МКЦ Рецензија

ЕГЗАКТНОСТА НА ПОЕТИЧНОТО

Кон изложбата „Во кревет“ на Мила Добревска
Галерија МКЦ,  16-26.9.2022

Во периодот од 16 до 26 септември, галеријата во Младинскиот културен центар зрачеше од спектарот на разнобојните камчиња, кои диво трепереа од мозаиците на младата Мила Добревска. Искажувајќи една питома врелина, во оваа нејзина прва самостојна изложба, младата авторка имавме можност да ја запознаеме токму преку циклус дела работени во техника мозаик и импасто на платно, преку кои всушност јасно можеше да се види нејзината дедикација кон мозаикот и сликарството, започната уште во средношколските денови, која понатаму континуирано ќе еволуира во годините поминати на Академијата за ликовни уметности во Равена, каде што и се одлучува да ги заокружи и постдипломските студии, примарно ставајќи го акцентот токму на мозаикот, како една особено специфична и уникатна техника, која несомнено бара исклучително трпение, ангажман и техничка подготвеност од страна на уметникот.

A токму техниката и начинот на изведба, покрај стилските и тематските особености, се клучни кога станува збор за вреднување на квалитетот на творбите реализирани во доменот на оваа сликарска техника. Да бидам искрена, одамна не сум сретнала автор од најмладата генерација, кој толку минуциозно е посветен на техниката во изведбата на своите дела. Дури, може да се каже дека вистински поразителен е фактот колку од година во година, се чини дека значително опаѓа квалитетот и на онака малата сцена која во моментов е активна, така што вистинска свежина и надеж влеваат младите и нови автори кај кои уште во самите нивни почетоци се гледа сериозноста во пристапот, тематиката и изведбата на самите дела. А изложбата „Во кревет“ на Мила Добревска беше токму тоа.

Се чини дека самиот наслов и не случајно е одбран, како состојба на најголемо изложување пред туѓата и сопствената вулнерабилност, состојба кога свесното и потсвесното се разминуваат, егото си заминува, по што сме препуштени и оставени на кревкоста на сопственото битие. Од технички аспект, нема сомнеж дека сите творби се издвојуваа со извонредна конзистентност во изработката. Површините беа исполнети со богато колорирани партии, со емотивна обоеност, која на моменти (особено во импастото) оддаваше и помалку- строг амбиент. Камчињата беа рамномерно распоредени по површината, оформувајќи групации одделни сегменти внимателно подредени и групирани во колористички партии кои треперливо се втопуваа едни во други, со димензии кои варираа од само неколку милиметри, до 2, 3, 5 см, толку компактно распоредени, што беше доказ за извонредното чувство на авторката за динамизам. Самата техничка изведба го потврди непосредниот, автентичен карактер на овие творби во кои авторката сликовито ги пренесува сите свои интимни чувства од опкружувањето, претставувајќи ги низ контрастни бои и доминантни текстури кои предочуваа еден прекрасен и незаобиколен наниз од идеи, во кои се гледа дека доаѓа до израз интересирањето и влијанието за надворешната форма, која во одредени моменти сѐ уште ја следи академската постапка на компонирање. Зачудувачки беше да се види колку делата вистински ,,зрачеа“ со емотивна исполнетост и страст помешана со блага поетичност во магловитата дефинираност на фигурата. Изборот на елементи, комбинациите бои, како и експресивните потези со четка присутни на платната, севкупно нé пренесоа во уникатните визуелни сценарија создадени од свеста, потсвеста и истражувањата на младата авторка во туѓите и сопствените емоционални расположенија, отворајќи за нас непознати хоризонти од нејзината имагинација, која останува само да видиме како ќе се развива во иднина.

Ангела Витановска, историчар на уметност  
29 септември 2022