Како дел од настанот по повод промоцијата на албумот „Obscure Sounds of North F.Y.R.O.M.“ oд колективот BoD, на 30.1.2020 во фоајето „Фросина“ беше одржана и групна изложба на, како што беше наведено во самиот настан, ликовни ентузијасти и студенти/дипломци од ФЛУ.
Пријатно е чувството кога човек има можност да пишува за нови соработки, идеи или организациони потфати помеѓу најмладата генерација, што е од исклучително значење за поширока афирмација и поттикнување на ентузијазмот и зближување на младите творци. Интенцијата на организаторот на оваа изложба, Исток Улчар, се заснова на потребата да се презентира најмладата генерација уметници, пред сѐ аматерите, но и студентите, како и оние штотуку дипломираните, така што сето ова на крај резултираше со групна изложба од вкупно шеснаесет учесници. Во поглед на квалитетот на самата изложба, недостатокот од поригорозни критериуми во селектирањето на делата се истакнуваше уште на прв поглед, меѓутоа и покрај квалитативната хетерогеност на групата, во никој случај не смее да се занемари фактот дека сепак се работи за изложба, која првенствено беше организирана со цел да им се даде можност да изложат на оние што досега не го направиле тоа.
Така, на изложбата имаше можност да изложи Ана Зикова, апсолвентка на Архитектонскиот факултет во Скопје, која се претстави со нејзиното дело „Wonder“, каде што успева да прикаже еден склоп од асоцијативни форми поставени во една хармонично искомпонирана целина, која дополнително добива една посебна мекост преку употребениот пастелен колорит, кој авторката одбрала да го искористи во оваа композиција.
Кај Синиша Павловиќ се забележува наивност во изразот, додека пак Филип Пеовски се претстави со неговиот дизајн искористен за омотот на албумот „Dark Side of the Mental”, од бендот Nyctophiliac, во кој се гледа прецизност и сигурност во постапката.
Милко Нестороски е сликар, кој своите интересирања ги насочува кон потсвесното и во нешто повисоката сфера на општото и чисто визуелното. Преку апстрактната целина, која ни ја презентираше на оваа изложба, насловена како „Меморија в езеро“, која навидум доловува момент на разредена боја, која слободно се разлева по површината, Нестороски проектира една просторно осмислена целина, каде што користејќи плавкасто-зеленикави нијанси, успева да го измами окото на гледачот и да ја направи сликата да биде совршено ликовно издржана и урамнотежена.
Интересот за цртежот и експериментирањето со бојата е видлив и кај Леона Блажева и Марија Јаќовска, која пак истовремено е заинтересирана и за колажот, кој бара посебно внимание и трпение.
Графичарите Стефан Младеновски, Душан Стефановски и Давор Кешќец, се млади уметниците на кои вреди да се посвети и поголемо внимание, земајќи ја предвид желбата за творење на младите автори.
Стефан Младеновски, кој неодамна го имаше своето прво самостојно претставување во МКЦ, се издвојува со спонтан и уникатен творечки ракопис како израз на внатрешните побуди и импулси, оставајќи место за извесни асоцијации, а со иновативност и уникатност во постапката се одликува и Душан Стефановски, графичар, кој сѐ уште трагајќи по својот ликовен ракопис, бара нови сликарски изразни решенија, притоа правејќи спој помеѓу уличната уметност (графити/ street art), и апстрактната уметност, комбинирајќи различни медиуми, како: брусен кит, спреј, маркер и шмирглање.
Во нему својствен манир, младиот Кешќец пак, се претстави со делото „Гитара“, склопено во нему својствената, чиста и прегледна ликовна синтакса, слика што одушевува со едноставноста и чистотата во изразот, со необичните „додатоци“ на фигури што авторот ги применува.
Ана Трајковска е уште една графичарка од најмладата генерација, која се претстави со постара графика со веќе познатата фигуративност, каде што на еден темпераментен и нејзе својствен начин, со жестоки, фуриозни потези, ја раскинува фигурата оптегната од десната страна, а потезите што ја исполнуваат целата површина на платното, ја одвојуваат оваа композиција од монотоноста, давајќи ѝ динамичност, која е присутна низ целата површина. Солидната техничка изведба, приспособена на чистите и суптилни барања на избраниот мотив, се главен белег во творештвото на оваа млада авторка, која главно го афирмира техничкиот дел, честопати доведувајќи се себеси до момент на оддалечување од главниот мотив. Експресивните карактеристики на делата ја прават графиката на Трајковска подложна на можни промени, а сето тоа само ја бележи следната комплексна задача на авторката во градењето на личен графички израз.
Анастасија Јованова е штотуку дипломирана графичарка, која се претстави со графика, која беше дел од нејзиниот завршен испит. Инспирирана од праисториското пештерно сликарство, оваа графика, која мора да се напомене дека е работена заедно со Трајковска и на иницијатива на Трајковска, се издвојува со интересна, невообичаена постапка, формат и компонирање на елементите, но и земјени, кафеавкасто-жолтеникави нијанси, типични за пештерното сликарство, кои доколку би се интензивирале, би предизвикале далеку поголема ефективност.
Андреа Ангеловска пак, во своите четири композиции сублимира необичен амбиент и атмосфера во која навидум како да се чувствува присуството на човекот во еден таинствен, речиси вселенски свет, а @nesumtvojblep, на еден симпатичен начин, преку колажната постапка во комбинација со цртеж во горниот дел, сака да испровоцира ироничност. Во оваа изложба учество зема и Диме Данов, млад фотограф, кој изложи слика, каде што со доза на дискретност се претставени две фигури, како неделиви компоненти, два аспекта на една интегрална целина.
Владимир Здравески, со неговото дело претставува добар пример за изразита ликовна индивидуалност. Се работи за уметник, со потенцијал и содржина што навестува натамошна еволуција, а негувајќи ја биоморфната, органска форма, насочен кон микроскопскиот свет, тој ваквите микроскопски ситуации, ги користи за интимистички, асоцијативни побуди, преточувајќи ги од микро во макро светот.
Ива Станковска се претстави со „Течение“, дело кое претставува еден сублимат на нејзините експерименти во сликарската постапка, работени изминатиов период. Иако тематиката, содржински и ликовно е неразрешена во изложеното дело, мора да се разбере постапката со која Станковска ги работи делата во оваа фаза, со цел да се избегнат извесни априорни судови, кои ќе пречат во непосредниот приод, доживување и натамошно анализирање. Во тој контекст на сознанија и размисли се наоѓа и појдовниот мотив, инспирацијата и пресоздавањето во еден сопствен свет, кои во секој случај предочуваат битен аспект во разјаснувањето на тој внатрешен процес воден од нужноста на една творечка индивидуалност и темперамент.
Како едно заокружување, на крај може да се заклучи дека овие млади автори, наоѓаат мотиви и се инспирираат од непосредната околина во која работат, притоа задржувајќи го сопствениот начин на ликовно изразување. Иако имаше одредени недоследности и пропусти, кои беа очегледни, сепак не треба да се занемари фактот дека главната идеја на организаторот беше да им се даде можност на одредени ликовни ентузијасти да изложат и да го покажат својот талент и она што го умеат, што сепак е за поздрав.
Ангела Витановска, историчар на уметност
2 февруари 2020г.