа да се просторни или колористички интервенции целосно ќе го окупираат внатрешниот и надворешниот простор на Домот.[4] Истата година (1984) Симон Узуновски ќе ја реализира инсталацијата Пат за Волкодери. Под влијание на новата британска скулптура, Глигор Стефанов со изложбата Линеарна интервенција (1983), а подоцна и Петре Николоски со мултимедијалниот проект Низпросторот и времето (1985) во ќе бидат првите кои со своето претставување во Домот ќе го навестат овој уметнички израз кај нас.[5] 1985-та е годината која во хронолошките случувања од ликовниот сектор, ќе остане забележана како година во која ќе се случи прикажувањето на првата видео-инсталација, што ќе биде значаен чекор за етаблирање на видео-уметноста како дисциплина на сцената на македонската современа ликовна уметност.[6] Кај уметниците активни во овој период, ќе започне да се појавува практика на изведување на инсталациите во алтернативни простори, а нивната форма ќе стане „процесуална“.[7] Во 1986г. се разубавува и холот на Домот, со муралот Кога диносаурусите умираат, на групата ЗЕРО. Кон крајот на 80-тите, кај повеќе млади автори ќе се појави тенденција за премин од сликарство кон инсталација, меѓу кои ќе биде и Јован Шумковски, кој во декември 1987г. ќе реализира самостојна изложба на слики во духот на еден ,,неконкретен футуристички пејзажизам, во пост-модернистички манир.“[8] Во текот на осумдесеттите, (било да се во групни или самостојни претставувања), не се изоставени ниту авторите: Јовица Поповски (1981), Драган Петковиќ (1982), Трајче Блажевски, Боге Димовски, Зоран Јакимовски, Зоран Лазаревски, Димче Николов, Ласло Керекеш (1983), Миодраг Десовски, Венко Цветков, Дражен Трогрлиќ (1984), Љупчо Бојаров, Димче Исаиловски, Алека Сотлер, Небојша Вилиќ, Ибрахим Беди, Благоја Маневски, Михаило Ристиќ, Мелентие Пандиловски, Јован Шумковски, Станко Павлески, Васко Ташковски (1987), Методи Златанов, Богоја Анѓелковски, Јован Балов, Златко Крстески, Златко Трајковски, Раша Тодосиевиќ, Славчо Соколовски (1988), Ана Апостолоска, Олгица Маринковска, Предраг Урошевиќ, Мирослав Масин (1989) и многу други.

Во 90-те како во светот, така и на тлото на тогашна Р. Македонија, ce менува политичката и општествена ситуација која предизвикува голем импакт на визуелната сцена. Транзицијата од 90-те години во нашата земја, ги наоѓа македонските уметници во одредена мера „неподготвени“ и дезориентирани од моментална ситуација. Поттикнати од културниот номадизам, мултикултурализмот и неоконцептуалната практика, 90-те години од 20 век ќе поминат во духот на објектот и инсталацијата, што може да се забележи преку повеќето изложби кои ќе се појават во галерискиот простор на оваа институција, кој всушност токму во овој период и ќе биде официјално преименуван во Младински културен центар. Кокан Грчев, Златко Трајковски, Игор Тошевски (1990), Нора Стојановиќ, Новица Трајковски,  Боро Арсовски, Глигор Васков, Благојчо Димитров, Елеонора Стојановиќ, Златко Трајковски (1991), Роберт Јанкулоски (1992), Борис Николовски, Петар Хаџи Бошков, Димитар Малиданов, Жарко Јакимовски, Слободан Филовски, Стефан Георгиевски, Драган Петковиќ, Димче Николов, Венко Цветков, Маја Рауник, Симон Узуновски, Слободан Живковски, Дубравко Наумов (1993), Дарко Башески (1994), се само дел од авторите  кои ќе имаат свое претставување во текот на првата половина од 90-тите. Интегрирајќи го интердисциплинарниот со мултимедијалниот пристап и дизајнираната естетика, македонските уметници експериментираат со материјалот, ја истражуваат третата димензија, создаваат готови каректеристики без детализирања, правејќи паралели и комбинирајќи го конкретното со магиското, живата со неживата природа, сето тоа изведено со монтажна постапка на еден конструиран простор кој комбинира затворена со отворена пластична структура. Повеќето мултимедијални проекти-инсталации кои воедно го изразуваат интересот на уметниците од овој период за истражување на релацијата помеѓу тактилноста на материјалот, односот на публиката и истражување на чисто ликовните проблеми во обликувањето, дозволувајќи тие да говорат во негово име, каков што ќе биде примерот со инсталацијата на Мирна Арсовска од 1994г. Од друга страна, се појавува тенденција за сфаќање на инсталацијата како ангажирана уметност, која ги поврзува метафизичките, филозофските и идеолошките размисли на уметникот, каков што е примерот со мултимедијалниот проект на Искра Димитрова од истата година- БАКАРЕН КОТЕЛ РАЃА (одгледува) МЕСИ (преврива) ЛЕБ ГРАДИ, за која проф. д-р. Небојша Вилиќ во предговорот кон изложбата ќе нагласи: ,,Ова претставување честопати е поткрепено со елементи од етнографијата; преку неа авторката бара во архајското, во митското, во потсвесното (или обратно); таму ги открива компонентите кои потоа ги обединува во обреден чин.“[9]

