МКЦ Рецензија

РЕЦЕНЗИЈА: НЕСОНИЦА ЗА ДВАЈЦА

Кон изложбата на Славко Круниќ
Галерија МКЦ, 14-28.5.2022

Во периодот од 14 до 28 мај 2022 година во просториите на МКЦ беше поставена изложбата „Нeсоница за двајца” на истакнатиот српски уметник Славко Круниќ, на која  се претстави со 28 дела, насликани во перодот од 2007-2022 година.

Некои од овие дела се илустрации за книги и песни, а исто така доста интересен факт е и тоа дека некои од неговите дела се наоѓаат на омоти од албуми на музички групи, мошне драги за уметникот.
Славко низ неговите дела кон публиката проектира свет во кој јавето и сонот стануваат едно, односно самата поставеност на фигурите, позадината, географската положба и целата атмосфера делува толку блиска, а воедно и толку далечна, како временска машина што нѐ движи низ просторот и времето. Севкупниот досегашен опус на уметникот изобилува со мноштво техники, како и комбинација на различни материјали низ кои Славко ни прикажува шармантни ликови во духот на сатирата.

Во повеќегодишниот опус и процес на истражување на авторот, евидентно се наметнува потребата од меѓусебна комуникација на содржините и дејствата со формите на изразување, како мостови со креативните медиуми. Таа наклонетост, која влече корени од карактерот и сентиментот на авторот во насока на креативна потреба и мултимедијално мечтаење, создава дефиниција на стил и нишка на оригиналност во неговото поимање на уметноста како чин и жив организам. Легитимно може да се заклучи дека станува збор за автор што не го негира времето во кое егзистираме и искрено ја истражува креативната мисла во контекст на добата на слободниот проток на информации, која несомнено денес ја наметнува на сите уметнички форми потребата од меѓусебен дијалог.

Метаморфозата на ликови, кои се инспирирани од светот на литературата во сликарството, меѓутоа и обратно, е ветувачка корелација во светот на уметноста со функција на мост за аудиториумот на уметноста во различните форми на изразување. Таа комуникација надополнета со ликови и атмосфера во манифестација на ноти и музика како дополнителен стимул на автентичност во доживувањето и восприемањето на сликарството и искчекор на современиот свет и моментот на сегашноста. Секако, зачетоците на соработката помеѓу формите на изразување и медиумите секогаш може да се заклучи дека потекнува од ритуалот како чин од кој се јавува свесноста за естетското одвоено од синкретичкото, но начинот на толкувањето, стилот и личната перспектива и пристап се оние елементи што дозволуваат светот на уметноста да биде доволно голем и удобен за оригиналноста на авторот.

Во контекст на оваа изложба „Несоница за двајца“, тенденцијата на авторот е во скратена форма, но истовремено хируршки точна со пропорционална складност да се претстави ретроспективно и само во рамките на изложбата концептуално да ја долови ширината и должината на неговото творештво, кое на многу шармантен начин, автентично го пречекорува прагот на традиционалното сликарство и традиционалниот сликарски пристап. Наративната ненаметливост, која зазема опсервирачка страна и агол дозволува сентиментот на авторот на кој сатирата му е блиска како атмосфера и чувство слободно да дише во призмата на неговата мисла. Експериментирањето на подлогите од нетрадиционален карактер во комбинација со ренесансните сликарски техники носат свежина, меѓутоа и карактер со стилско одбележје, кое не го загрозува духот на останатите нишки на развојот на неговото истражување и прикажува бегство од суровата реалност со која сме секојдневно опкружени, кон еден интимен и имагинарен свет.

Рената Симоновска, историчар на уметност
2 јуни 2022