Кон изложбата „Долина на радоста“ на Анита Огњановска,
Галерија 2, 14-29.6.2022
До пред некој ден, во Галерија 2 во Младинскиот културен центар, публиката имаше можност да ја види изложбата Долина на радоста, на Анита Огњановска, нејзина шеста самостојна изложба, како што Ивана Димова-Џолева наведува во предговорот од каталогот. На изложбата беа претставени вкупно 25 платна чиишто димензии варираа помеѓу 80х80см и 80х60см (помалите), па сѐ до 153х113см (Долина на радоста, 2022) и 240х135см (Скапоцености, 2022), работени во периодот помеѓу 2020-2022 година, во техника масло и акрил на платно, вклучително и ладен восок, кој беше искористен во дел од изработката.
Во поглед на техничките особености, се забележуваше благ прогрес во однос на начинот на нанесување на бојата помеѓу платната работени во 2020-тата година од оние од подоцнежниот период. Тоа е благо „отскокнување“ во однос на третманот на бојата, тонската ритмика и движењето на потегот, кој е далеку послободен во текот на 2021, со третман на слободно „растекување“ на бојата низ платното, со полазурни и полесни слоеви, кои како „нежно“ да го облеваат платното. Во Ведрина (2021) (сл.1), плавата, зелената, розевата, црната, сивата и жолтата, толку добро се втопуваат и се поврзуваат една со друга, што делото несомнено ја има способноста кај гледачот да пробуди вистински чувства на пролетна ведрина и спокој.

Делата беа работени пастуозно, со најизменично менување на силните со посмирени потези, како на пример во Нескротлив и слободен 2 (2020), каде што обоените, смирени површини, авторката ги искористила како база, за врз нив со поостри, динамични и груби потези во црни и сивкасти нијанси, да ја ограничи претходно создадената ритмика. За компарација, слично изведена колористичка шема можеше да се забележи и во Нескротлив и слободен 1 (2020), но со бели тонови и прекрасна, богата текстура што го „впива“ нашиот поглед, зрачејќи со динамичност и интензитет, кој не можеше да се каже дека беше присутна во секое дело. Структурата и текстурата на изразот, на моменти беше доловена со доза на монохромност, која контрираше на полихромните платна, оддавајќи чувство на монотоност кај дел од платната, сосема спротивно од насловот, кој авторката го одбрала како најсоодветен за изложбата- Долина на радоста. Систематичност и постепено градење на колористичката ситуација се забележуваше во Сонувај гласно (2021), Храброст 1 и Храброст 2 (сл. 2 и 3), кои иако колоритно можеби делуваа малку еднообразно, сепак, во моментот на надворешните сензации се гледаше присутност и на однапред тактички смислената постапка на изведба, која авторката се одлучила да ја примени во текот на изработката.


Тоа беа платна целосно потопени со бои како сведок на имагинацијата на Огњановска, со основна цел – претставување на нештата што не можат рационално да се опишат, нејзините емоционални доживувања, расположението во моментите на создавање. Бојата беше посредник меѓу стварноста, внатрешниот и надворешен свет, дразбите од живата и неживата природа, кои ја опкружуваат авторката. Но сепак, во делата недостигаше повеќедимензионалноста, било да е тоа во колоритната шема, концептот или постапката, која несомнено би му дала свежина на изразот, а изложбата би ја извадила од преголемиот број на изложби од ваков вид, поттикнати од одамна популарниот апстрактен експресионизам. Одовде, како заклучок, сметам дека во делата можеше малку подобро да биде изразена онаа содржинско-ликовна порака преку која на обоените површините ќе им се дадеше едно поголемо тематско и естетско значење, така што тие ќе имаа многу поголем потенцијал подетално и подлабински да ја доловат самата идеја, која авторката имаше цел да ја пренесе на публиката.
Ангела Витановска, историчар на уметност
29 јуни 2022