Исмет Рамиќевиќ во февруари 1998г. се претставува со мултимедијалниот проект Влез во лавиринтот, каде го прикажува хиперпродуктивниот и мултимедијалниот свет на современиот човек.[10] 1998-та ќе биде година кога ќе бидат реализирани и проектите на Христина ИвановскаКостум за двајца и Пештера на Игор Сековски. Покрај овие неколку, во текот на втората половина на 90-тите свои претставувања ќе имаат и Моника Мотеска (Големото сино, 1996), Весна Стефановска, Антони Мазневски (Meantime, 1997), меѓу кои и многу други графичари како Ана Стојковиќ, Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Александар Поповски (1997), Соња Димовска (1998) и др.

Покренати од транзицијата и новонастанатите социо-политички промени, припадниците на следните генерации ќе започнат со сé поголема посветеност и интензитет да ги разработуваат случувањата од секојдневието, со тоа искажувајќи го ангажираниот однос кон својата дејност, но и паралелно промовирајќи ги новите технологии и медиуми на обработка кои ќе се појават на тлото на уметничката сцена во новиот милениум. Поради ова, следните две децении ќе бидат одбележани со бројни мултимедијални проекти, меѓу кои може да се спомене и проектот на Верица Ковачевска која во 2005-та преку 5 црно-бели дигитални фотографии претворени во светлечки објекти и перформанс во живо, го претставува делото Учење да се сакаш себеси, како еден одраз на самоотфрлувањето кое води до самоприфаќање.[11] Иван Ивановски и Ненад Пановски во ноември 2006-та се претставуваат со инсталација од гипсени објекти (актови) и црно-бели принтови од цртежи[12], а во 2007-та Марјан Минов и Мишко Тутковски преку синтеза на два авторски, идејно поврзани проекти, се претставуваат со Спирален автопат, каде обединуваат поезија, музика, фотографија и видео [13], како и првото самостојно претставување на Ана Ивановска со инсталацијата насловена Тунел, како ,,пандан на женската природа- постојана, циклична, менлива.“[14] Во 2007 групата млади историчари во состав: Александра Јанчевска, Елена Тодевска, Ивана Васева, Јованка Попова, Кате Антевска, Нора Халими и Владимир Јанчевски остваруваат соработка со група студенти-апсолвенти од ФЛУ, со цел да изградат соработка и поттик за понатамошно продуктивно творење, ќе го реализираат проектот Уметнички дијалози[15]. Синтезата и влијанието во експериментирањето со различни медиуми, се гледа и во домент на скулптурата, така што се прават изложби кои ја обединуват класичната скулптура, но истовремено и процесот на трагање кон непознатото, откривање на целокупниот потенцијал кој материјалот го нуди. Само мал дел од скулторите кои ќе се претстават во последниве две децении се: Гоце Наневски, Гордана Хаџи Николова, Дарко Базерко, Анто Антовски, Славчо Спировски, Никола Смилков и др. Ќе се појават многу други имиња на сцената, од кои дел веќе реномирани и етаблирани, а некои за прв пат, како: Оливера Бандеска, Мариела Мицевска, Ирина Титиева, Костадин Батев, Татјана Јашмакоска, Верица Наумова, Елена Трповска, Христина Зафировска, Магдалена Тофиловска, Матеј Богдановски, Јана Поповска, Петар Петков, Јован Блажевски, Софија Семенпеева, Андријана Мациев, Катја Штркова, Валентина Илијевскa, Милан Андов, Весна Бајалска, Неда Фирфова, Симон Калајџиев, Јана Луловска, Александар Станкоски, Роберт Дандаров, Кирчо Арсовски, Касиопеја Наумовска, Симона Манчева, Горјан Ѓорѓиев, Драгољуб Бежан, Сашо Поповски, Филип Велковски, Никола Пијанманов, Филип Фидановски, Микица Трујкановиќ, Кристина Божурска, Ване Костуранов, Тамара Забазноска, Ертунч Сали, Анкица Митровска, Иван Ивановски, Јана Јакимовска, Ненад Тонкин, Јулија Манојловска, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Александра Петрушевска-Ристовска, Бојан Ковски, Срѓан Миќиќ, Калина Брајковска, Владимир Илиевски, Иван Петрушевски-Флим, Ѓорѓе Јовановиќ и многу други. Во текот на последниве неколку години, МКЦ даде безрезервна поддршка и на мноштво млади автори од најновата генерација, меѓу кои: Давор Ќешќец, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Стефановски, Марија Ќурчиева, Бурџу Мусли, Марко Илиевски, Ана Трајковска, Иван Мегленов, Јован Јосифовски, Ивана Секуловска, Дејан Давчевски, Марија Трајаноска, Стефан Божиновски, Олимпија Стојчевска Камчева, Риџет Ферати, Мила Добревска, Соња Ставрова и др. со што се потврдува суштинското значење кое оваа културна установа го има во развојот на новото творештво во чии раце останува иднината на македонската ликовна сцена.

