МКЦ Рецензија

КРУНАТА КАКО МЕТАФОРА

Кон изложбата „Твојата љубов е круна“ на Калина Брајковска
Галерија МКЦ, 1-16.04.2022

Почетокот на април го означи и официјалниот почеток на овогодишната сезона од репертоарот на Младинскиот културен центар, кој допрва ќе имаме можност да го разоткриваме. Оваа година, честа да ја отвори програмата ѝ припадна на Калина Брајковска, со изложбата што го носеше насловот „Твојата љубов е круна“, како нејзино осмо, официјално самостојно претставување.

Уште при самиот влез во галеријата, беше очигледна доминантноста на сликарските платна во  просторот. На прв поглед, делата дури делуваа вознемирувачки со својата „нападна“ жестокост, со интензитетот од бои што зрачеа, за веќе следниот момент да се „фатиш“ себеси задлабочен во некој детал од платното, во играта на претставеното, и да сакаш, и да бараш повеќе и повеќе. (сл.1, сл.2)

Слика 1
Слика 2

Експресионистичкиот псевдоморфизам што го негува Брајковска, не можеме а да не го поврземе со влијанијата на неоекспресионизмот од средината на 80-тите години на минатиот век, главно сосредочена на темата суперчовек, љубов, слобода, свесност/несвесност. Во овој последен нејзин циклус дела, авторката таа димензија на суперчовечкото одбира да го изрази и претстави преку различни форми на фантастични битија, со друга свест, способни да нѐ одведат во друга димензија. Како што самата посочува, главната идеја на изложбата беше да нѐ соочи со: „човек кој љуби, кој поттикнува, ослободен од ниските страсти. Човек кој е најдобрата верзија на човештвото.“1

Морфологијата на нејзините слики оддава чувство на мистериозност, која на моменти оди дури до степен на парадоксалност. Страста за изразување на замислената идеја се забележуваше на секој сегмент од насликаната површина и во секој поединечен потег на нанесената боја. Тоа беа густи, тешки намази боја, со помош на кои насликаните површини претставуваат синтеза од идеи и чувства, сензибилитети што создаваат една ненаметлива, а сепак толку силна визуелна синтеза, инфилтрација на познатото и непознатото, апстрактното и конкретното, препознатливото и непрепознатливото. Остро, брзо, интензивно се редеа фигурите, знаците, симболите. Окото преминува во цвет, цветот во око, фигура, збор, буква, бројка, и во тој визуелен склоп круната е метафора, сугестија на вистинската, чиста емоција, која произлегува од љубовта и чувствувањето, на кои авторката им го дава обликот, онака како што моментално ги доживува. Дел од нејзините слики, како во „He gave me a flower, I gave him a crown“ говорат за едно големо прифаќање на личноста на другиот, размена на енергија, доживување возбуда, пронаоѓање на себеси. Емоцијата возобличена во формата, а формата и бојата во емоција.

Тоа се платна, во кои под грубите, речиси брутално нанесени слоеви боја, се кријат длабоко суштествени пораки за човековата љубов и слобода, експанзија на сопствената енергија и свесност, како интегрален и неопходен елемент за опстанокот на човештвото. Тоа се дела работени со интензивен замав, кои упатуваат на способноста и снаодливоста на авторката со комбинираната техника од акрил и спреј на платно, која одбира да ја користи, а со која совршено добро го постигнува и балансира жестокиот израз, пренесен преку брзите, остри потези и силните, флуоресцентни акцентирања (сл.3), па дури и пошироки партии, кои дополнително ги потенцираат оние моменти што ѝ даваат белег на композицијата и на кои авторката јасно упатува, и визуелно „манипулира“ со фокусот на нашето внимание, уште од првиот момент кога ќе дојдеме во допир со самото дело. Во тие „натрупани“, а сепак совршено избалансирани композиции, амбивалентноста е постојано присутна, доловена на еден специфично деликатен, а сепак толку суптилен и едноставен начин, во кој субјективното го одразува објективното, и обратно. Едното го надополнува другото, изнурнувајќи се од под тешката обоена конструкција, без каква било потчинетост на одредени правила и принципи, кои ќе влијаат на слободата во нејзиното изразување.

Слика 3

Со избраните мотиви, Брајковска всушност допира и до многу подлабоки, посуштински прашања поврзани со човековата егзистенција, што е уште еден фактор преку кој лесно е да се направи паралела и да се согледа влијанието на Баскијатовиот неоекспресионизам од 1980-тите (сл.4), што е и разбирливо за самата авторка, земајќи ја предвид нејзината професионална позадина, како историчар и пред сѐ познавач на уметноста. Нејзиното творештво кое е во тој неоекспресионистички манир исто така е брутално, директно, со интенца директно да посочи на работите што го засегаат, иако во многу расправи од страна на познати критичари, стилот на Баскијат, сѐ уште е нешто што не може конкретно и прецизно да се дефинира, а релациите со европскиот експресионизам или со неговите обновувања од 1980-тите, според некои дури се и сосема случајни. Тоа се фигуративни композиции, каде што препознатливата фигурација е речиси изгубена под налетот на површинската активност, што е типично за неоекспресионистичкото движење, каде што на груб и насилно емотивен начин, со употреба на живи и банални хармонии на бои и отфрлање на традиционалните стандарди за градење на композицијата, отфрлање на сликовитата идеализација и интензивно прикажување на предметите на примитивистички начин, се постигнува еден амбивалентен и честопати „кршлив“ емоционален тон, кој го одразува современиот урбан живот и вредности. Уште еден момент што ја поврзува Брајковска со творештвото на Баскијат2 е круната, меѓутоа кај нејзе употребена во еден сосема поинаков контекст, во контекст на љубовта како доблест, и врвна емоција, која еден човек го прави жив. Чувствувањето сфатено како „крунисување“ на безусловната љубов како врв (круна) на постоењето, како што и самата посочува. Но и покрај сѐ, едно е сигурно: сите моменти на платната на Брајковска, бележат еден симултан, сериозен тек на замислениот наратив, кој авторката селективно одбира да ни го презентира како еден назаприлив и нескротлив организам, во кој и покрај сѐ, енергијата на суперчовечкото секогаш победува.

Слика 4

1 Калина Брајковска појаснувајќи ја тематиката на изложбата, во видео-интервју за МКЦ, објавено на 01.04.2022 на Фејсбук профилот на Младински културен центар, достапно на следниов линк: https://www.facebook.com/mkc.mkd/videos/2794451590855956 (датум на пристап: 05.04.2022)
2 За прв пат круната во неговото творештво ќе се појави во Red Kings, од 1981, која всушност претставува двоен портрет: автопортрет на самиот Баскијат од левата страна, надополнет со иницијалите B, Q. и S, и неговиот пандан од десната страна- портретот на Пикасо, поради влијанието кое уметникот му го има извршено.

Ангела Витановска, историчар на уметност
14 април 2022