МКЦ Рецензија

Кон изложбата „Потиснат потенцијал“

Кон првата самостојна изложба на Душан Стефановски

Кога зборуваме за уметноста, неретко се среќаваме со поимот „потенцијал“, било да се работи за креативен, творечки или пазарен потенцијал. Што е потенцијалот во уметноста? Колкав е потенцијалот што еден уметнички продукт го носи во себе? Дали понекогаш една содржина е осудена на момент кога е потиснат целокупниот нејзин потенцијал и сé она што таа е способна да го изрази, да го даде од себе?

Интересно е што графити-уметноста како да не влегува во ниту една од споменатите категории. Барем не овде, не на овие простори. Честопати отфрлана, понекогаш дури и погрешно категоризирана како форма на вандализам, кај нас и понатаму стои на маргините од уметничките практики, недоволно признаени „за“ и „во“ рамките на галерискиот простор, можеби на моменти дури и премногу одвоена од галериската уметност, како не толку „елитна“ или „ексклузивна“, за да ги задоволи воспоставените институционални критериуми. И додека во светски рамки уличната и графити-уметноста, која ги бележи своите почетоци уште во шеесеттите години на минатиот век, кога ќе се појават првите знаковни форми и кратки натписи, кои ќе ја „бомбардираат“ подземната железница во Њујорк*, и која одамна започна да добива не само јавна декларативна, туку и финансиска, институционална поддршка, во наши рамки, нејзината афирмација како посебна уметничка појава со своја уникатна содржина и форма и со посебен облик на естетика, започна од неодамна.

Душан Стефановски во неговата прва самостојна изложба, која не случајно го носи насловот. „Потиснат потенцијал“, упатува токму на потиснатиот потенцијал на овие уметнички форми и практики, со интенција да укаже на можноста за алтернатива во галерискиот простор, но истовремено и обратно, да ја доближи урбаната „street-art“ сцена до едно институционално рамниште. Иако таа како форма е целосно независна и сама по себе бара да биде „слободна“, надвор од зададените институционални граници и утврдени норми, афинитетот и искуството во оваа област, како долгогодишен графити-цртач, ќе го наведе младиот автор да го соедини со формално стекнатото образование, како веќе дипломиран ликовен уметник, графичар, со интереси примарно насочени кон нефигуративната уметност и ненаметливо и храбро да започне да ги соединува во една единствена целина, која ќе резултира со серија од дваесет и пет дела претставени на оваа изложба. Самиот ќе каже:

Главниот инспиративен момент ми беше желбата да ги истражам границите на мојата способност и креативност во рамките на нефигуративната уметност, но и да ѝ покажам на публиката дека алатки што се типично користени од графити цртачи (спреј и маркери наменети за графити) можат да бидат еднакво ефективни дури и супериорни алтернативни техники на веќе усвоените и истражени  материјали“.

Едноставни, но сепак ударни. Површини исполнети со бои што го означуваат просторот, но и потенцираат и опоменуваат, отсечно упатувајќи на мислата и неискажаното, личниот порив и возбуда на младиот автор. Површини исполнети со преплет бои што наизменично, но сепак, доволно суптилно циркулираат и со својот силен контраст внесуваат неочекувана динамика и трепет во неговите дела. Преку палетата интензивни бои што одбира да ги користи како акценти, поставувајќи ги во различни комбинации, Стефановски со својот изблик од бои понесен од творечкиот и креативен немир, водејќи строга и неверојатна грижа за контемплацијата, но и комплементарноста, како визуелно да се обидува да ја долови својата мисла:

Ја сфаќам уметноста како начин еден уметник да ги искаже своите мисли, критики, чувства и многу повеќе.  Уметноста ја има моќта да промени мислења и емоциии, но и да те соочи со брутална вистина“.

Евидентна е енергијата и љубовта со која младиот автор го создава овој циклус дела, поврзувајќи ја графити-уметноста со покласичните форми на изразување, укажувајќи на енормниот потенцијал што таа го има, не само како форма наменета за јавен простор, туку и за едно поинакво искуство и доживување, една поинаква афирмација, која оваа уметничка практика вистински ја заслужува. Овој циклус дела на Душан Стефановски, претставува своевиден мост во кој се поврзува формалното со неформалното, реалното со имагинарното, класичното со урбаното.

Графити-уметноста, како уметност на маргините, е дел од алтернативната култура, носител на длабоки пораки, наметнувајќи и едно поинакво разбирање на поимот естетика, не може целосно да се контролира и никогаш да се укине. Тоа е уметност без граници, уметност на побуната и бунтот, на незадоволство од востановениот поредок и систем, од вредносните критериуми и општествената хиерархија. Уметност чиј потенцијал допрва следи, допрва ќе се развива, за кој допрва ќе се слуша.

Исто како и за уметноста на Душан Стефановски.

Ангела Витановска
историчар на уметност

*Арнасон Х.Х., Историја на модерната уметност: Сликарство, скулптура, архитектура,фотографија, Нампрес, Скопје 2009, стр. 709