МКЦ Рецензија

ГОВОРОТ НА ПОТСВЕСНОТО

Кон изложбата ,,2019“ на Ѓорѓи Динев, одржана во Галерија МКЦ на 18.12.2019г.

 

Ѓорѓи Динев, како млад графичар кој неодамна ја заврши академската наобразба во класата на проф. м-р Мирко Вујисиќ, во оваа прва негова самостојна изложба, која беше отворена на 18.12.2019г. и која официјално го заокружи програмскиот дел од ликовниот сектор на Младинскиот културен центар за оваа календарска година, публиката имаше можност да види вкупно 26 негови дела,  работени во текот на 2019г., каде главно ги задржува сите обележја на својот графички израз, со таа разлика што сега видливо започнува да размислува над формата, барајќи начин да ја скроти и рационално осмисли како целина. Со слободна линија, Динев цврсто го гради имагинарното, со тоа што на моменти неговата фантазија е пофлуидна и послободна, сакајќи да го долови непознатото, таинственото. Структурата на неговите дела е тактилна, било кога успева да ја скроти формата, со посебен третман преку кој се гледа дека става огромен акцент и особено ја негува бојата, која е од исклучителна важност за неговиот израз, негувајќи нервозен ракопис со изразита наклонетост кон  ,, апстрактното“ и сликарскиот момент во графичкиот израз.

Гледајќи ги како целина, може да се каже дека егзактна одреденост и строгост на постапката е она што доминираше во делата на оваа изложба, која потсетува на една сегментарна, строга низа на механичко движење на непрекината лента и на строго дефинирана боја со симболично- оптичка визуелност. Јасно определениот третман и место на линиите во дел од неговите дела, со насоки кои се испреплетуваат меѓусебно, истовремено даваат и блага ритмичност на апстрактните фигури од уметниковата имагинација, кои се среќаваат во неколку од неговите дела, а кои истовремено како да лебдат во просторот, исполнети со умерена доза на динамика, но и енергичност.

Динев, поставувајќи рамнина од само еден тон што на моменти го градира, отвора строго одреден простор поделен со мрежести структури од линии, и монохромно обоени површини, еден вид ,, декомпонирање“ на предметот и напор да се откријат нови суштини и соодноси во содржинска и ликовна смисла. Тензијата меѓу основниот базичен дел и елементот или мотивот во делото го добива со поголема еластичност на одвоеност или припадност кон целината. Има и неколку такви, во кои се издвојуваат малку постудиозни моменти, кои не се фигуративни, но секогаш се со тонски изнијансирана, надреална атмосфера. Во овие дела, тој се ослободува од непосредните ,,визии“, движејќи се кон јасен ликовен израз, трудољубива наклонетост кон сликарска обработка- нанесување чисти површини боја и јасна идејност во неговите творби. Всушност, и самата употреба на ,,избрана“ боја, која се појавува кај неколку од неговите дела, силни колористички партии и ефекти, зборува за тој отклон од графиката во правец на независна боја- сликарство, во однос на предметот кој го обработува. Кај него е присутна заинтригираноста од судирот и немирот на човекот воопшто, со јасни импликации на нешто, само нему блиску и својствено, а окерастите, чистите зелени, сино- црни и виолетови нијанси го дополнуваат општиот впечаток на некаков грч, и интровертно допирање до темните предели на битието.

Иако на моменти како да се наоѓа на границата на колебливото- интегралноста на потегот и идејата како да затајува, за тоа колку потсвесното е присутно во неговите дела, самиот ќе каже: ,, Сакам да се соочувам со празна хартија, возбудливо е, не знам на кој начин ќе се одвива, не знам што ќе произлезе. Спонтано се одвива сѐ, можам да одлучам дека делото е завршено со само еден потег на него, со само неколку минимални интервенции околу, а може да биде доста пообработено. Сметам дека тоа е и најискрената форма на изразување, на тој начин сме искрени, пред сѐ, со самите себе, одвојувајќи нешто најчисто од нас на таа хартија, платно или што било. Од тука, би рекол дека баш тој жар и е самата инспирација. На тој начин имам направено сѐ претходно, па и изложбата ,, 2019“ , и како да неможам да се задоволам ако не искористам повеќе материјали, секој зрачи со својот ефект, со својата текстура, но мора внимателно да се комбинираат. “

Динев е автор кој со своите дела, експериментирајќи, успешно донесува една симболика од сферите на внатрешното и потсвесното во денешното општество. Графичкиот сензибилитет на авторот, носи темпераментна и нервозна линија, потврда на неговите инвентивно решени композиции, со тивко ритмичко раздвижување на плохите, кои по својот графички валер се убаво нијансирани и сензитивно повлечени линии, што дава едно доживување исполнето со мистичност и очекување. Можеби времето ќе покаже за што ќе се одлучи авторот- за рационалното конструирање на делото, или за нешто поразиграна и слободна линија, се разбира, задржувајќи ја само нему својствената експресија и сонорност.

Ангела Витановска

МКЦ