За огромното значење кое Младинскиот културен центар го има како институција во процесот на ,,градење“ на квалитетна уметничка сцена со потенцијал за развој на меѓународно ниво, сведочат и зборовите на почитуваната Соња Абаџиева, која во предговорот кон изложбата Венеција виа МКЦ (2008), истакнува: ,,Неоспорен е фактот дека повеќемина од нив (уметниците) се лансирани од МКЦ, кој имаше слух и ги антиципираше овие идни врвни носители на ликовната сцена во Р.М. и во странство, ја имаа честа да ја претставуваат Републиката во Венеција на меѓународните манифестации: Ликовното биенале и на неговите придружни настани.“[16] Значајна е да се спомене и соработката низ годините со бројни фестивали, уметнички групи, ликовни колонии и фото-сојузи со кои низ годините ќе се остварат различни соработки и од кои е произлезат голем број групни и индивидуални изложби.

Овој краток текст, напишан по повод 50-годишнината од создавањето на Младинскиот културен центар, претставува хронолошки пресек, кој прави скромен обид првенствено да ги истражи, а со тоа и да ги потенцира и прошири хоризонтите на македонската ликовна сцена од почетокот на 70-тите години, па сé до ден-денес, преку обединување и проширување на креативниот потенцијал, не само на веќе афирмираните, туку да послужи и како поттик на младите (идни) автори на сцената. Одовде, поради обемноста, на самиот крај би сакала да потенцирам дека овој краток ретроспективно-историски преглед, немаше претензии да даде детален хронолошки преглед на сите случувања кои биле реализирани во рамки на Младинскиот културен центар, туку да послужи како еден двигател, и пред сé потсетник за значењето кое оваа установа го одиграла во изминативе 50 години активна дејност.

 Потсетник на моменти кои изминале, но сé уште траат, и ќе траат…

Ангела Витановска, историчар на уметност
декември 2022


[1] Е. Алексиев, Визуелните уметности во Македонија- ХХ век: Сликарство, скулптура, графика, Скопје, Остен,2015, стр. 27

[2] В. Величковски, Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија, каталог од изложбата, Дом на младите 25 Мај, Скопје, 1984, стр. 6-7

[3] К. Богоева, Интервју со Перица Георгиев-Пепси: Секој треба да се изрази себеси, без разлика дали е сликар или не, National gallery mk [website], https://nationalgallery.mk/intervju-so-peritsa-georgiev-pepsi-sekoj-treba-da-se-izrazi-sebesi-bez-razlika-dali-e-slikar-ili-ne/, 24.01.2022 (пристапено на 10.11.2022).

[4] Ibid., стр. 17-18

[5]  Е. Алексиев, op.cit.,2015, стр. 32

[6] К. Т. Абјаниќ, Е. Теодосиевска, ,,Македонско арт видео- Антологија 1985-2005“,  Арт Република, бр. 4, 2005, стр. 28

[7] В. Величковски, Нови појави во македонската уметност, Центар за визуелни уметности, Скопје, Селектор, 2006

[8]  С. Абаџиева, Венеција виа МКЦ, каталог од изложбата МКЦ, Скопје, 2008, стр. 6

[9] Н. Вилиќ во предговорот кон изложбата на Искра Димитрова, Бакарен котел раѓа (одгледува) меси (преврива) леб, каталог од изложбата, МКЦ, Скопје, 1994, стр. 5

[10] К. Пирковска во предговорот од каталогот, И. Рамиќевиќ, Влез во лавиринтот, МКЦ, Скопје, 27.02.1998

[11] М. Димитриева (уред.), ,,Преглед-случувања“, Арт република, 2005, бр.4, стр. 56

[12] Е.Т. ,,Изложба на скулптури од млади уметници“, Дневник, 28 Ноември, 2006

[13] ,,Мултимедијален проект ,,Спирален автопат на Марјан Минов и Мишко Тутковски“ во МКЦ, Дневник, 31 Март 2007 (авторот не е наведен)

[14] Изјава на А. Ивановска за весникот Време, 22 Ноември, 2007

[15] К. Богоева, ,,Младите уметници го оживуваат МКЦ“, Утрински весник, 11.06.2007, од архивата на ЗаУм, линк: https://arhiva.zaum.mk/wp-content/uploads/2017/08/2007_06_11_Mladite_umetnici_go_ozivuvaat_MKC.pdf (пристапено на 29.11.2022)

[16] С. Абаџиева, op.cit., 2008, стр. 15